Функцијата во корист на кампањата?

5 mins read

Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница во Обединетите Нации (ОН); барање да се одржи седница на Советот за безбедност поради евентуални безбедносни реперкусии по нападот на Иран врз Израел; државата да излезе од регионалната иницијатива Отворен Балкан.

Ова се дел од одлуките и предлозите за важни прашања од надворешната политика што изминатите денови од говорницата во Министерството за надворешни работи ги соопшти шефот на дипломатијата Бујар Османи. Денеска (17 април), пак, во улога на претседателски кандидат од коалицијата на ДУИ – „Европски фронт“, тој беше дел од дискусија за резолуцијата за Сребреница, во седиштето на партијата Босанска демократска лига (БДЛ).

На прашањето од Радио Слободна Европа (РСЕ) дали смета дека успешно прави разграничување на активностите како министер и претседателски кандидат, тој не одговори конкретно.

„Одлуката за коспонзорирањето (на резолуцијата за Сребреница) е одлука на министер за надворешни работи и сум дал инструкции за нашиот амбасадор во ОН да биде коспонзор и да ја поддржи резолуцијата. Денеска сум поканет од страна на Сојузот – двајцата министри за надворешни работи на БиХ и на Северна Македонија, за да ја објасниме резолуцијата пред граѓаните. Мене ми е посебно задоволство што имам можност затоа што навистина не очекував реакции, дури сум малку и шокиран од реакциите на дел од граѓаните кои мислам дека се поттикнати од одредени политички партии“, одговори Османи.

Дали за Сребреница, но и за останатите прашања што ги покренува министерот за надворешни работи има координација во државниот врв?

За неговиот предлог за излегување од Отворен Балкан, на пример, претседателот на државата Стево Пендаровски вели дека немало консултации.

„Ставот на претседателот за таа иницијатива е изнесен повеќе пати во јавноста, но со оглед на изборниот период нови консултации на тема не се направени“, велат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа.

Пендаровски претходно даваше поддршка за иницијатива, но и нагласуваше дека голем недостаток е што во неа се само три држави.

„Неискрена политика“ и „излегување од рамките на МНР“

Дел од аналитичарите гледаат искористување на просторот што го нуди функцијата во полза на претседателската кампања.

Токму изјавата на Османи дека на првата владина седница на која тема ќе биде Отворен Балкан тој ќе предложи излегување од иницијативата, политичкиот аналитичар Бесим Небиу го посочува како пример.

„Неискрена политика, кроена не од вредности или долгорочни стратегии туку од моментални потреби на кампањата. Господинот Османи и неговиот шеф Али Ахмети беа главни промотори на Отворен Балкан сиве овие години, и ја убедуваа јавноста дека ова е европски проект. Промената на став од вакви драстични пропорции, преку ноќ, кажува за нивниот однос кон политиката – не е воден од некаква голема политичка визија, како што претендираат“, смета Небиу.

Османи најавата ја даде одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во МНР за критиките што на негова адреса ги упатува албанска опозиција.

И поранешниот амбасадор и дипломат од кариера, Љупчо Арсовски, смета со настапите во улога на шеф на дипломатијата, Османи ја користел говорницата во МНР и за да профитира во кампањата за претседател.

„Како министер, излегува од вообичаената рамка на министер за надворешни работи кој ја застапува политиката на државата. Тој почнува да лиферува и да соопштува постапки кои допрва ќе ги претставувал пред Владата за да ги одобри Владата. Значи, тој прво излегува од рамките на Владата и пред сè од Собранието кое по сите овие прашања донело соодветни ставови. Ова однесување е сè, а најмалку дипломатско“, вели Арсовски.

Настаните од Бањска како причина за напуштање на Отворен Балкан?

Кога е во прашање Отворен Балкан, кој го посочуваат и нашите соговорници, одлуките и договорите поврзани со оваа иницијатива се во ингеренции на Владата и нејзините институции.

На владината седница вчера попладне (16 април) не се разговарало, а од Владата не одговорија на нашите прашањата, меѓу кои и каков е ставот за оваа иницијатива. Дел од иницијативата се само три од шесте земји од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија и Албанија.

Османи најави дека ќе ја отвори темата на затворена владина седница и повторно потенцираше дека првичните цели на иницијативата биле помирување со цел затворање на српско-косовскиот спор и меѓусебно признавање, како и либерализација на пазарот.

Како клучна причина која тој ја посочува за излегување од иницијатива е нападот врз косовската полиција во Бањска во септември лани, по којшто настан Северна Македонија не присуствувала на состаноци за Отворен Балкан. Потсетува дека и претходно кажал оти ако има државно вмешување од Белград во овој инцидент „се кршат столбовите на основната идеја“.

„Бидејќи имам повеќе информации сега што се случило во Бањска, планирам на затворена седнда ја информриам Владата, а таа ќе одлучи како ќе постапи понатаму“, рече Османи на 17 април.

Нема поделби за Сребреница

Кога пред два дена министерот го најави предлогот за излегување од Отворен Балкан, на истата прес-конференција ја соопшти веста дека одлучил Северна Македонија заедно со САД, Германија и други држави е коспонзор на резолуцијата во Обединетите нации за прогласување на 11 јули за меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година.

За осудата на геноцидот, во државниот врв во Северна Македонија досега немало разидување во ставовите. На иста линија е и кабинетот на претседателот, од каде нагласуваат дека неговиот став е „јавно познат и е на линија на пресудите што ги имаат донесено Меѓународниот суд на правдата и Хашкиот Трибунал“.

„Актуелната предлог резолуција е поведена од страна на неколку земји, меѓу кои и нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Претседателот Пендаровски смета дека земјите од Западниот Балкан треба конечно да ги затворат тие трагични историски поглавја затоа што заслужуваат европска иднина и економски просперитет“, велат од Кабинетот.

„Безбедносната состојбата е стабилна“

Ден пред да соопшти за коспонзорството на резолуцијата и да зборува за Отворен Балкан, Османи одржа уште една прес-конференција која следуваше по нападот на Иран врз Израел за да информира за ситуацијата со македонските државјани таму, како и дека е формиран Кризен штаб да организира нивно евентуално евакуирање.

Тој побара и од претседателот Пендаровски да го свика Советот за безбедност. Шефот на државата по функција е на чело на ова тело кое има највисока советодавна улога во државата. Наспроти неговите барања, засега од Кабинетот на претседателот не свикаа седница.

Проценките оттаму се дека безбедносната состојба во моментов е стабилна.

„Во врска со вашите прашања во врска со случувањата на Блискиот Исток, ве информираме дека претседателот е во комуникација со нашите партнери во НАТО. Состојбата се следи внимателно, а во моментов се проценува дека нема безбедносна закана за Македонија. Доколку се донесе одлука за свикување на седница на Советот за безбедност, јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Кабинетот на претседателот.

Дека се во комуникација со партнерите од НАТО и оти во моментов „нема безбедносна закана за Северна Македонија“ одговорија и од Министерството за одбрана, чиј прв човек, во случајот министерката Славјанка Петровска, по функција е член на Советот.

Османи бараше Седницата на советот за безбедност да биде во поширок состав со учество и на опозициските политичари.

Тој е еден од седумте кандидати во трката за шеф на државата. За противкандидатите ги има актуелниот претседател Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ, Билјана Ванковска од Левица и Стевчо Јакимовски од коалицијата „Храбро за Македонија“.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а со оглед на големиот број кандидати извесно е дека никој нема да освои 50 отсто плус еден глас, па ќе се одржи и втор круг на 8 мај. Во него ќе се соочат двајцата првопласирани во првиот круг, а истиот ден ќе се гласа и на парламентарни избори.

Двата дена, Владата синоќа одлучи да бидат неработни за сите граѓани во државата и истите нема да се обработуваат.

Извор: Радио Слободна Европа

Претходно

Бислимоски: Очекуван е ефект кон цените на нафтените деривати по случувањата со Иран и Израел

Следно

Камерон: Јасно е дека Израелците носат одлука да дејствуваат против Иран

Latest from Blog