Северна Македонија за прв пат од осамостојувањето доби Претседателка на Републиката.
Универзитетската професорка Гордана Сиљановска – Давкова, поддржана од опозициската десничарска партија ВМРО- ДПМНЕ вечерва прогласи победа.
Според првичните нецелосни резултати освои двојно повеќе гласови од актуелниот претседател и противкандидат Стево Пендаровски. Од 84% обработени гласови, Сиљановска Давкова има 463.724 гласови, а Пендаровски 209.256 освоени гласови.
Во првото обраќање пред јавноста порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани без разлика на етничка или партиска припадност.
„Јас тврдам дека од овој момент овде јас ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, на членови на партии, на оние кои не се во партии, бидејќи не може еден претседател особено не ако е жена да обединува и да трага по единство ако држи партиски линии„.
На соседите им порача да се стави крај, на како што рече, балканизацијата, меѓусебно да се помагаат и да бидат вистински политичари
„Ние мораме да почнеме меѓу себе да се разбираме, да се помагаме, да не посегаме по вето туку да посегаме по поддршка. Моите патишта прво водат на Балканот, а се разбира Брисел тука е неизоставен“, рече Сиљановска Давкова.
Нејзиниот против кандидат предложен од досегашната владејачка СДСМ, Стево Пендаровски и ја честиташе победата. Освои многу повеќе гласови од СДСМ која го кандидираше.
Пендаровски го призна поразот
„Долги месеци пред да ја најавам втората кандидатура реков дека е важно да имате партиска поддршка, бидејќи живееме во држава која е силно партизирана. Уште пред Нова Година знаев дека коалицијата не е во онаа кондиција којашто беше пред пет години. Меѓутоа анкетите покажуваа дека мојот личен рејтинг е над партијата и над таа коалиција, а тоа ми даде надеж да се надевам повторно да бидам реизбран“, рече Пендаровски
И двајцата се согласија дека имаше обиди да се блокира процесот за избор на Претседател со тоа што гласачите се одвраќале да не гласаат на претседателските избори. Пендаровски директно виновникот го посочи во албанскиот кампус односно ДУИ и коалицијата ВРЕДИ, а Сиљановска Давкова рече дека имало обид за бојкот и да се одземе правото на гласачите да гласаат.
„Сите очи вперени“ во излезноста
Цензусот од 40% потребен за да успеат претседателските избори остави печат на вториот круг од гласањето. Веќе во 17 часот се наѕираше дека условот ќе биде исполнет откако ДИК објави дека гласале 39% од вкупно 1.814.317 гласачи во избирачкиот список. Ова се потврди со речиси крајните податоци за одзивот кога беше објавено дека излезноста е 46% со што законскиот услов за избран претседател се исполни.
Податоците на ДИК потврдуваат дека излезноста во општините каде е мнозинско албанско население е помала во однос на оние каде е мнозинско македонското население.
И двајцата претседателски кандидати зборуваа за „тивок бојкот“ поттикнат од албанскиот политички блок кој заговараше избор на Претседател во парламент, а не на општи и непосредни избори. Многу од Албанците немаа фаворит од двајцата понудени кандидати, откако отпаднаа кандидатите од албанската етничка заедница.
Ова го отсликуваат и бројките по општини кои покажуваат дека излезноста е најниска во Липково 7,35% наспроти десетпати повеќе во Новаци каде 72,76% од избирачите одлучиле да гласаат.
Каква „Горда Македонија“ ветува Сиљановска-Давкова?
Во кампањата се претставуваше како професорка, независен пратеник во собранието, во програмата „Македонија повторно горда“ напиша дека „Преспанскиот договор е отворено прашање“ и дека нема да ја користи придавката „Северна“ во своите обраќања кон јавноста.
Промената на Уставот не ја подржува, но во интервју за РСЕ рече дека ако Собранието донесе уставните измени со кои Бугарите и пет други етнички малцинства треба да станат дел од македонскиот Устав таквите измени ќе ги почитува. Измените на Преамбулата се услов со кој ќе се овозможи продолжување на преговорите со Европската Унија.
Сиљановска-Давкова, како претседател ќе биде должна во рок од десет дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите што имаат мнозинство во парламентот.
Голема извесност во трката за шеф на државата
Позицијата на кандидатката на ВМРО ДПМНЕ Сиљановска-Давкова речиси и да беше цементирана, ако се земат пред вид резултатите од првиот круг. Во вториот влезе како фаворит откако на 24 април кога имаше вкупно седум кандидати освои двојно повеќе гласови (180.000) од кандидатот поддржан од социјалдемкратите, Пендаровски. Сиљановска-Давкова освои 363.085, а Пендаровски 180.499 гласа.
Ова беше дијаметрално спротивно од нивниот прв изборен дуел кога се соочија на Претседателските избори во 2019 година кога победи Пендаровски.
Актуелниот мандат на Стево Пендаровски истекнува на 12 мај. Собранието до недела, треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател на Републиката. Во ваков случај свечената седница за инаугурација на новиот претседател ќе ја одржат пратениците од актуелниот состав на Парламентот.
Претседателот на државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски на прес конференцијата вечерва истакна дека ќе се обидат да ги запазат сите рокови за на 12 мај државата да добие нов Претседател.
Претходеа пет претседатели и шест изборни циклуси
Од осамостојувањето на Северна Македонија, државата имаше вкупно пет претседатели. Првиот Киро Глигоров имаше два мандати од кои првиот беше со избор на тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991, а потоа сите следни се бираа на општи и непосредни избори.
Вториот мандат Глигоров го доби во 1994 година, а по него на оваа функција дојде Борис Трајковски на изборите одржани во 1999 година па се до неговата трагична смрт во авионска несреќа во 2004 година. Трет претседател тогаш стана лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски кој остана на оваа функција само еден мандат.
По него во 2009 година претседателски мандати освои Ѓорѓе Иванов кандидиран од ВМРО ДПМНЕ и остана два мандати, се до 2019 – та кога за шеф на државата беше избран Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ.
Извор: Радио Слободна Европа