Кина се противи на принудното раселување на Палестинците од Газа, повикува на прекин на огнот

1 min read

ИСТАНБУЛ (АА) – Кина денес се спротивстави на принудното раселување на Палестинците од опколената Газа, нагласувајќи дека прекинот на огнот „треба да се спроведе како приоритетна цел“, јавува Анадолу.

За време на состанокот со група министри за надворешни работи од клучните земји членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС), кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји рече: „Примирјето повеќе не е дипломатска реторика, туку прашање на живот и смрт за луѓето од Газа.“

Министрите за надворешни работи на Палестина, Саудиска Арабија, Индонезија, Египет и Јордан се сретнаа со кинескиот колега Ванг во Пекинг за да разговараат за ситуацијата во Газа, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.

Дел од делегацијата е и генералниот секретар на ОИС, Хисеин Брахим Таха.

Групата шефови на дипломатии од ОИС, исто така, треба да посети и други престолнини за да побара итен прекин на огнот во Газа.

Кинескиот министер рече дека прекинот на огнот е „потреба на луѓето во Газа… желба на огромното мнозинство земји и едногласен глас на сите мирољубиви луѓе низ светот“.

Повикувајќи на потребата да се почитуваат меѓународното право и меѓународното хуманитарно право, Ванг рече: „Кина се противи на какво било принудно раселување и преместување на палестинските цивили.“

„Израел треба да престане со колективното казнување на населението во Газа и да отвори хуманитарен коридор колку што е можно поскоро за да спречи поширока хуманитарна катастрофа“, рече тој, поддржувајќи ги дипломатските напори на ОИС и арапските нации.

„Секој аранжман што ја вклучува иднината и судбината на Палестина мора да добие согласност од палестинскиот народ и, исто така, мора да одговара на легитимната загриженост на регионалните земји“, рече кинескиот министер за надворешни работи.

Повторувајќи го ставот на Пекинг за Палестина, Ванг рече: „Секое решение за сегашната ситуација не смее да отстапува од ‘решението со две држави’ и треба да биде погодно за регионалниот мир и стабилност.“

„Советот за безбедност на Обединетите нации мора да ги слуша повиците на арапските и исламските земји и да преземе одговорни активности за да ја смири ситуацијата“, рече тој.

„Кина како ротирачки претседавач со Советот за безбедност ќе продолжи да ја зајакнува координацијата со арапските и исламските земји, да изгради консензус и да го поттикне Советот за безбедност да преземе дополнителни важни активности за ситуацијата во Газа“, рече Ванг.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). .

Претходно

Столтенберг во посета на БиХ: „Загрижени сме поради сецесионистичката реторика и надворешните влијанија“

Следно

Новите IQOS ILUMA лансирани во Македонија: За иднина без чад од тутун

Latest from Blog