Како животот да ми беше лага – битката на Мирјана од дома до Стразбур

May 15, 2024
4 mins read

Отсекогаш се сомневав дека сум посвоена. Потајно посакував тоа да не е вистина, го потиснував во себе. Се борев со самата себе бидејќи не сакав да ги повредам моите родители (луѓето што ме посвоиле). Кога одлучив гласно да прашам која сум и од каде сум, наидов на револт од посвоителите. Не сакаа или не знаеја ништо да ми кажат. Ми рекоа дека сум посвоена и толку. Иако бев и мајка и жена, толку многу ме погоди тоа. Од целиот стрес доживеав и мозочен удар. Како целиот живот да ми беше лага.

Ова се зборовите на скопјанката Мирјана Митревска која за Радио Слободна Европа (РСЕ) ја раскажа својата животна приказна за потрагата по своето биолошкото потекло. Нејзината борба кулминираше вчера (14 мај) кога Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур објави пресуда во нејзина корист. Констатираше дека државата го повредила членот 8 од Европска конвенција за заштита на човекови права со кој се гарантира правото на почитување на приватен и семеен живот.

Ова е прва пресуда против Северна Македонија за случај поврзан со правата на посвоените лица да го знаат своето минато. Во иднина, извесно е дека тоа ќе иницира промена на судската пракса во земјава, но и на законската регулатива која во моментов предвидува дека „податоците за посвојувањето се службена тајна“ (член 123-а од Законот за семејство).

„Одев по трнлив пат на кој се надевам дека сега му дојде крајот“, раскажува Мирјана која денес има 46 години.

„Како повторно да бев оставена сама“

„Сакам да ја знам вистината, пред сè, поради медицинската историја. Многу млада имав мозочен удар и каде и да појдам ме прашуваат дали имало некој друг во фамилијата. Но, сакам да знам и заради моите деца, за да не дојде до инцест“, вели нашата соговорничка.

Митревска од 2017 година ја започнала институционалната битка во Северна Македонија, по што во 2021 година се обратила и пред ЕСЧП

Митревска од 2017 година ја започнала институционалната битка во Северна Македонија, по што во 2021 година се обратила и пред ЕСЧП

Таа била посвоена на три години. Дотогаш, се водела под поранешниот дом за деца и младинци „25 мај“ во Скопје, а ја чувало згрижувачко семејство.

„Желбата да ја дознаам вистината постоеше отсекогаш ама не беше многу јака бидејќи имав љубов од посвоителите, а тоа го посакува секое дете – да расте со љубов. Желбата ми се зголеми кога го родив мојот син и помислив колку би требало да биде јака причината да се остави своето дете. Тогаш почнав потајно да барам“, раскажува Мирјана.

Гласно одлучила да го праша семејството на свои 30 години.

Институционалната битка ја почнала во 2017. Но, поради законската регулатива наидувала на затворени врати сегде – Центарот за социјални грижи, Комисијата за посвојување при Министерството за труд и социјална политика, Управниот суд, Вишиот управен суд…

Информации барала на сите можни начини.

„Имав осуди од околината, од роднините, само затоа што ја барав вистината. Но, со некои луѓе кои ги најдов во групите за посвоени деца одев по трнливиот пат. Доаѓав до разни приказни и тоа многу ме болеше“, вели нашата соговорничка.

Одела во болницата каде е родена, го пронашла и загрижувачкото семејство кај кое била сместена до посвојувањето, но никој ниту тие не знаеле ништо да и кажат.

„После неуспешната потрага како повторно да бев оставена сама“, вели Мирјана.

Судот за човекови права во Стразбур

Судот за човекови права во Стразбур

Сега по пресудата од Стразбур, се надева, конечно ќе се промени законот и таа и сите посвоени лица ќе успеа да ги дознаат информациите за своето биолошко потекло.

Што по одлуката од Стразбур?

За слични случаи како нејзиниот, Европскиот суд досега донел одлуки и против Франција и Италија. Затоа, Мирјана и нејзината адвокатка Павлина Зефиќ очекувале позитивен исход.

„На тие случаи се повикавме и ние во нашата жалба. Судот во Стразбур го проблематизира членот 123-а од Законот за семејство па верувам дека во иднина проблемите на посвоените деца ќе треба да се решаваат преку системско менување и дополнување на Законот за семејство. Во меѓувреме домашните органи и судови можат во ваков вид на случаи директно да ја применуваат праксата на судот со цел да не се случуваат повреди на правата од Конвенцијата во иднина“, посочува Зефиќ за РСЕ.

Постапката пред ЕСЧП тие ја поведоа заедно со Македонското здружение на млади правници (МЗМП). Како што констатираат и тие, Стразбур во случајот со Мирјана констатира дека законската одредба дека информациите за посвојувањето се службена тајна, се прешироко поставени во македонското законодавство.

„На овој начин Судот со пресудата потврдува дека индивидуалните околности на апликантката да го знае нејзиното потекло, особено нејзиниот интерес да добие информации поврзани со нејзиното здравје, не се земени предвид од страна на македонските власти“, велат од Здружението.

И во соопштението кое го објави ЕСЧП се наведува дека во вакви случаи треба да постои балансирање во зависност од случаите – „да се мери интересот на посвоеното дете да ги дознае информациите за својот личен живот наспроти општиот интерес осносно очекувањата на биолошките мајки дека информациите за нив нема да бидат откриени“.

Пресудата од Стразбур, објавена на 14 мај, ќе стане правосилна за околу три месеци. Потоа, властите во Северна Македонија ќе имаат период од шест месеци да достават акционен план кои чекори ќе ги преземат согласно пресудата.

По првичното читање на пресудата, Даница Џонова, правниот застапник на државата за РСЕ вели дека она на што таа како владин агент смета дека ќе треба прво да се работи е на промена на праксата на домашните институции и судови за да не дојде до нови постапки против државата пред Стразбур. Второ, вели Џонова, е да се предложи промена на законската регулатива, процес кој ќе трае подолго ако се има предвид промената на власта во државата.

Нова иницијатива и подготвеност за промени

Меѓутоа, иницијативи и дебати за промена за законските регулативи за ова прашање во Северна Македонија досега имало неколку во изминатите години.

Маргарета Куртиќ Талески беше дел од една таква иницијатива која во 2017 година до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) поднесе предлог-измени со барање да се смени Законот за семејство и посвоените деца во одредени случаи да имаат право да знаат кои им се родители. По таа иницијатива досега не се одлучуваше.

„Здружението ‘Куќа на среќата’ повторно ќе ја поднесе иницијативата. Посвоените деца треба да имаат право на такви информации, под услови и во постапка регулирана со закон. За тоа има реална потреба и интерес, особено кога станува збор за медицински причини“, вели Куртиќ Талески за РСЕ.

Ова прашање досега се разгледувало и во Министерството за труд и социјала, а техничкиот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Велковски, во краток разговор со РСЕ вели таму има подготвеност и расположение и се надева дека по формирањето на новата влада ќе се отвори ова прашање, без разлика кој ќе биде на чело на овој ресор.

Тоа го очекува и нашата соговорничка од почетокот на приказната, чија судбина ја делат стотици други посвоени деца.

„Мојата порака до сите деца, родители и посвоители е дека не е срамота да бидеш посвоен ниту да посвоиш. Но, вистината е една и секогаш ќе излегува на виделина“, вели Мирјана.

Во Северна Македонија нема информација колку деца трагаат по биолошкото потекло. Бидејќи законите ги ограничуваат во потрагата, тие се организираат во групи на социјалните мрежи. На тој начин, неколку посвоени деца ги најдоа своите родители и неколку мајки ги најдоа своите одамна оставени деца.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Турските сили неутрализираа 12 терористи на ПКК во северен Ирак

Следно

Мицотакис: Секогаш се стремиме кон добри односи со соседна Турција

Latest from Blog

Мицкоски: Планот за чист воздух на СДСМ беше најден со метар прашина, сами не можеле да го најдат

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцираше дека минатата власт не оставила ниту проекти, ниту пари за изградба на когенеративни централи, додека планот за чист воздух

Славески до приватните превозници: Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска, таа е непредвидлива жена.

Тој додаде дека доколку ситуацијата ескалира поради инаетот на Арсовска, Владата, бидејќи е прогласена вонредна состојба, има мерки, има инструменти да го да го реши овој проблем, со тоа што ќе им

Потвредено обвинението против осомничените за убиството на Данка Илиќ, се бара доживотен затвор

Вишиот суд во Зајечар го потврди обвинението против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, пренесува Индекс. Судот донесе решение со кое го потврди обвинението, кое
Go toTop