АНКАРА (АА) – Израелската армија денес соопшти дека околу 30 ракети биле истрелани од Либан кон регионот Горна Галилеја во Израел, од кои некои биле пресретнати, пренесува Анадолу.
Во соопштението објавено на платформата Х, израелската армија вели дека сирени биле активирани на повеќе локации, меѓу кои Метула, Кфар Гилади и Маџдал Шамс поради ракетниот напад.
Израелската армија потврди дека некои од ракетите биле успешно пресретнати, иако не наведе дополнителни детали за бројот на ракети кои паднале во подрачјето, ниту за евентуални жртви или причинета материјална штета.
Израел од 23 септември спроведува масовни воздушни напади низ Либан против, како што тврди, локации на Хезболах, во коишто загинаа најмалку 1.411 лица, повредени се над 3.970, а раселени се повеќе од 1,34 милиони луѓе.
Воздушната кампања е ескалација од едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на израелската офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби речиси 42.200 Палестинци, повеќето жени и деца, од нападот на Хамас минатата година.
И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна поради немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, тој го прошири конфликтот со започнувањето на копнена офанзива во јужен Либан на 1 октомври.
Извор: Anadolu Agency (AA)