Последниве години за Вашингтон станува проблематична отпорноста на државите кон санкциите, посебно кај оние што со децении се под санкции и нивната способност да го истрпат притисокот.
Откако САД решаваат да направат преседан и да го исклучат Иран од СВИФТ банкарскиот систем, држави како Русија и Кина веднаш се дадоа на создавање и воведување на сопствена алтернатива на СВИФТ. Кога во 2014 западните држави почнуваат со економски санкции против Русија заради анектирањето на Крим, Москва се фокусира на постигнување економска автономија, и работи на истото се до почетокот на војната во Украина. Сличен резултат имаше и американското ембарго на извоз на технолошки производи во Кина, главно чипови, по што земјата го приоретизира создавањето на домашна алтернатива.
„Овие три епизоди доведоа до создавање на нов феномен: отпорност кон санкции. Моќта на САД да наметне санкции кон другите држави потекнува од доминантноста на доларот и контролата што земјата ја има врз глобалните финансиски канали.
Затоа е логично непријателите на САД да бараат финансиски иновации за потиснување на овие предности на САД. Се повеќе такви држави се користат со договори за размена на валути, алтернативи на СВИФТ и дигитални валути,“ пишува Агате Демарис во текстот за Форин полиси.
Околу претерувањето со санкциите предупредува Бил Клинтон уште во 1998, кога изјавува дека САД станале премногу брзи со воведување санкции, и дека е загрижен дека „државата е во опасност да изгледа како да сака да го санкционира секого што не се согласува со нас.“
Еден од начините на кој стануваат имуни на санкциите е размената на валути во која централните банки директно се поврзуваат една со друга, елиминирајќи ја потребата од користење трета валута за трговија. Кина денес има вакви договори со над 60 држави, кои се со тежина од речиси 500 милијарди долари, па ако дојде зорт земјата може да ги заобиколи американските финансиски канали.
Во 2020 за прв пат половина од трговијата со Русија, Кина ја плати во валута што не е долар. Истата година Шангајската организација за соработка, во која учествуваат Кина, Индија и Русија, го приоретизира плаќањето во локална валута заради заобиколување на американскиот долар и санкции.
Кога во 2019 Индија го купува С-400 одбранбениот систем од Русија, сумата од 5 милијарди долари, наместо во американската валута беше платена преку договор за размена на валута меѓу Москва и Делхи, кој е потпишан уште во времето на СССР.
Надополнување на размената на валута е создавањето на сопствени системи за плаќање кои го заменуваат СВИФТ глобалниот систем контролиран од Западот. Денес Кина има ЦИПС (Cross-Border Interbank Payment System) кој во 2021 обработува само 12.000 милијарди долари во трансакции, што е обем на работа на СВИФТ за околу 3 дена.
„Меѓутоа самото постоење на ЦИПС е победа за Москва и Пекинг: нивната цел е да имаат функционална алтернатива на СВИФТ, а не најголем систем за плаќање. Тоа што е важно за Русија и Кина е што околу 1.300 банки во повеќе од 100 држави низ светот се имаат приклучено кон системот. Ако Русија и Кина се целосно исклучени од СВИФТ нивниот бекап ќе биде подготвен.
Пекинг еден ден може ќе ги присили компаниите што сакаат да работат на кинескиот пазар да го користат ЦИПС. Со тоа Кина ќе создаде сопствен капацитет за отсекување на држави од плаќања во јуани и од кинеската економија, исто како што САД можат да исклучат држави од плаќања во долари и од американската економија,“ објаснува Демарис.
Третата финансиска алатка што таа ја споменува се дигиталните валути. Така Кина денес има над 300 милиони жители кои користат дигитален јуан во повеќе од 20 големи градови, вклучително Пекинг, Шангај и Шензен. Ова е валута издадена од кинеската централна банка и се наоѓа на мобилните уреди на Кинезите. Најголемиот тест за дигиталниот јуан беше ЗОИ 2022, каде се плаќаше или со него или со Виза картичка.
Дигиталниот јуан е целосно отпорен на санкции и САД нема начин како да го спречи користењето на виртуелна валута издадена од централната банка на друга држава. Досега незапаметените капацитети за следење и контролирање на дигиталниот јуан се еден од дополнителните аргументи во негова корист пред кинеските власти. Кина во 2021 склучи договори за подмирување на извозот со Обединетите арапски емирати и Тајланд во дигитален јуан.
„Секој од овие три алатки посебно не би имал големо влијание врз ефикасноста на американските санкции. Меѓутоа заедно, овие иновации се повеќе им даваат можност на државите да продолжат со трансакции преку канали кои се отпорни на санкции.
И овој тренд изгледа неповратен. Нема причина зошто да се верува дека односите меѓу Вашингтон и Пекинг или Вашингтон и Москва ќе се подобрат во скоро време. Најверојатното сценарио е дека ќе се влошат, што ќе ги натера Пекинг и Москва да ги зголемат своите напори за создавање отпорност кон санкциите,“ објаснува Демарис.
Освен губењето на капацитет за санкционирање, со отворањето на алтернативни финансиски канали САД го губи и капацитетот за следење на нелегални глобални активности, бидејќи нема никаков увид во новите мрежи. И ова важи за сите од трансакции меѓу дилери на дрога и оружје и трансакции до терористички организации, па до трансакции меѓу држави осомничени за развивање на нуклеарно оружје.
Демарис проценува дека иднава деценија САД ќе треба да работи на засилување на своето сојузништво со членките на ЕУ и Јапонија, и нивно координирање во воведување на мултилатерални санкции, кои не би можела да си ги дозволи ни Кина. Нејзиниот предлог е како што има глобална организација за војна против наркотици или за бегалци, да се создаде слична институција чиј фокус ќе бидат санкциите.
„Таква организација ќе ја анализира отпорноста на санкциите со посебен фокус на адаптирање на западните финансиски канали за справување со претстојните предизвици. Исто така ќе ги изучува ефектите на санкциите со посебен фокус на земјите во развој. Кина знае дека одлуката на земјите во развој за приклучување или отфрлање на западните финансиски канали ќе биде клучна за нејзиниот обид за поткопување на американската финансиска хегемонија,“ порачува Демарис.
ИЗВОР: off.net.mk