Копилотот на кобниот лет 691 во Непал пред 16 години го загубила сопругот во авионска несреќа 

2 mins read

Сопругот на Анџу Кативада, која копилотирала со авионот што се урна во неделата во близина на градот Покара, исто така, бил копилот на лет на „Јети ерлајнс“ кога го загубил животот во 2006 година и токму неговата смрт била поттик за Анџу да продолжи со кариеара во авијацијата

Копилотот на авионот што во неделата се урна во Непал го загубила сопругот во авионска несреќа што се случила пред 16 години, пишува Би-би-си. 

Анџу Кативада била копилот на летот 691 на „Јети ерлајнс“ што се урна во клисура во близина на туристичкиот град Покара, а во кој животите ги загибија сите лица во авионот, од кои 68 патници и четворица членови на екипажот, меѓу кои и Кативада. 

Анџу Кативада била една од шесте жени вработени во авиокомпанијата „Јети ерлајнс“ како пилоти и имала зад себе искуство од 6 400 часа поминати во летање/Фото: Би-би-си

Станува збор за најтешката авионска трагедија во земјата во последните три децении.  

Сопругот на Анџу Кативада, според Би-би-си, Дипак Похрел, исто така, бил копилот на лет на „Јети ерлајнс“ кога го загубил животот во 2006 година и токму неговата смрт била поттик за Анџу да продолжи со кариеара во авијацијата. 

Вознемирена од загубата, останата сама со нивното мало дете, тагата на Анџу станала нејзината мотивирачка сила, се наведува во сторијата на британскиот национален сервис. 

„Таа беше решителна жена која се залагаше за своите соништа и ги исполни соништата на својот сопруг“,

изјавил Сантош Шарма, член на нејзиното семејство.  

Нејзиниот сопруг бил во пилотската кабина на авионот со два пропелери, кој додека превезувал ориз и храна во градот Џумла во западниот дел на земјата, се урнал и се запалил, идентично како и авионот што во неделата се урна на само неколку километри од аеродромот во Покара.  

Во трагедијата, која се случила во јуни 2006 година, загинале сите девет лица кои биле во авионот.      

Четири години по неговата смрт Анџу била на пат да стане пилот, надминувајќи многу пречки за да ја заврши обуката во САД, по што станал дел од тимот пилоти на „Јети ерлајнс“. 

Таа била една од шесте жени вработени во авиокомпанијата како пилоти и имала зад себе 6 400 часа поминати во летање. 

 „Таа имаше статус на капетан во авиокомпанијата и извршуваше  соло летови. Таа беше храбра жена “,

изјавил Сударшан Бартаула од „Јети ерлајнс“.  

Анџу подоцна се премажила и добила второ дете, во меѓувреме продолжувајќи да ја гради својата кариера. Пријателите и семејството велат дека таа ја обожавала својата работа и ѝ било задоволство да лета. Тоа што таа и нејзиниот прв сопруг загинаа на овој начин е трагедија во трагедија, пишува Би-би-си. 

Авионската трагедија што се случи во неделата повторно ја врати на површина темата  за безбедноста на авиокомпаниите во хималајската нација, каде што стотици луѓе загинаа во несреќи во последните децении. 

Воздухопловната индустрија во Непал, како што пишуваше Гардијан во неделата, имала економски напредок во последниве години, носејќи стоки и луѓе меѓу тешко достапни области, како и странски туристи и планинари, но, исто така е и на лош глас поради небезбедност, која пред сè се должи на недоволната обука на пилотите и одржувањето на авионите.   

Авион на „Тара Ер“ се урна во мај 2022 година во северниот непалски округ Мустанг, при што загинаа 22 лица.   

На почетокот на 2018 година, 51 лице загина кога авион кој сообраќаше од Дака во Бангладеш се запали при слетувањето во Катманду.  

Европската Унија, како што наведува Гардијан, ги забрани сите авиокомпании од Непал во нејзиниот воздушен простор токму поради загриженост за нивната безбедност. 

Хималајската земја, исто така, има некои од најоддалечените и најнезгодни писти во светот, опкружени со планински врвови покриени со снег и пристапи кои претставуваат предизвик дури и за искусни пилоти. 

Операторите на авиони велат дека Непал нема инфраструктура за точни временски прогнози, особено во оддалечените области со тежок планински терен каде што во минатото се случувале смртоносни несреќи. Дополнителна тешкотија создаваат брзите промени на времето во планините. 

 Сè уште не е јасно што ја предизвикало несреќата што се случи во близина на Покара во неделата. 

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Реконструирани три спортски игралишта во парк шумата Гази Баба 17.1.2023

Следно

Маричиќ: Потребен е сериозен политички консензус за иднината на земјата

Latest from Blog