На 7 октомври, Хамас ја пробива границата на 30 места, по што почнува масакрот на израелски војници и цивили во најмалку 22 села и касарни, а потоа продолжуваат престрелките со израелската војска и полиција кои траат повеќе од еден ден.
Во овие борби израелската војска, откако се освестува што се случува, успева да убие околу 1.500 милитанти, кои зад себе оставаат голем број докази што се обработуваат од разузнавачите. Доказите се дополнети од сведоштвата на неколку заробени милитанти.
Дел од милитантите со себе носат доволно храна, муниција и опрема за да им трае неколку дена, а кај нив се најдени и упатства за подлабоко пробивање во израелска територија доколку успее првиот бран на напади. Кај некои на пример се најдени наредби на кои пишува „убиј колку можеш повеќе луѓе и земи колку можеш повеќе заложници.“ Други пак се опремени со лисици и теромобарски гранати кои „инстантно можат куќа да претворат во пекол.“
Милитантите на Хамас дента стигнуваат до Офаким, кој е на 24 километри од границата на Израел и Газа и е на половина пат до Западниот брег. Една од единиците на Хамас има разузнавачки информации и мапи кои наведуваат на намерата да се продолжи нападот до границата со Западниот брег.
Хамас претходно објави дека тие не се обиделе да ги контаткираат милитантите од Западниот брег, ниту претходно споделиле што било за својот план. Од друга страна, една од безбедносните процени е дека Хамас бил изненаден од успехот што го постигнал утрото на 7 октомври и не бил подготвен да продолжи понатаму.
Информациите што Хамас ги собира за својот напад делумно потекнуваат од евтини дронови кои успеваат да ја прелетаат границата со Израел, а дел се од Палестинците со дозволи за работа во Израел. Тие дури прегледуваат израелски сајтови за недвижности за изучување на фотографиите од објектите објавени на нив, а следат и социјални мрежи за информации околу животот во граничните заедници и распоредот на објектите во нив.
Поранешни функционери на ФБИ објаснуваат дека „собирањето информации од Хамас не е нешто посебно софистицирано, но затоа е методолошко.“
„Ако си во затвор тогаш го изучуваш безбедносниот систем на затворот. Хамас тоа го прави 16 години. Нивните податоци од терен се далеку подобри од сè што би можеле да добијат од Иранците,“ објаснува поранешниот функционер на ФБИ за борба против тероризмот, Али Суфан.
Инаку, точните планови на Хамас им биле познати само на млад круг елитни воени планери, а најважните детали не биле споделени ни со политичките лидери на Хамас, ниту пак иранските сојузници.
Главен архитект на планот е воениот лидер на Хамас, Јехија Синвар, кој 20 години минува во израелските затвори, течно зборува еврејски и е изучувач на израелската политичка култура и медиуми. Вака невообичаено длабокото познавање на политичките случува во Израел му помага да го направи планот за суптилно испраќање сигнали од раководството на Хамас за подготвеност за соработка со Израел, што е токму пораката која Израел сака да ја чуе „дека Хамас повеќе не сака војни“. Ваквите пораки се придружени и со стишување на судирите меѓу Хамас и Израел, а групата во неколку дури се воздржува и во помагање на Палестински џихад, во судирот со ИДФ.
Уште при планирањето на нападот Хамас е свесен дека ќе претрпи сериозни жртви, што според западните и блискоисточните разузнавачи требало да биде цената за „започнување нов бран на насилен палестински отпор во регионот и да ги спречи обидите за нормализирање на односите меѓу Израел и арапските држави.“
„Хамас знаеше дека Израел жестоко ќе возврати. И тоа беше поентата. За Хамас палестинското страдање е критична компонента во враќање на нестабилноста и глобалниот гнев што сака да го искористи.
Ова е прв пат Хамас да стане проминентен на светска сцена. Толку многу луѓе веќе го заборавија 7 октомври бидејќи Хамас веднаш ја смени дискусијата. Го стави фокусот на Израел, наместо врз себе си, и токму тоа го сакаа,“ објаснува Рита Катз, глобалната директорка на СИТЕ групацијата, која изучува идеологија и онлајн комуникации на екстремистички групи.
ИЗВОР: off.net.mk