ФОТО РЕПОРТАЖА: Ѓоновица – Бисер на спелеолошкото наследство

June 15, 2025
6 mins read

Карстниот релјеф на Македонија, иако покрива само 12% од територијата на нашата земја, е исклучително богат со пештерски и пропастни системи, кои поради својата тешка достапност и потребата од специјализирана опрема за нивно истражување, претставуваат едни од најмалку проучените, но и најзачуваните делови од нашето природното наследство.

Текст и фото: Дарко Андоновски

Карстниот релјеф на Македонија, иако покрива само 12% од територијата на нашата земја, е исклучително богат со пештерски и пропастни системи, кои поради својата тешка достапност и потребата од специјализирана опрема за нивно истражување, претставуваат едни од најмалку проучените, но и најзачуваните делови од нашето природното наследство. Во својата природна, речиси изворна состојба, овие подземни структури во себе содржат важни информации за геолошкиот развој, за еволуцијата на подземните карстни форми, динамиката на подземните водни текови како и адаптацијата на живиот свет на екстремните подземни услови. За жал, во Македонија многу малку се посветува внимание на овие уникатни природни формации и може да се каже дека проучувањето на пештерите и пропастите е повеќе плод на ентузијазмот на неколкуте спелеолошки друштва и поединци, отколку на систематски научен пристап.

Од досега евидентираните нешто преку 400 пештери во Македонија, дел од нив се издвојуваат според својата големина, геоморфолошка сложеност, хидролошки карактеритики, биолошка разновидност, амбиентална впечатливост, богатсво на пештерски украси и сл. Меѓу нив е и пештерата Ѓоновица (Убавица) која се наоѓа на планината Буковиќ, во близина на гостиварското село Горна Ѓоновица. Поради бројните пештерски украси, неброените сталактити и сталагмити, столбови и сливови, галерии, поради подземниот водотек, неколкуте микроезерца, прекрасниот водопад и уште многу други убавини, оваа пештера се издвојува од останатите, а според мислењето на многумина, таа е една од најубавите пештери во нашата земја.

Ѓонивица е прогласена за споменик на природата уште во 1968 година, а од страна на МЖСПП е идентификувана како идно НАТУРА 2000 подрачје.

Благодарение на членовите на Истражувачкото Друштво „Урсус Спелеос“ имавме можност да ја посетиме оваа пештерска убавица.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 1

Пештерата Ѓоновица, наречена уште и Убавица, се наоѓа во северниот дел од карстот на планината Буковиќ, на десетина км. јужно од Гостивар, во атарот на селото Горна Ѓоновица. Нејзиниот влез е сместен во густа, претежно букова шума, на само педесетина м. над стариот макадамски пат Гостивар – Кичево. Од патот до пештерата направен е убав пристап со скалила, кој потполно е сраснат со околниот природен амбиент.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 2

Пештерата има еден влез со димензии 5 х 5 м., со морфологија која дава основи за претпоставка дека во одредена фаза од геолошката историја тој претставувал голем карстен извор. Ѓоновица спаѓа во групата на таканаречени епифреатски пештери, односно пештери кои се поставени во зоната која се наоѓа помеѓу деловите од карстот кои се постојано исполнети со вода и оние во кои постои повремена или постојана аерација на карстните шуплини. 

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 3

Ѓоновица има хоризонтални канали, формирани долж раседна линија, кои се карактеризираат со едноставна, односно неразгранета морфологија. Според досегашните истражувања вкупната должина на пештерските канали изнесува околу 1,5 км., со што Ѓоновица спаѓа во редот на најдолгите пештери во Македонија. Во првите 80 м. од влезот кон внатрешноста пештерскиот канал е сув, додека во вториот дел, што води до водопадот кој се наоѓа на околу 500 м. од влезот, има постојан водотек. Останатиот дел од каналите е исполнет со вода и е пристапен само со спелеонуркачка опрема.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 4

Широчината на пештерскиот канал се движи помеѓу 1 и 5 м., а висината до 15 м.. На одредени места висината на каналот е многу мала и движењето низ тие делови е отежнато и, поради надвиснатите сталактити, возможно е само во наведната положба. На ваквите места движењето е особено тешко или невозможно кога водостојот е висок, а растојанието помеѓу водата и сталактитите е само неколку десетици сантиметри. Поради тоа не е препорачливо да се посетува во периоди на обилни дождови и топење на снегови.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 5

На преминот од сувиот во влажниот дел од пештерата мора да се совлада еден многу тесен процеп, по што се навлегува во делот кој со својата впечатлива убавина предизвикува чувство на восхит и го открива сиот раскош на овој подземен објект. За жал, кај некои посетители амбиентот на пештерата предизвикува нагон за запишување во вечноста, па, свесно или несвесно, со испишување на разни пораки по ѕидовите прават трајна штета на ова природно богатство создавано низ милиони години.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 6

Карактеристично за внатрешноста на пештерата е тоа што низ целата нејзина должина можат да се забележат микрорелјефни структури (во кои не спаѓаат пештерските украси кои се формирани многу подоцна) кои укажуваат на тоа дека пештерата е формирана од речен тек кој истекувал слободно, односно гравитациски, но и дека каналите во одредени периоди биле плавени и обликувани од вода под притисок.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 7

Што се однесува до пештерските украси формирани од капиларна вода богата со калциум бикарбонат, најзастапени се сталактитите, сталагмитите, пештерките столбови и сливови, драпериите (пештерски завеси) и сл. Најголемиот број од нив се масивни, со големи димензии, но има и такви кои се во самиот зачеток од нивното формирање. Нивната боја покрива цел спектар на нијанси, од бела, жолтеникава па сѐ до кафеава, што се должи на разни примеси на неоргански, но и на органски материи, растворени во водата со чие капење или сливање се создале овие украси.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 8

Името Убавица оваа пештера го добила поради еден сталагмит во облик на скулптура на жена, но и поради големото богатство на украси во најразлични форми, како и севкупната амбиентална впечатливост облагородена со подземниот водотек и преубавиот водопад. Најатрактивниот сегмент од пештерата секако е големата сала со водопадот во која има импозантни пештерски украси и која е со дијаметар од околу 15 м., а се наоѓа на самиот крај од пештерскиот канал. Водопадот има височина од околу 6 метри.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 9

Подземниот водотек тече низ пештерата во должина од околу 420 м., понира во еден од нејзините ходници и како силен карстен вруток се појавува на 30 м. под нивото на пештерата. Температурата на водата се движи помеѓу 9 и 11,3 Цезиусови степени, додека пак температурата на воздухот е околу 10 степени. Влажноста на воздухот во главниот дел од пештерата е голема и нејзините вредности достигнуваат до степен на потполна заситеност.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 10

Во пештерата се детектирани 7 видови лилјаци (од вкупно 30 евидентирани во Македонија), и тоа: голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum), мал потковичар (Rhinolophus hipposideros),тробоен ноќник (Myotis emarginatus), медитерански потковичар (Rhinolophus euryale),  долгокрилест лилјак (Miniopterus schreibersii), голем ноќник (Myotis myotis) и остроушест ноќник  (Myotis blythii).

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 11

Кога станува збор за живиот свет, во Ѓоновица егзистираат и голем број акватични и терестријални (водни и сувоземни) организми од пониска класа, карактеристични за пештерските системи. Генерално, тие се поделени во 3 групи – троглобионти – организми кои се строго адаптирани за живот во подземни или пештерски средини и не можат да преживеат надвор од нив, троглофили – можат да живеат во пештери, но не се строго зависни од нив и троглоксени – организми кои повремено го користат пештерскиот простор, но не можат трајно да живеат или да се размножуваат во него. Meta menardi е еден од двата вида пајаци (покрај Metellina merianae), кои можат да се сретнат на самиот влез во пештерата Ѓоновица, и се типични претставници на троглофилните организми.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 12

Пештерските ракчиња од родот Alpioniscus се типични претставници на троглобионтите. Тоа се организми кои во текот на својата долготрајна еволуција се прилагодиле на живот во пештерски услови, при што потполно го загубиле пигментот и сетилото за вид, но за возврат им се развиле други сетила со чија помош можат да опстанат во специфичните пештерски услови, но не и надвор од пештерите. Како и сите троглобионти, осетливи се и на најмала промена на условите во нивната животна средина, па поради тоа, секое нарушување на амбиентот  може негативно да се одрази врз нивната популација и врз нивниот опстанок. Во Ѓоновица живее и ендемичниот вид тврдокрилец Ceuthophilus bukoviki, кој освен во оваа пештера не е забележан на друго место.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 13

Иако првпат е проучувана уште во почетокот на шеесеттите години на минатиот век (1962 – 1966) од страна на д-р Душан Манаковиќ, професор на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет од Скопје, а подоцна и прогласена за споменик на природата, пештерата Ѓоновица и покрај исклучително големите природни вредности била оставена незаштитена и на милост и немилост на бројните посетители, при што имало многу случаи на намерно оштетување и изнесување на пештерските украси.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 14

Дури во 2023 година е започнат проект за „Заштита и мониторинг на пештерата Ѓоновица – идно НАТУРА 2000 подрачје“ на Спелеолошкиот Клуб „Кораби“ од Гостивар, кој е спроведен во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – финанирана од Европската Унија, а која ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Во рамките на проектот спроведени се три основни намери и тоа – поставена е железна врата според стандардите за вакви објекти, со која треба да се спречи неконтролирано влегување во пештерата, обезбедени се научно-истражувачки податоци за пештерата и поставени се основи за понатамошно квалитетно управување. Во рамките на проектот направена е и акција за отстранување на графитите испишани по ѕидовите на пештерата.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 15

Денес Ѓоновица, меѓу другото, служи и како ресурс за понатамошно проучување и едукација, при што повремено се организираат посети организирани во соработка помеѓу научните установи и спелеолошките друштва, при што се добиваат нови сознанија за нејзините природни вредности. Во една таква посета деновиве беа и студенти од Институтот за биологија при Природно – математичкиот факултет од Скопје.

gjonovica primer za vrednosta na speleoloskoto nasledstvo 16

Сепак, и покрај неколкуте убави приказни поврзани со пештерите во изминатава деценија и повеќе, генерален впечаток е дека на овој сегмент од природното наследство на Македонија не му се посветува потребното внимание. Безмалку сите проекти за негова заштита се иницирани и спроведени во најголема мерка поради ентузијазмот на поединци или на членовите на неколкуте спелеолошки друштва, и речиси редовно таквите проекти се финансирани од странство. Покрај тоа, отсуствува и систематски научен пристап за истражување на вредностите на овие подземни карстни форми.

И понатаму за научно–истражувачката работа и за заштита на природната средина од државниот буџет се издвојуваат срамни минорни средства, што, се разбира, долгорочно ќе има негативни, а во многу случаи и непоправливи последици.

Но, можеби некој ќе се сети, па од последните седум милијарди евра планирани и добиени кредити ќе се одвои дел и за научни проекти или пак проекти за заштита на животната средина и природното наследство.

Извори:

СТУДИЈА ЗА ГЕОДИВЕРЗИТЕТОТ И ГЕОНАСЛЕДСТВОТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ДРУГИТЕ КОМПОНЕНТИ НА ПРИРОДАТА (БИОЛОШКА И ПРЕДЕЛСКА РАЗНОВИДНОСТ) – МЖСПП

НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА (2017 – 2027) – МЖСПП

Abiotic and biotic features of the Ubavica cave (Gjonovica – North Macedonia) – Mattia Iannella, Ph.D. Ilaria Vaccarelli, B.D.

SPELEOLOŠKI RIJEČNIK – Hrvoje Malinar

https://igeoportal.net

Благодарност до Александар Стојаноски и Истражувачко Друштво Урсус Спелеос

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Преземено од Дома.еду.мк

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

Претходно

Поранешниот француски претседател Саркози лишен од орденот Легија на честа по пресудата за корупција

Следно

Најмалку 5 Палестинци се убиени од израелската армија додека чекале помош во Газа

Latest from Blog

Трамп: Наскоро ќе има мир меѓу Израел и Иран

Иран и Израел наскоро ќе постигнат мировен договор, објави американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. – Иран и Израел треба да постигнат договор – и ќе постигнат. Исто

ВМРО ДПМНЕ: СДСМ за одговорност прво нека се обрати кај Филипче, Заев, Спасовски, Ахмети, сега има правда која се темели на наоди

СДС нека се обрати најпрвин до Филипче, Заев, Ковачевски, Зечевиќ, Маричиќ, Спасовски, Ахмети и дружината за секое злодело што е направено во државава изминативе 7 години, реагираат од ВМРО ДПМНЕ на прес

Хјонг-Мин Сон во дресот на Фенербахче

Жозе Мурињо и Хјoнг-Мин Сон неодамна одржале лична средба на која тема била можниот трансфер на ѕвездата на Тотенхем во турскиот гигант Фенербахче. Според информации од Турција, капитенот на Тотенхем е заинтересиран

Израел од воздух продолжува да го напаѓа иранскиот главен град Техеран

ТЕХЕРАН – Драматично видео покажува големи оштетувања на една зграда погодена од израелскиот напад во источниот дел на Техеран, главниот град на Иран, известува Анадолу. Тимовите на иранската Црвена полумесечина спроведуваат операција

Се разгледува финансирање на нов Клинички центар, од понеделник почнува мапирање за нови здравствени установи

Повторно заживеа идејата за изградба на нов Клинички центар. Министерот за здравство Азир Алиу очекува проектот да биде финансиран со парите за проектно финансирање кои на Македонија и се ставени на располагање
Go toTop