Јовески и Лога во остра јавна преписка околу Извештајот за работата на јавните обвинители

5 mins read

Министерството за правда вчера јавно го објави мислењето во кое упатува повеќе забелешки за Извештајот за работата на јавните обвинителства за 2022 година во кој како што се наведоа оттаму недостасуваат повеќе елементи, како податоци за траењето на истрагите, информации за снимањето на испитувањата на обвинетите и на сведоците, како и податоци за дисциплински постапки

Во писмената реакција од Јавното обвинителство денеска, меѓу другото, му порачаа на министерот за правда Кренар Лога дека би било најдобро својата загриженост за ефикасноста на постапките да ја демонстрира со квалитетни предлози за законски решенија за состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки

Откако вчера Министерството за правда јавно го објави мислењето за Извештајот за работата на јавните обвинителства за 2022 година доставен од Владата изразувајќи низа забелешки, денеска со реакција излезе Јавното обвинителство во кое ги негира наводите изнесени во мислењето на правда, потпишано од ресорниот министер Кренар Лога.

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески / Фото: „360 степени“ (Архива)

Во писменото соопштение на Јавното обвинителство, како што може да се насети, провејува остар тон. Оттаму велат дека поради тоа што Министерството, без претходно да ги достави до нив, одлучило јавно да ги објави своите забелешки на извештајот, и Јавното обвинителство има обврска јавно да излезе со појаснувања.  

„Со оглед на тоа што надвор од досегашната вообичаена пракса, Министерството за правда одлучи, без да ги достави до обвинителството, јавно да ги објави своите поединечни забелешки за Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година, иако овој извештај врз основа на член 55 став 2 од Законот за јавното обвинителство се доставува до Владата само за запознавање, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија има обврска исто така јавно да појасни дека…“,

се вели во првата реченица во писменото соопштение на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Инаку, за потсетување, Министерството за правда упати повеќе забелешки за Извештајот за работата на јавните обвинителства за 2022 година во кој како што се наведоа оттаму недостасуваат повеќе елементи, како податоци за траењето на истрагите, информации за снимањето на испитувањата на обвинетите и на сведоците, како и податоци за дисциплински постапки.

Појаснувањата Јавното обвинителство ги сумира во четири точки, во колку впрочем беа и формулирани забелешките на Правда.

Така од ЈО на РСМ велат дека не е точно дека во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за минатата година нема податоци за траењето и ефикасноста на истражните постапки.

„Во извештајот е наведено дека основните јавни обвинителства во 2022 година донеле наредби за спроведување истражна постапка против 1 398 лица што е за 91 лицe повеќе во однос на претходната година. Во 2022 година, обвинителствата постапувале и во истраги поведени против 768 лица од претходната година, така што вкупно во работа имале истраги против 2 166 лица. Во однос на ажурноста на истражните постапки, во 2022 година завршени се истрагите против 1 433 лица или 66,1 отсто од вкупниот број истраги во работа. Бројот на завршени е поголем од бројот на новоотворени истражни постапки во текот на годината, што укажува на намалување на бројот на отворени постапки во обвинителствата. Во 1 087 предмети истрагите завршиле со поднесено обвинение“,

наведуваат од Јавното обвинителство.

Министерот за правда, Кренар Лога / Фото: „360 степени“ (Архива)

Во однос на должината на траењето на истражните постапки нотирани во Извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбите со човековите права во 2021 што го цитира Министерството за правда во своето мислење, од ЈО велат дека такво нешто навистина било констатирано од САД, но по објавувањето на Извештајот републичкиот јавен обвинител веднаш организирал средби со сите јавни обвинители и меѓународни преставници за анализа на причините за констатираните состојби.

„Врз основа на утврденото и дадените образложенија, американскиот Стејт департмент објави извештај и за 2022 година во кој оценките се поинаку формулирани во овој дел, односно се наведува дека роковите за водење на истраги предвидени во ЗКП се инструктивни, а не задолжителни и дека во пракса се случува понекогаш тие да се надминат за што како причини се наведуваат недоволни ресурси и сложеност на соодветните предмети“,

велат од ЈО, истовремено посочувајќи дека Министерството за правда се повикува на извештај за 2021 година, иако веќе има објавено таков и за 2022, а се подготвува и извештај на Стејт департментот за 2023 година.

Од Јавното обвинителството му порачуваат на министерот за правда дека би било најдобро својата загриженост за ефикасноста на постапките да ја демонстрира со квалитетни предлози за законски решенија за состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки.

Оттаму како точни ги посочуваат цитираните делови од последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, а на кој се повика Правда, дека зајакнувањето на капацитетите на истражните центри и на јавните обвинителства се клучни за ефикасноста на истрагите, но додаваат дека во ниту една реченица ЕК не го критикува Јавното обвинителството за таквите состојби.

„Напротив, Европскиот извештај многу прецизно бара на Јавното обвинителство да му се овозможат сите материјални и кадровски услови за работа и непречено вршење на функцијата. Ова е нешто што и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го нагласува во сите јавни настапи, а го бара и во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2022 година. Во забелешките од Министерството за правда нема коментар за тоа дали и како ќе се залага за обезбедување на тие услови за работа на обвинителствата“,

се вели во реакцијата на Јавното обвинителство.

Во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства нема посебен извештај за користењето на опремата за тонско и аудио визуелно снимање на искази, што беше уште една од забелешките на Правда, затоа што согласно Законот за кривична постапка тоа е предвидено како можност во одредени законски предвидени ситуации, но не и задолжителна обврска, велат од Јавното обвинителство на РСМ.

Зградата на Јавното обвинителство на РСМ / Фото: Архива

Според Јавното обвинителство ваква опрема е инсталирана во сите обвинителства со проширена надлежност во државава, но се користи ограничено, затоа што нема ниту кадровски, ниту материјални услови, а за сите информатички и технички системи во обвинителствата низ државата се грижат само шест информатичари.

„Законитоста на доказите и почитувањето на човековите права при нивното обезбедување го цени судот. Јавното обвинителство до овој момент не добило никаква забелешка од релевантни судски органи или меѓународни институции во поглед на употребата на овој систем“,

велат оттаму.

Во однос на четвртата забелешка на Правда, според Јавното обвинителство, нивниот годишен извештај не може да содржи податоци за дисциплинските постапки против јавни обвинители, бидејќи нив ги води посебна дисциплинска комисија, која е целосно независна во постапувањето и чија активност не смее да биде дел од извештај за работата на јавните обвинителства.

„Доколку Министерството за правда има потреба да добие извештај за работата на Дисциплинската комисија, податоците за донесени одлуки се јавни и доставени до повеќе медиуми и надлежни органи кои покажале интерес за ова прашање. Имено, од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители. Во пет од овие случаи Дисциплинската комисија донела Решение за утврдена дисциплинска повреда и ја изрекла најтешката дисциплинска мерка – предлог за разрешување од функцијата. На пет обвинители им е изречена соодветна парична казна, а само за еден обвинител Комисијата донесе одлука дека не сторил дисциплинска повреда. Дисциплинската комисија на Јавното обвинителство е пред донесување одлука во постапката за уште еден јавен обвинител. Во еден случај, иницирана е и кривична постапка и поднесено обвинение против поранешен јавен обвинител од основно јавно обвинителство за продолжено кривично дело несовесно работење во службата. Пред Советот на јавните обвинители, пак, во тек е жалбената постапка на уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник (за настаните од 27 април)“,

се вели во соопштението на Јавното обвинителство и се додава дека за сите забелешки кон извештајот за работа на јавните обвинителства, објавен и доставен до сите надлежни институции, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија (Љубомир Јовески н.з.) е подготвен да одговори согласно законски предвидените процедури.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Израелски министер повика на преселба на Палестинците на Запад

Следно

Индија: Автобус излета од коловозот во Кашмир, загинаа 33 патници

Latest from Blog