Кремљ ја обвини Украина дека намерно ја саботирала браната „Нова Каховка“ за да го одвлече вниманието од „колебливата“ контраофанзива

1 min read

Портпаролот на Кремљ рече дека уништувањето на браната било со намера да се отсече Крим од снабдувањето со чиста вода што полуостровот, кој во 2014 беше анектиран и е под контрола на Москва, ја добива од акумулацијата преку северниот кримиски канал и да го одвлече вниманието од „колебливата“ контраофанзива на украинската армија

По обвинувањата на Киев дека руските сили ја уништиле браната „Нова Каховка“ на реката Днепар, со реакција се јави официјален Кремљ, кој обвини дека станува збор за намерна саботажа извршена од Украина за да се одвлече вниманието од неуспешната контраофанзива против руските сили, пренесе Ројтерс.

„Можеме недвосмислено да кажеме дека станува збор за намерна саботажа од украинска страна“,

изјава за новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков/Фото: Архива

Тој додаде дека претседателот Владимир Путин бил информиран за ситуацијата.

Портпаролот на Кремљ рече дека уништувањето на браната било со намера да се отсече Крим од снабдувањето со чиста вода што полуостровот, кој во 2014 година беше анектиран и е под контрола на Москва, ја добива од акумулацијата преку северниот кримски канал и за да го одвлече вниманието од „колебливата“ контраофанзива на украинската армија.

„Очигледно, оваа саботажа е поврзана и со фактот дека, откако започнаа големи офанзивни дејствија пред два дена, сега украинските вооружени сили не ги постигнуваат своите цели – овие офанзивни дејства се колебливи“.

рече Песков.

Прашан за украинските наводи дека Русија стои зад уништувањето на браната, портпаролот на Кремљ категорично ги отфрли ваквите обвинувања.

„Можеме силно да го отфрлиме ова. Официјално изјавуваме дека овде дефинитивно зборуваме за намерна саботажа од украинска страна“,

изјави портпаролот на Кремљ.

Тој посочи дека саботажата може да има многу сериозни последици за неколку десетици илјади жители во регионот.

Претходно денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски објави видеоснимка од уништената брана при што руските сили ги нарече терористи, а шефот на украинската дипломатија случајот со браната „Нова Каховка“ кај Херсон го оцени како најголема технолошка катастрофа во Европа во последните децении.

Уништувањето на браната денеска го осуди и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој рече дека тоа ја покажува бруталноста на руската војна во Украина.

„Денешното уништување на браната ‘Нова Каховка’ става во опасност илјадници цивили и предизвикува голема штета на животната средина. Ова е безобразен чин, кој уште еднаш ја покажува бруталноста на руската војна во Украина“,

напиша Столтенберг во објава на Твитер.

Локалното население веќе се евакуира, а украинското Министерство за внатрешни работи објави дека околу 16 000 луѓе би можеле да бидат погодени од поплавата.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Туркије: Новиот состав на Кабинетот денес го одржува својот прв состанок

Следно

ПСЖ го отпушти Галтие

Latest from Blog