ГРАМОФОНСКИТЕ ПЛОЧИ СЕ ЗАСТАРЕНИ, ОЦЕНИ КОМИСИЈАТА ЗА МУЗИЧКА ДЕЈНОСТ ЗА ПРОЕКТОТ НА ТОШО ФИЛИПОВСКИ ЗА ИЗДАВАЊЕ НЕОБЈАВЕНИ СНИМКИ НА 50 МАКЕДОНСКИ БЕНДОВИ

1 min read

Комисијата за музичка дејност смета дека грамофонските плочи се застарени и нивната примена не е од пошироки размери, одговори денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на реакциите на музичарот и публицист Тошо Филиповски чии проекти се одбиени за финансирање.

Филиповски реагира дека Министерството за култура не му одобри повеќе проекти во Годишната програма за култура, меѓу кои и за издавање на двоен албум „Историја на македонскиот рокенрол – македонски панк/хк 1979-1994“ (History of Macedonian Rock’roll – Macedonian punk/hc) со необјавени снимки на 50-ина македонски бендови.

„Комисијата била на став дека не треба да се поддржи издавање на грамофонски плочи со оглед на застареноста на овој тип и фактот дека нивната примена не е од пошироки размери. Таков став беше за сите апликации и предност беше дадена на цеде изданијата“, кажа министерката Костадиновска-Стојчевска на денешниот брифинг со новинарите.

Претседатели на комисиите што ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Исмет Јонузи; за драмска дејност – Марија Спиркоска; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Јашар Сејдиу; за музичка и музичко-сценска дејност – Александар Трајковски; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Бурим Ајдини; за интердисциплинарни проекти – Кирил Пенушлиски; за меѓународна дејност – Емил Шулајковски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Ејуп Рамани; за музејска дејност – Петар Намичев; за библиотечна дејност – Сузана Данаилова; за инвестиции – Егзон Асани.

Според последните податоци на странските медиуми, продажбата на грамофонски плочи е во пораст последните 20 години, а во изминатите 2-3 години, ја надмина продажбата на цедиња.

Филиповски е единствениот хроничар и архивар на македонската рок музика за што последниве години објави четири книги. Тој пред две години ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ која ја доделува Министерството за култура, и реагира дека му е одбиен и проектот за издавање на монографијата за 45 години творештво рок музичарот Горан Трајкоски.

„Не дека е тоа мал јубилеј за одбележување, но, Комисијата смета дека на оваа монографија повеќе ќе ѝ соодвествува 50 години јубилеј и публикација. Во таа област, комисијата даде предност на монографијата за еден од најголемите македонски композитори Стојан Стојков, за чиј живот и творештво досега нема издадено монографија“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Филиповски вели дека е одбиен и за изложбата за 60 години рок музика – Ретроспектива низ неколку илјади артефакти и за серијата на предавања за историја за македонската рок музика (1963-2023), во Њујорк, Чикаго, Детроит, Атланта / САД, иако побарал само авионска карта до САД.

Б. НЕСТОРОСКА

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Спортист дојде во Белград на првенство, а сега се бори за живот – ова е нападнатото момче (ФОТО)

Следно

Костадиновска-Стојчевска: Намален е буџетот на Министерството за култура во однос на лани

Latest from Blog