Резултатите покажуваат и дека само 17 отсто од граѓаните сметаат дека ЕУ има фер, пријателски и коректен однос, наспроти 65 отсто кои сметаат дека односот е нефер, надмен и уценувачки
Најголем пријател граѓаните гледаат во Србија, потоа следуваат САД, Турција и ЕУ. Бугарија, пак, се перципира како најголема закана
Во однос на довербата во институциите, Армијата бележи пад од 47 отсто во 2021 на 39 отсто во 2022 година, но останува со најголема доверба кај граѓаните. Судството и обвинителството, пак, остануваат на дното
Голем пад на поддршката за евроинтеграциите на државата детектира истражувањето „Еврометар“ за 2022 година, кое денеска го презентираше Центарот за европски стратегии „Евротинк“.
Во 2022 година дури за 20 отсто е намален бројот на граѓани кои сметаат дека членство во ЕУ е добра работа во споредба со 2021 година.
„На прашањето дали испитаниците сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа за државата, 49 отсто одговориле потврдно, што претставува најниско ниво од 2014 година наваму и остар пад од 20 процентни поени во однос на 2021 година. Проценката на односот на ЕУ како ’фер, пријателски и коректен‘ изнесува 17 отсто наспроти 30 отсто измерени во 2021, а дека односот на ЕУ е ’нефер, надмен и уценувачки‘ сметаат 65 отсто наспроти 48 отсто измерени во 2021 година“,
соопшти „Евротинк“.
На прашање, пак, дали „ЕУ е најдобра алтернатива“ или „С Македонија треба да бара сопствен модел на развој надвор од ЕУ?“, 58 отсто од испитаниците одговориле дека ЕУ е најдобра алтернатива, додека 33 отсто сметаат дека треба а се бара друг модел.
Според резултатите на уште едно прашање поврзано со ЕУ, 29 отсто од граѓаните сметаат оти земјава никогаш нема да влезе во Унијата. 12 отсто веруваат дека влез во ЕУ може да се случи во наредните 5 години, а 16 отсто смеаат дека тоа ќе биде за 5-9 години.
Во земјава нема демократија сметаат 61 отсто од испитаниците
Кога станува збор за перцепцијата за фундаменталните општествени вредности, истражувањето покажува дека високи 61 отсто од испитаниците сметаат дека во земјава нема демократија.
„Големо општо незадоволство се отсликува и преку мислењето на граѓаните за правецот на државата каде што 72 отсто сметаат дека Северна Македонија се движи во погрешна насока“,
покажуваат резултатите во „Еврометар“.
Граѓаните поделени во ставот дали С Македонија ќе го промени Уставот
Дел од истражувањето било и прашање во однос на тоа дали испитаниците сметаат дека земјава во текот на 2023 година ќе го промени Уставот и ќе ги продолжи преговорите. Резултатите покажуваат поделба во ставовите.
Конкретно, со „да“ одговориле 38 отсто од испитаниците, а со „не“ 39 отсто. „Не знам“, пак, рекле 21 отсто од анкетираните.
Србија најголем пријател, Бугарија најголема закана
Кои се најголеми пријатели, а кој е најголема закана на земјава, била уште една од темите на кои се однесувала анкетата.
Според резултатите, 37 отсто од испитаниците ја навеле Србија како одговор на прашањето „Која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија“.
Втори на листата со 11,4 отсто се САД, потоа Турција со 8,4, па ЕУ со 8,1, Германија со 4 отсто итн.
Интересно е што и 11,6 отсто одговориле дека земјава нема пријатели.
Од друга страна, дел од прашањата се однесувале и на тоа дали има и која е најголемата закана за Северна Македонија.
42 отсто од испитаниците рекле дека веруваат оти постои држава или меѓународна организација која претставува закана за Македонија, додека 53 отсто сметаат дека нема таква.
Од оние што сметаат дека некоја држава или меѓународна организација претставува закана за државата, дури 27,4 отсто ја посочиле Бугарија.
Четири отсто од испитаниците, пак, ја посочиле Русија.
Армијата со најголема, судството и обвинителството со најмала доверба
Кога е во прашање довербата во институциите, пак, и во 2022 година граѓаните најмногу ѝ верувале на Армијата.
„Граѓаните највисока доверба имаат во Армијата, 39 отсто, што сепак претставува пад од минатогодишните 47 отсто. Понатаму следат религиските институции 32 отсто, а веднаш по нив е полицијата со 21 отсто“,
наведува „Евротинк“.
Правосудството, пак, си се задржа на дното. Судството и во 2022 година е со најмала доверба од граѓаните, само 6 отсто, а тука е и обвинителството со 7 отсто.
Истражувањето „Еврометар“ беше направено телефонски од страна на „Брима“ во периодот од 12 декември до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1 006 испитаници.
ИЗВОР: 360stepeni.mk