Киев: Поплавени се 29 градови и села по нападот на браната „Нова Каховка“

1 min read

За рускиот претседател Владимир Путин уривањето на браната „Нова Каховка“ во јужна Украина е варварски чин од страна на Киев. Ова Путин го истакнал за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

ФОТО: EPA-EFE/IVAN ANTYPENKO

Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко денеска соопшти дека нападот на браната „Нова Каховка“ довел до поплавување на 29 градови и села долж реката Днепар.

Клименко на Телеграм објави дека 10 од тие населби се на украинската страна на реката, а уште девет долж левиот брег окупиран од Русија.

Шефот на украинската воена администрација во Херсон, Олександр Прокудин, претходно објави дека Украина, до 13 часот по локално време, евакуирала околу 1 700 луѓе од поплавените подрачја.

За рускиот претседател Владимир Путин уривањето на браната „Нова Каховка“ во јужна Украина е варварски чин од страна на Киев. Ова Путин го истакнал за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Варварскиот чин чија цел беше уништување на хидроцентралата „Нова Каховка“ во регионот Херсон доведе до голема еколошка и хуманитарна катастрофа“,

рекол Путин, според соопштението на Кремљ.

Денеска руската новинска агенција ТАСС пренесе дека најмалку седум лица се водат како исчезнати откако водите од уништената брана „Нова Каховка“ на реката Днепар ги поплавија околните области.

Повеќе од 900 луѓе вчера биле евакуирани од градот Нова Каховка, кој брои околу 45 000 жители. Градот се наоѓа на левиот брег на реката Днепар и е под контрола на Русија.

Претставници на украинските власти претходно соопштија дека повеќе од 40 000 луѓе се под ризик од поплави.

Руските и украинските власти меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на браната, што доведе до поплави кои раселеа илјадници луѓе и оставија стотици илјади без нормален пристап до вода за пиење.

Украинскиот премиер претходно употреби слични зборови, нарекувајќи ја „една од најзначајните еколошки катастрофи во Европа во последните децении“, додека Москва вели дека тоа е терористички чин извршен од украинските сили како дел од нивната контраофанзива.

Браната „Нова Каховка“ е клучна за регионот на Херсон бидејќи обезбедува вода за земјоделците и жителите, како и за нуклеарната централа „Запорожје“. Таа претставува и витален канал кој носи чиста вода на југ до полуостровот Крим, кој во 2014 година беше анектиран и е под контрола на Русија.  

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

Што пишува во Протоколот со Бугарија и заклучоците на Советот на ЕУ: Кога треба да стапат на сила уставните измени

Следно

УЕФА може да ја отстрани Осасуна од Конференциската лига поради местење натпревари во сезоната 2013/14

Latest from Blog