Со положување свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев во дворот на Музејот во Битола беше одбележан 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Почит оддадоа градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на Општина Битола, Сојузот на борците, политички партии и здруженија на граѓани.
Коњановски во својата порака истакна дека празникот потсетува на почетоците на организираната борба на македонскиот народ за независна држава, но и на одговорноста на денешните генерации да придонесуваат за напредокот на Македонија.
„Историската борба на македонските револуционери продолжува да биде наш светол пример и обврска за гордо и истрајно чекорење напред, кон храбро надминување на предизвиците и создавање подобра иднина за генерациите кои доаѓаат“, порача Коњановски.
Одбележувањето беше посветено и на делото на Даме Груев, учител, револуционер и еден од основачите на Македонската револуционерна организација во Солун во 1893 година. Неговиот придонес во ширењето на Организацијата и формирањето на првите револуционерни комитети е поврзан со поставувањето на основите на Битолскиот револуционерен округ.
Коњановски им го честита празникот на граѓаните, со порака за истрајност и заедничка работа за иднината на државата.


