Командатот на КФОР вели дека има голема дипломатска офанзива за смирување на ситуацијата на северот на Косово  

2 mins read

На прашањата на медиумите дали гледа странски елементи во оваа криза или поконкретно дали има сознанија дека Русија се обидува да ја искористи ситуацијата во своја полза, командантот на КФОР посочил дека проблемот е повеќе поврзан со внатрешната динамика, а не со надворешни фактори

Командантот на КФОР, генерал-мајор Анџело Микеле Ристуча денеска изјави дека ситуацијата на северот на Косово и натаму е тензична и покај навидум мирната атмосфера.  

Единиците на КФОР на Косово/Фото: Архива

Тој, како што пренесува РТС, нагласил дека мисијата на НАТО на Косово – КФОР останува посветена на исполнувањето на својот мандат согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и дека НАТО испратила дополнителни војници за да може подобро да се соочи со предизвиците.   

„Тука сме да спречиме влошување на ситуацијата. Сите луѓе на Косово, без разлика на нивната верска и национална припадност, не сакаат да се влоши ситуацијата, туку сакаат да живеат во мир“,

рекол Ристуча на прес-конференција во седиштето на КФОР во Приштина. 

 Решението на проблемот, како што истакнал, го гледа во дијалогот, упатувајќи порака до двете страни (Приштина и Белград) да седнат и да ја деескалираат ситуацијата. 

 „Овде нема воено решение, само политичко…На сцена е голема дипломатска офанзива за да се смири ситуацијата и таа да се врати во нормала“,

изјавил командантот на КФОР. 

 Ристуча посочил дека присуството на силите на НАТО не е условено од временската рамка, туку е единствено условено од околностите на теренот. 

Командантот на КФОР, Анџело Микеле Ристуча/Фото: НАТО-КФОР

 На новинарско прашање дали смета дека КФОР треба да преземе поголема улога на северот на Косово, имајќи предвид дека Србите немаат доверба во косовската полиција, командантот на КФОР посочил дека мандатот на мисијата е да обезбеди сите граѓаните на покраината живеат во мир и дека има непречена слобода на движење. 

На прашањата на медиумите дали гледа странски елементи во оваа криза или поконкретно дали има сознанија дека Русија се обидува да ја искористи ситуацијата во своја полза, командантот на КФОР посочил дека проблемот е повеќе поврзан со внатрешната динамика, а не со надворешни фактори. 

„Кога владее хаос на теренот, има и такви кои би сакале да ја искористат таквата ситуација, но ние сме тука да избегнеме такво сценарио“,

изјавил Ристуча. 

 Тој заклучил дека никој не може да ги избере своите соседи и дека мора да се најде најдоброто решение за сите да живеат во мир, пренесува РТС.  

На смирување на тензиите и враќање на дијалогот меѓу Белград и Приштина денеска повика и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин.  

Тој од двете страни да не преземаат никакви чекори кои би можеле да доведат до ескалација на ситуацијата и ги покани да се вратат на дијалогот за нормализација на односите со посредство на Европската Унија. 

Тензиите на северот на Косово траат од крајот на мај кога локалното српско население, кое сочинува мнозинството во тој регион, се спротивстави на преземањето на должноста на градоначалниците Албанци кои беа избрани на априлските избори кои Србите ги бојкотираа.  

Односите меѓу Приштина и Белград дополнително се заострија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на Србија, минатата недела. Апсења имаше и од косовска страна на локални Срби, од кои последното беше денеска наутро  во општината Лепосавиќ.. Тоа беше повод локалните Срби да излезат на нови протести во Лепосавиќ и Косовска Митровица, кои се одвиваа и завршија мирно со протестна прошетка од Митровица до Звечан. 

Засега нема одговор, ниту од српскиот претседател Александар Вучиќ ниту од премиерот на Косово Албин Курти на поканата од високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел за средба на двајцата лидери во Брисел за смирување на тензиите.  

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

ФМУ за прв пат организира „Creadance Dance: Вечери на класичен и современ танц“ во НОБ

Следно

„Театарот на соништата“ кошмар за Македонија, историски најубедлив пораз од 7:0

Latest from Blog