Кацарска се пофали со динамична и успешна година за Уставен и ги искара партиите оти немаат волја за воведување уставна жалба

8 mins read

Кацарска во своето обраќање се осврна на два главни сегменти – квалитативните и квантитативните елементи, односно статистички податоци за работата на Судот и иницијативата за воведување уставна жалба, чие донесување би требало да им помогне на граѓаните во остварувањето на своите права и слободи

Оваа година, од која остануваат уште пет дена, Уставниот суд, според Кацарска, имал и поголем број примени иницијативи од просекот во изминатите пет години, што според претседателката на Судот е показател дека граѓаните се сè повеќе информирани и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок

Динамична и плодна. Вака претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, ја оцени работата на Судот за годината која изминува на прес-конференцијата која ја свика токму по овој повод.

Претседателката на Уставниот суд на РС Македонија, Добрила Кацарска, на денешната прес-конференција / Фото: „360 степени“

И овој пат во своето обраќање таа не изостави да го подвлече, како што рече, горливото прашање што Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав бидејќи процедурата е заглавена во Собранието.

„На крајот сме од една година којашто во уставно-судската хроника ќе се забележи како динамична и плодна. 2023 година ја бележиме како година на ажурно работење на Уставниот суд, транспарентна и година со интензивна меѓународна агенда од која ќе ги ползуваме придобивките и во иднина. Трета година по ред се обраќам од оваа говорница во Уставниот суд и, за жал, и овој пат не можам да го изоставам горливото прашање на непополнетиот состав на Судот. Поместување има од последното мое обраќање, но сè уште недостасува еден судија, ако се знае дека од пред нецел месец  Собранието го избра осмиот судија“,

рече Кацарска на почетокот на своето обраќање.

Во овој контекст таа посочи оти е факт дека некомплетирањето на судскиот состав имал тенденција да се одрази врз работата на Судот, но успеале, како што додаде, да изменаџираат тоа да биде нијанса којашто речиси и да нема големо влијание.

Иако работеле со кусок судии, со дополнителни напори, успеале да ги надминат и сопствените проекции и во годината што изминува да одржат рекорден број на седници – 46, што, вели претседателката на Уставен, не било случај во последните 22 години.

Кацарска во своето обраќање се осврна на два главни сегменти – квалитативни и квантитативните елементи, односно статистички податоци за работата на Судот и иницијативата за воведување уставна жалба, чие донесување би требало да им помогне на граѓаните во остварувањето на своите права и слободи.

Оваа година, од која остануваат уште пет дена, Уставниот суд, според Кацарска, имал и поголем број примени иницијативи од просекот во изминатите пет години.

За претседателката на Уставен, тоа е знак дека граѓаните се сè повеќе информирани за овој суд и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок.

„До денеска се примени 210 иницијативи во Уставниот суд и оваа бројка отскокнува од просекот во изминатите пет години кој се движи меѓу 130-170, ако се исклучи 2020 година кога поради ковид-пандемијата беа оспорени стотици уредби на Владата кои што се однесуваа на преземените мерки. Оваа бројка од 210 нови иницијативи и уште седум барања за заштита на слободи и права е векторот што нам ни носи информација дека граѓаните се сè повеќе информирани за Уставниот суд и стануваат свесни за неговата улога и значење во нашиот правен поредок“,

рече Кацарска.

Најголем број иницијативи годинава пристигнале од граѓани

Најголемиот број од иницијативите или околу 60 отсто или 127 иницијативи пристигнале токму од граѓани од целата држава. Петнаесет предмети биле оформени по иницијативи на различни општини, седум биле иницирани од политички партии, а 18 се на иницијатива на здруженија на граѓани.

„Овој состав на Уставниот суд по сопствена иницијатива отвори 5 предмети само во 2023 година, што е значително висока бројка, ако се земе предвид дека во последните 22 години имало вкупно 12 поведувања на постапки, отворени самоиницијативно“,

рече Кацарска.

Седница на Уставниот суд (Илустративна фотографија) / Фото: „360 степени“ (Архива)

Во изминатите 12 месеци, како што рече, уставниот суд решил 186 предмети.

„Во оваа насока, значајно е да се потенцира дека меѓу нив се предмети кои биле формирани последните пет години, што значи Уставниот суд годинава реши околу 30 предмети коишто останале од други судии и од мандатот на претходните двајца претседатели. Најстариот предмет што е решен оваа година е од 2018 година. Уставниот суд донесе 25 одлуки со кои беа укинати 9 одредби од закони. Дел од нив беа проследени со голем интерес во медиумите и јавноста, како што е укинувањето на член од Законот за Судски совет со којшто се ограничуваше претседател на Судскиот совет да биде избран само од членовите избрани од Собранието, а не и од редот на судиите, потоа членови од Законот за плати и надоместоци на избраните и именувани лица, повеќе одредби од Законот за градење, членови од Законот за средното образование со кои се правеше дискриминација на средношколците од приватните училишта при користењето на јавен превоз итн“,

наброи дел од одлуките Кацарска.

Како најголем предизвик за Судот таа ги посочи барањата за слободи и права на граѓаните. Годинава такви престигнале седум, а биле решени 15, вклучувајќи ги и оние од пред 2023 година.

„Повреда е утврдена само во случајот кај новинарот од Фокус, кој сметал дека со пресудите од Граѓанскиот и Апелациониот суд, му е направена повреда на неговата слобода на изразување на мислата за време настаните од 27 април 2017 година. Овие статистики никогаш и во минатото не биле поразлични, што значи мораме многу повеќе како држава, не само како Суд да работиме во овој дел и да бараме проширување на нашите надлежности“,

рече претседателката на Уставен.

Кацарска: Не гледам волја кај политичките партии за воведување уставна жалба

Во тој контекст, таа премина на вториот сегмент од обраќањето посочувајќи дека 2023 година нè донесе до заклучок дека итно е потребно воведување на уставна жалба за граѓаните.

„Ова е порака до политичарите, апел до сите политички партии и пратеници, овозможете им на граѓаните за сите слободи и права да се обратат до Уставниот суд, наместо правдата да ја бараат во Стразбур, нешто што ја чини државата и даночните обврзници парични средства, но и нарушен углед. Граѓаните ќе ги препознаат заложбите, затоа што уставна жалба значи дека секој да ги ужива сите права од Уставот и да бара да му се заштитат пред Уставниот суд кога e сторена повреда, без оглед на политичка, етничка или било која друга припадност. Поддршка добивме од претседателот на државата Стево Пендаровски, а министерот за правда Кренар Лога преку медиумите изјави дека ја поддржува идејата за уставна жалба. Не треба да се пропушти да се каже дека и дел од меѓународните претставници изразија поддршка за воведување на овој правен инструмент“,

рече Кацарска додавајќи оти се надева дека сите останати чинители во државата ќе дадат сериозен пристап кон ова прашање.

Сепак, одговарајќи на новинарско прашање на темата, претседателката на Уставниот суд рече оти не гледа политичка волја кај пратениците да се дискутира и да се воведе овој правен инструмент, за што е потребна амандманска интервенција во Уставот.

„Само во два наврати нашето Собрание дискутирало за воведување на уставна жалба. Чинам дека еднаш разговарале првично во 2005 година и вториот пат во 2015 година. Од тогаш замре таа дискусија. И никој не е заинтересиран за уставната жалба освен што јас сега постојано ја споменувам. Не очекувам дека пратениците би седнале пред избори, во никој случај, но не знам зошто не очекувам и после тоа да седнат и да се договорат. Некако договорите помеѓу политичките партии одат само кога имаат нивни интерес, барем јас така го перципирам она што се случува во државата. Овде, бидејќи е ова интерес на сите граѓани, некако како да не сакаат со тоа да се ангажираат. Но, се надевам дека еден ден сепак ќе мора да седнат на заедничка маса и ова да го решат. Ако ништо повеќе на тој пат што го одиме кон Европа еден ден ќе го побараат и ова како услов од нас. И тоа ќе зависи само од нас, нема да можеме да се вадиме на ништо друго“,

рече Кацарска.

Иницијативите за оценување на законитоста и уставноста на Законот за јазици, оној за „Бехтел и Енка“, за матична евиденција, беа меѓу оние за кои претседателката даде информации за тоа во која фаза се и кога очекува да се најдат на дневен ред или да биде донесена конечна одлука.

Во врска со Законот за јазиците, таа кажа дека летоска на колегиум било договорено тој да се најде на дневен ред во октомври. Но, како што рече Кацарска, судијата кој работи на овој предмет сè уште не го доставил до неа за да го стави на седница.

„Имавме заклучок некаде во септември да се извади предметот за Преспанскиот договор и тоа го направивме. Законот за јазици, тој предмет требаше да биде на почетокот или до средината на месец октомври. Јас немам надлежност да се мешам во работата на судиите и тоа го правам. Но, со оглед да судијата не ми го дал сè уште предметот да го ставам на седница, во два наврати го повикував тој судија кај мене и го прашав што е проблемот што постапува спротивно на заклучокот од колегиумот. Кажа дека ѝ треба повеќе време за да го проучи и при една од тие средби чинам рече дека за дваесетина дена ќе ми го даде предметот за да го ставам на седница. До денес од страна на судијата не ми е даден тој предмет и затоа не е ставен на седница. Зошто не е доставен до мене тоа јас не би можела да ви одговорам“,

рече претседателката на Уставен.

За иницијативата што до уставен за контроверзните измени на Кривичниот законик го поднесе пратеникот Павле Трајанов, претседателката на Уставен рече дека предметот се работи, а каква ќе биде неговата судбина не би можела да каже.

„Инаку, мојот став за тој закон јас го кажав јавно и ќе го повторам. Апсолутно не се согласувам со тој закон и веќе ја гледаме штетата“,

изјави Кацарска.

За Законот за матични книги, исто така, кажа дека не може да каже која ќе биде конечната одлука додавајќи оти се надева дека одлуката ќе биде брзо донесена бидејќи за него веќе е поведена постапка.

„Значи ние се обративме, во смисла да добиеме мислење преку мрежата на уставни судови, преку Венецијанската комисија. Ние сме единствената земја, каде што националноста се внесува во тие изводи, дури и во извод на умрените треба некој да каже како се чувствувал покојниот. Тоа е парадокс навистина, се работи за лично чувство. Националноста е исклучиво лично чувство и има повеќе земји коишто ни доставија одговор, на пример Германија Лихтенштајн, Косово, Летонија, Хрватска, Шведска, Литванија, Мексико, Полска, Словачка, значи никаде не е предвидено националноста како задолжително произнесување на оној којшто бара извод. И токму затоа и ние поведовме постапка“,

рече Кацарска.

Прашања зошто сè уште нема одлука за иницијативата за законот за „Бехтел и Енка“, конзорциумот кој треба да ги автопатите од коридорите 8 и 10-д, а која се однесува на работните часови на ангажираните работници, Кацарска рече дека според информацијата што ја добила од советникот на Судот веднаш по новогодишните празници тој ќе биде доставен од судијата и очекува многу брзо да се стави на дневен ред.

„Нема предмет што се чува тенденциозно, особено кај мене. Како ги доставуваат готовите реферати јас веднаш ги ставам на првата наредна седница, освен ако достават многу предмети па не може за една седница се насрочуваат за првата седница после тоа, а кога ги подготвуваат судиите и како, тоа веќе не зависи од мене“,

додаде претседателката на Уставен.

За една од одлуките на Уставниот суд, кој ја одбележа оваа година, укинувањето на два члена од Законот за плати на функционерите, Кацарска на прашањето дали од сегашен аспект можеби требало да се внимава на последиците што ќе ги предизвика, рече дека финансиските импликации не се надлежност на Уставниот суд.

„Со тој закон повеќепати слушнав дури и од некои новинари дека уставните судии ги покачија платите. Не. Уставниот суд ниту покачува ниту намалува плати, но таму се работеше за една исклучително неуставна одредба. Имате член во законот за плати на избрани и именувани лица каде што е кажано на кој начин се пресметува платата – просечната плата од изминатата година со коефициентот согласно функцијата што ја извршува некој. Од 2010, колку што се сеќавам па 2011, 2012  година пратениците почнале да носат измени без да навлезат во основниот член, без да го изменат тој начин на пресметка, туку наместо просечна плата ставале некои износи. И некои од тие измени беа со рок на важност од една година. Сè е тоа неуставно. Е тука, Судот водеше сметка, иако не треба, за тоа колку ќе ја чини државата. Затоа што ова беше класичен пример за поништување на одредба. Меѓутоа ако ние ја поништевме таа одредба, сите сегашни и поранешни функционери за период од три години, бидејќи рокот за застареност во овие барања е три години, бидете убедени дека ќе поднесеа тужби. Тоа ќе беа милионски суми за државата. Тука се одлучивме за укинување, а не за поништување. Но пак ќе ви речам, и да гледаме дека ќе има финансиски импликации врз Буџетот, ние не можеме да речеме дека Судот нема да поведе постапка поради тоа што ова ќе ја чини многу државата ќе има негативни последици врз буџетот. Немаме таква надлежност“,

рече претседателката на Уставниот суд на денешната прес-конференција.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Утврден текстот на Предлог-националната стратегија за развој на културата до 2027 година

Следно

Деветти протест на српската опозиција, се бара ослободување на уапсените по иницидентите од викендот

Latest from Blog