Лажеа за Авганистан. Лажеа за Ирак. Сега лажат за Украина.

July 5, 2023
5 mins read

Не се менува скриптата што воените макроа ја користат за да нè намуваат во едно по друго воено фијаско како Виетнам, Авганистан, Ирак, Либија, Сирија и сега Украина:

„Слободата и демократијата се загрозени. Злото мора да се победи. Човековите права мора да бидат заштитени. Судбината на Европа и НАТО, заедно со ‘меѓународниот поредок заснован на правила’ е во прашање. Победата е сигурна“.

Оправдувањата и наративите се раскринкаа како лаги. Веселите  прогнози се лажни. Тие во чие име наводно се бориме се исто толку кварни како и оние против кои се бориме.

Руската инвазија на Украина беше воено злосторство, иако беше испровоцирано од проширувањето на НАТО и од американската поддршка за државниот удар „Мајдан“ во 2014 година, со кој беше соборен демократски избраниот украински претседател Виктор Јанукович. Тој сакаше економска интеграција со Европската унија, но не на сметка на економските и политичките врски со Русија.

Војната ќе се реши само преку преговори кои ќе им овозможат на етничките Руси во Украина да имаат автономија и заштита на Москва, како и украинска неутралност, што значи дека земјата не може да се приклучи на НАТО. Колку подолго се одложуваат овие преговори, толку повеќе Украинците ќе страдаат и ќе умираат. Нивните градови и инфраструктура ќе продолжат да се претвораат во урнатини.

Но, оваа прокси војна во Украина е дизајнирана да им служи на американските интереси. Да ги збогатува производителите на оружје, да ја ослабува руската војска и да ја изолира Русија од Европа. Што се случува со Украина е ирелевантно.

„Прво, опремувањето на нашите пријатели на фронтот да се бранат сами е многу поевтин начин – и во долари и во американски животи – за деградирање на способноста на Русија да им се заканува на САД“, призна лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел.

„Второ, одбраната на Украина нè учи на лекции како да ја подобриме одбраната на партнерите на кои им се заканува Кина. Не е изненадување што високи функционери од Тајван толку ги поддржуваат напорите да ѝ се помогне на Украина. Трето, најголемиот дел од парите за безбедносната помош во Украина всушност не одат во Украина. Се финансира ново оружје и муниција за САД, вооружените сили да го заменат постариот материјал што ѝ го дадовме на Украина. Дозволете ми да бидам јасен: оваа помош значи повеќе работни места за американските работници и ново оружје за американските војници“.

Откако вистината за овие бескрајни војни ќе навлезе во јавната свест, медиумите кои ропски ги промовираат овие конфликти, драстично го смалуваат интересот. Воените дебакли како во Ирак и Авганистан, продолжуваат главно надвор од видокругот. До моментот кога САД ќе признаат пораз, повеќето едвај се сеќаваат дека овие војни се воделе.

Воените макроа кои ги оркестрираат овие воени фијаска мигрираат од администрација до администрација. Помеѓу две државни функции, тие се сместени во тинк-тенкови – Project for the New American Century, American Enterprise Institute, Foreign Policy Initiative, Institute for the Study of War, The Atlantic Council and The Brookings Institution – финансирани од корпорации и воената индустрија.

Кога војната во Украина ќе дојде до неизбежниот епилог, тие веќе ќе се обидуваат да запалат војна со Кина. Американската морнарица и војска веќе ја опкружуваат Кина. Господ нека ни е на помош ако не ги спречиме.

 Овие макроа на војната нè наведуваат во еден по друг конфликт со ласкави наративи кои нè прикажуваат како спасители на светот. Не ни мора да бидат иновативни. Реториката се зема од старата скрипта. Наивно ја голтаме мамката и го прегрнуваме знамето – овој пат сино/жолто – за да станеме несвесни агенти во нашето самозапалување.

Од крајот на Втората светска војна, владата трошела од 45 до 90 проценти од федералниот буџет за минати, сегашни и идни воени операции. Тоа е најголемата постојана активност на американската влада. Престана да е важно – барем за воените макроа – дали овие војни се рационални или разумни. Воената индустрија метастазира во утробата на американската империја за да ја издлаби одвнатре. САД се критикувани во странство, се дават во долгови, имаат осиромашена работничка класа, распадната инфраструктура и неквалитетни социјални услуги.

Нели руската војска – поради лошиот морал, слабиот генералштаб, застареното оружје, дезертерството, недостатокот на муниција (што наводно ги принудуваше војниците да се борат со лопати) и дупките во снабдувањето – требаше да пропадне пред неколку месеци? Нели Путин требаше да биде срушен од власт? Зарем не беа санкционирани да ја втурнат рубљата во смртна спирала? Нели отцепувањето на рускиот банкарски систем од SWIFT, меѓународниот систем за трансфер на пари, не требаше да ја осакати руската економија? Како тоа сега стапките на инфлација во Европа и САД се повисоки отколку во Русија?

Зарем скоро 150 милијарди американски долари во софистициран воен хардвер, финансиска и хуманитарна помош од САД, ЕУ и 11 други земји не требаше да го свртат текот на војната? Како тоа можеби една третина од германските и американските тенкови, со руски мини, артилерија, противтенковско оружје, воздушни напади и проектили брзо се претворија во јагленисани парчиња метал уште на почетокот на фалената контраофанзива? Зарем оваа најнова украинска контраофанзива, која првично беше позната како „пролетна офанзива“, не требаше да ги пробие силно утврдените линии на фронтот на Русија и да врати огромни делови од територијата? Како можеме да ги објасниме десетиците илјади украински воени жртви и принудното регрутирање од страна на војската на Украина? Дури и нашите пензионирани генерали и поранешни функционери на ЦИА, ФБИ и НСА, кои служат како аналитичари на мрежи како што се CNN и MSNBC, не можат да кажат дека офанзивата успеала.

А што е со украинската демократија за која се бориме да ја заштитиме? Зошто украинскиот парламент ја повлече официјалната употреба на нмалцинските јазици, вклучително и рускиот, само три дена по државниот удар во 2014 година? Како да ја рационализираме осумгодишната војна против етничките Руси во Донбас пред руската инвазија во февруари 2022? Како да ги објасниме убиствата на над 14.200 луѓе и расселувањето на 1,5 милиони пред Русија да стапне на украинска територија?

Како да ја браниме одлуката на Зеленски за забрана на единаесет опозициски партии? Како да ја прифатиме забраната на овие опозициски партии – од кои многу се левичарски – додека Зеленски им дозволува на фашистите од партиите Свобода и Десниот сектор, како и баталјонот Азов и другите екстремистички милиции да процветаат?

Како да се справиме со антируските чистки и апсења на наводните „петоколонаши“ во Украина, имајќи предвид дека 30 отсто од жителите на Украина зборуваат руски? Како реагираме на неонацистичките групи поддржани од владата на Зеленски, кои ја вознемируваат и напаѓаат ЛГБТ заедницата, ромското население, антифашистичките протести и им се закануваат на членовите на градските совети, медиумите, уметниците и странските студенти? Како можеме да ја оправдаме одлуката на САД и нивните западни сојузници да ги блокираат преговорите со Русија, иако Киев и Москва очигледно беа на работ на мировен договор?

Известував од Источна и Централна Европа во 1989 година за време на распадот на Советскиот Сојуз. Мислевме дека НАТО веќе е непотребен. Горбачов предложи безбедносни и економски договори со Вашингтон и Европа. Државниот секретар Џејмс Бејкер во администрацијата на Роналд Реган, заедно со западногерманскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер, го уверуваа Горбачов дека НАТО нема да се шири надвор од границите на обединета Германија. Наивно мислевме дека крајот на Студената војна значеше дека Русија, Европа и САД повеќе нема да мора да пренасочуваат огромни ресурси кон нивните војски.

Ако Русија не сака да биде непријател, Русија ќе биде принудена да стане непријател. Воените макроа ги регрутираа поранешните советски републики во НАТО, прикажувајќи ја Русија како закана. Земјите што се приклучија на НАТО, како Полска, Унгарија, Чешка, Бугарија, Естонија, Латвија, Литванија, Романија, Словачка, Словенија, Албанија, Хрватска, Црна Гора и Македонија, ги реконфигурираа своите воени сили, често преку десетици милиони долари заеми од западот, да станат компатибилни со воениот хардвер на НАТО. Ова им донесе милијарди профит на производителите на оружје.

На сите им беше јасно дека по распадот на Советскиот Сојуз, проширувањето на НАТО во Источна и Централна Европа е непотребна и опасна провокација. Немаше никаков геополитички резон. Но, имаше комерцијална смисла. Војната е бизнис.

Руската инвазија на Украина немаше да се случи доколку западната алијанса ги испочитуваше своите ветувања дека нема да го прошири НАТО надвор од границите на Германија, а Украина останеше неутрална. Воените макроа ги знаеја потенцијалните последици од проширувањето на НАТО. Меѓутоа, војната е нивна единствена вокација, дури и ако води до нуклеарен холокауст со Русија или Кина.

Воената индустрија, а не Путин, е нашиот најопасен непријател.

Крис Хеџис

ИЗВОР: off.net.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Почина писателот и фотограф Владимир Плавевски

Следно

Трагедија: Сопственикот на Милвол загина во сообраќајна несреќа

Latest from Blog

Денот на албанското знаме во Скопје се прослави рафално, во Приштина и Тирана, достоинствено

Во Македонија се случи еуфорична прослава на албанско знаме, каква што немаше ниту во Косово ниту во Албанија. Тамошните граѓани, Денот на албанското знаме го прославија достоинствено. Во Тирана по повод 112

Македонија со убедлив пораз од Шведска го започна ЕП за ракомтарки

Женската ракометна репрезентација на Македонија со убедлив пораз од Шведска го почна настапот на Европското првенство, загубивме со 28-18. Македонските ракометарки имаа добар старт на мечот, поведовме и со 3-1, следуваше серија

Хаџи Јанев: Девастација на целиот систем 30 години, сите доајени на политикава се однесувале несоодветно

Во однос на состојбата во скривниците и нивното одржување, вечерва во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 проговори и проф. Методи Хаџи Јанев. Тој вели дека има девастација на целиот сектор речиси
Go toTop