Градоначалникот на Битола Тони Коњановски и претседателот на РК „Еурофарм Пелистер“ Зоран Стерјев, денеска ставија потписи на договорот со кој продолжува платформата за ракометна Битола.
Нема поголемо задоволство и чест заедно да продолжиме една успешна платформа која во изминатите шест години во три наврати ја продолжуваме, рече на денешното потпишување на платформата градоначалникот Коњановски.

„Отвараме нов период на обострано задоволство. Јас секаде тоа го потенцирам дека ова треба да биде мотив за сите како треба спортот, бизнисот, градот да опстојуваат заедно во една платформа. Голема благодарност и за поддршката од спортската јавност, на новинарите, на медиумите, на граѓаните на Битола, секако и на Чкембарите. Сите задоволни да продолжиме во еден многу светол период со истите и поголеми амбиции понатму, во периодот кој ќе отвори нови врати на ракометот. Овој спортски храм треба да живее и натаму. Ние знаете имаме иницијативи и огромни вложувања во спортот, така што резултатите се видливи и ќе бидат уште подобри“ рече градоначалникот Коњановски.

Претседателот на клубот Зоран Стерјев изрази благодарност во општината, до градоначалникот за досегашната соработка, за периодот во кој како што рече, ја обликуваа натамошната соработка за комплетниот ангажман.
„Оваа платформа можеби ќе биде малку поразлична, од аспект што и досега беше платформа на обединување, меѓутоа овој период покажа дека тоа обединување станува уште поголемо. Кон платформата очекуваме дека ќе се приклучат и други стопански субјекти кои што веќе го најавуваат своето присуство на платформата и тоа е она што посебно радува, што платформата и со својата успешност покажа, докажа дека тоа е, како што кажа и градоначалникот е патот кој треба да го трасираме и патот по кој што треба да се движиме за успех и во спортот и во градот“ рече Стерјев.
Кажа дека амбициите се големи, дека секога година се подигнуваат за одреден степен. Таргетите, како што вели тој, се освојување на сите титули во нашата држава, достојно и квалитетно претставување во европските купови и дека е убеден дека тоа повторно ќе биде Лига на шампиони затоа што овој град, оваа публика, момците кои што се дел од екипата и на крајот сите ние, заслужуваме да останеме еден од 16-те градови каде што се игра најквалитетниот ракомет во Европа, а со тоа и во светот.


