Шаторите беа поставени откако претходно копретседателот на партијата Заедно за Србија Небојша Зеленовиќ и пратеникот на Демократската партија (ДС) Срѓан Миливојевиќ ги повикаа граѓаните да останат на мостот „Газела“ додека властите не одговорат на сите барања што тие ги истакнаа на трите протести
На протестот на мостот „Газела“ лица во црна облека се обиделе да предизвикаат инциденти. Од иницијативата „Тргни – промени“ (Крени – промени) на Твитер објавија видео снимка на која се гледа како непознат маж го клоца активистот Саво Манојловиќ, по што група луѓе застануваат меѓу нив и спречуваат инцидентот да ескалира
Опозициски активисти поставија шатори на автопатот под мостот „Газела“ во Белград, кој вечерва со Бранков мост беа блокирани од десетиците илјади граѓани кои излегоа на третиот по ред протест под слоганот „Србија против насилството“, јавува Н1.
Претходно копретседателот на партијата Заедно за Србија Небојша Зеленовиќ и пратеникот на Демократската партија (ДС) Срѓан Миливојевиќ ги повикаа граѓаните да останат на мостот „Газела“ додека властите не одговорат на сите барања што тие ги истакнаа на трите протести.
По нивните повици дел од демонстрантите извадиле шатори кои ги поставиле на автопатот под мостот и планираат да преноќат таму. Како што јавува Н1 од протестот, луѓето кои решиле да преноќат си делат вода и сокови едни со други.
Лица во црна облека предизвикаа инциденти
Телевизиите Н1 и Нова.рс јавуваат и за провокации и инциденти на протестот кои ги предзвикале лица облечени во црно, но по реакција на насобраните граѓани е спречена ескалација.
Од иницијативата „Тргни – промени“ (Крени – промени) на Твитер објавија видео снимка на која се гледа како непознат маж го клоца активистот Саво Манојловиќ, по што група луѓе застануваат меѓу нив и спречуваат инцидентот да ескалира.
Манојловиќ во изјава за Н1 вели дека додека стоел на мостот Газела и се поздравувал со граѓани, едно момче почнало да го провоцира и да му дофрла.
„Една жена се обиде да несаздели, кога таа падна се изнервирав, потоа тие извадија каиши и се обидоа да нападнат, но луѓето ги избркаа. Луѓето потоа ми рекоа дека е некоја Народна патрола, не знам кои се тие“,
раскажува Манојловиќ.
Provokatori – “Narodne patrole” napali @SavoManojlovic, gradjani ih oterali. pic.twitter.com/PddI99UQHB
— Kreni-Promeni (@KPromeni) May 19, 2023
Тој изјави дека провокаторите еднаш замавнале со каишот и дека нема никакви повреди.
„Го споменуваа Сорос и тажно е што некој е дојден на овој протест со цел да предизвика инцидент и да го направи протестот бесмислен“,
вели Манојловиќ за Н1.
За друг инцидент раскажува девојка, кој вели дека била нападната од момче кое се издвоило од група мажи облечени во црно. Била нападната затоа што ги снимала со мобилниот телефон како на една жена и го одземаат транспарентот на кој пишувало „Стоп за фемицидот“.
Таа наведува дека луѓето во близина се обиделе да ја одбранат жената, но и тие биле нападнати.
„Потоа еден господин ме виде дека снимам, ме нападна, се обиде да ми го земе телефонот. Се боревме за телефонот околу една минута, луѓето се обидуваа да го одвојат од мене. Повредена сум, но не е страшно“,
вели девојката.
Десетици илјади граѓани вечерва излегоа на третиот по ред протест под слоганот „Србија против насилството“, за да го изразат своето незадоволство од реакцијата на српските власти по двете масовни убиства на почетокот на мај во кои беа убиени 18 лица.
Протестот почна пред зградата на српскиот парламент, од каде граѓаните се упатија кон мостот Газела – најфрекфентниот мост во Белград и „Бранковиот мост“ кој го поврзува Нов Белград со стариот дел на градот.
Демонстрантите ги блокираа двата моства, а огромниот број присутни на протестот извикуваат „Вучиќ, оставка“ и „Вучиќ, оди си“.
Вучиќ добил информации дека протестите се обид за „обоени револуции“
Во исто време кога започна протестот „Србија против насилството“, српскиот претседател Алексанадар Вучиќ зборуваше на митингот на неговата Српска напредна партија во Панчево, во близина на Белград.
Вучиќ рече дека добил информации од служби од Исток дека протестите во Србија се обид за обоени револуции, но не кажа за кои служби станува збор, пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
„Добивам информации од различни служби, нашите сестрински служби од Истокот ни велат дека ова се обиди за обоени револуции“,
рече српскиот претседател.
Вучиќ рече дека нема да дозволи насилно менување на власта под туѓо влијание, ниту пак да води политика против интересите на Србија.
Ден пред протестот „Србија против насилството“ во парламентот на Србија почна расправа за безбедносната состојба во земјата и околностите кои довеле до двете злосторства.
Седница на Собранието на која ќе се расправа за безбедноста, беше едно од барањата на протестот.
Меѓу другите барања на граѓаните кои по трет пат излегуваат на протестот се и оставка на министерката за полиција Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Александар Вулин.
Тие бараат и смена на Регулаторното тело за електронски медиуми, затворање на таблоидите кои пропагираат насилство и го прекршуваат кодексот и одземање на националните фреквенции од телевизиите Пинк и Хепи.
Се бара и откажување на програмите кои промовираат насилство, како што се реалните шоуа.
За потсетување, на 3 мај 13-годишен ученик уби осум ученици и еден чувар и рани шест ученици и еден наставник. Во пукањето, тешко беше рането девојче кое по неколку дена им подлегна на повредите во болница и таа е десеттата жртва во масакрот.
Еден ден подоцна, на 4 мај, во селата Мало Орашје и Дубона во близина на Белград, 21-годишен напаѓач уби осум, а рани 14 лица. Напаѓачот е уапсен и го призна делото.
По двете трагедии, надлежните го зголемија полициското присуство во училиштата, а во тек и акција на Министерството за внатрешни работи на Србија за доброволно предавање на нелегалното оружје.
Извор: 360stepeni.mk