Во присуство на многубројни гости од културната и академската сфера, читатели и претставници на медиумите, вчеравечер (6 јуни), во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје се одржа промоцијата на новата стихозбирка „На врв на јазикот“ на академик Катица Ќулавкова. Модераторката на настанот и уредничка на книгата, Оливера Ќорвезироска, го почна ова поетско претставување со интерпретација на стиховите од насловната песна во книгата – „На врв на јазикот“.
Таа истакна дека книгата, иако е ново дело, заслужено се најде во едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, придружувајќи се на великаните: Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Петре Бакевски… Во чие друштво припаѓа писателката Ќулавкова.
Промоторката на книгата, проф. д-р Наташа Аврамовска, во својот осврт кон книгата рече:
Своите првични импресии од најновата поетска книга на Катица Ќулавкова ги насловив „Коприна од светлини и сенки“. Не само поради постојано отворениот дијалог на сонцето и месечината, кои секогаш одново во стиховите на оваа книга се допираат во сите валери на нивните симболички значења и конотации. Пред сè, коприна поради суптилноста на изведбата на нивната постојана измена во надмоќта, превласта над значењата на песната, но измена што се одвива на еден длабоко лирски начин, кој замајува и маѓепсува како ритмичката, но истовремено и длабоко вознемирувачка, исконски драматичната измена на приливот и одливот… Се пее под насловот „На врв на јазикот“, под еден навидум значенски утврден и закостен идиом во македонскиот јазик, кој всушност овде крие „триста чуда и врагови“ на смислата и двосмислата и во него и во секоја одделна песна, како впрочем и во песните вброени во циклусот „Забранета љубов“. Секоја одделна песна во оваа книга отвора нови хоризонти на смислата, на векувањето во историјата и сегашноста, но и во светот на симболичките значења во кои и името и изрекувањето се свети затоа што се светотворни. Тој новоизнајден лирски јазик, таа коприна исткаена од светлини и сенки, со елегичен призвук што го определив како тежиште или котва на пеењето, е отворен уште со првата песна „Нежно на залез“. Суптилно загатната во меланхоличната интонација, разгалувајќи ја душата во палетата на благиот отсјај на западното сонце меѓу небото и земјата (парафразирано), леко и лирски, автопоетично е уведен просторот на втемеленоста на поетската доживелица и оттаму пеење или изрекување, не само во оваа песна туку, според моето видување, и доминантно во книгата – истакна таа и прочита дел од стиховите од збирката.
Книгата содржи 40 песни, поделени во седум циклуси: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба.
„На врв на јазикот“ ја опева мојата приврзаност за она што го замислувам како свој прв мајчин и татков Дом, мој и на мојот син, моето чедо. Главен предзнак на тој дом е „придавката“ македонски: македонскиот јазик, македонското поднебје, македонското минато, обредите, обичаите, верувањата и народните преданија на Македонците. Тој Дом е навидум мал и затворен, суштински огромен и отворен поглед кон светот. Во него се прекршуваат разни светови, исто како што тој се прекршува во разни други светови, сеќавања, соништа, заблуди и предрасуди. Можеби остава впечаток дека е посесивен, ама тој впечаток е лажен. Се работи за потреба од „тло под нозете“, за „сопствена соба“ – истакнува Ќулавкова.
За значењето на насловот на книгата и за процесот на создавање на песните, таа рече:
Поезијата произлегува од состојбата кога сме на работ, кога сме некаде помеѓу реалноста и фикцијата или имагинацијата. На работ меѓу реалноста, која ни допушта да останеме на тлото, да останеме живи и таму каде што сме, и (од друга страна) амбисот или другиот / отаде свет. Тие гранични состојби, гранични идентитети, отсекогаш ме интересирале, во секоја смисла: јазични, стилски, природни, физички… Живееме во свет што го упростуваме со нашата визија дека светот е она што го гледаме овде и тоа што се случува во овој простор. Но, всушност, нашиот свет е една мала рефлексија на вселената, на универзумот, на нешто многу побесконечно отколку што човековиот разум може да го сфати сега. Она што се обидов во оваа книга да го напишам и затоа го сметам за едно ризично движење во мојата поетика е дека не ја избегнувам нашата стварност – лична, општествена или историска. Тие се рефлектираат врз мојата свест… Песните се инспирирани од мојот живот и од животот што го гледам во Македонија – прекршени преку моите чувства, мојата свест, имагинација, им давам нова димензија. Дел од песните ги создадов спонтано, лежерно, но има песни што го покажуваат мојот истражувачки дух, во кој треба некои случувања поетот да ги преживее во себе, како да се негови и дел од неговиот јазик… Е, тука настанува тој проблем со врвот на јазикот. Би нагласила дека во нашиот јазик, не постои – дно на јазикот како идиом. Се употребува изреката врв на јазикот, мислејќи на нешто што сакаме да го кажеме, но не можеме да се сетиме во моментот. Така е и со поезијата – во неа авторот трага по правилните стихови… Што се однесува до стиховите што покажуваат лично емоции, мислам дека поезијата не губи ако препознаеме некаков допир со некои лични ситуации. Едноставно, песната треба да биде како полна месечина! Не смее да биде празна, без значење, за да се чуди читателот на која тема пишувал поетот и да се изгуби во магла. Песната треба да биде некој чин на целосна игра, на транспозиција на сон, а може преку неа да се искажуваат лични, но и колективните чувства… Во книгата искажувам емоции и грижа за нега на јазикот. На нашиот јазик му треба нега, особено сега. Поезијата дава можност, налага од поетот да го извлече максимумот од поврзувањето на зборовите од песната, во смисла, ритам, слика, созвучност, музикалност, имплицитност на чувства и пораки – рече Ќулавкова и прочита неколку песни.
Катица Ќулавкова (Велес, 21.12.1951) е поет, есеист, теоретичар, раскажувач, препејувач и антологичар. Редовен професор (во пензија) по теорија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (Катедрата за општа и компаративна книжевност). Ќулавкова е редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици (албански, англиски, бугарски, италијански, португалски, романски, руски, словенечки, српски, турски, француски, хрватски, црногорски, шпански). Има објавено над 40 авторски книги поезија, огледи и раскази, како и дваесетина приредени антологии, хрестоматии и критички изданија. Раководела со повеќе републички и меѓународни истражувачки проекти. Основач е на е-списанието за компаратистика „Мираж“ и на мултијазичната колекција „Разноликост“ на Меѓународниот ПЕН, а претседавала шест години и со неговиот Комитет за превод и јазични права. Добитник е на највисоката државна награда за животно дело на Македонија „11 Октомври“, како и на многубројни награди за поезија, критика и есеистика во земјата и во странство.
Книгата „На врв на јазикот“ е достапна во сите поголеми книжарници, во „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
ИЗВОР: republika.mk