АНКАРА (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Туркије ќе го направи својот дел кога станува збор за членството на Финска во НАТО, јавува Анадолу.
„Каков и да е процесот, ние ќе го водиме. Ќе го направиме нашиот дел. Ќе го одржиме ветувањето“, изјави Ердоган за новинарите по состанокот на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (АК) во Големото национално собрание на Република Туркије.
По средбата со финскиот претседател Нинисто во петокот во Истанбул, Ердоган рече: „Ќе се сретнеме со претседателот и ќе го исполниме ветувањето што го дадовме.“
„Нинисто ќе ја посети Туркије од 16 до 17 март“, соопшти денес турската Дирекција за комуникации.
Ердоган и Нинисто ќе разговараат за сите аспекти на билатералните односи и за чекорите што може да се преземат за подобрување на соработката.
Тие, исто така, ќе разменат мислења за минатогодишниот Самит на НАТО во Мадрид, кандидатурата на Финска за членство во НАТО, односите меѓу Туркије и ЕУ и регионалните и меѓународните прашања, се вели во соопштението.
Минатиот јуни Туркије, Финска и Шведска потпишаа Меморандум на Самитот на НАТО во Мадрид за решавање на легитимните безбедносни грижи на Анкара, отворајќи го патот за нивно конечно членство во Алијансата.
Меморандумот се однесува на загриженоста на Туркије, вклучително и извозот на оружје и борбата против тероризмот.
Само Унгарија и Туркије сѐ уште не ги ратификувале барањата на Шведска и Финска за вклучување во НАТО.
За да ги одобри нивните кандидатури за членство во НАТО, Анкара бара двете нордиски земји да преземат конкретни активности за борба против терористичките организации ПКК и ФЕТО која стои зад неуспешниот пуч во Туркије во 2016 година. Сепак, се смета дека Шведска не прави доволно за да добие одобрение од Туркије.
Претходно, Ердоган даде зелено светло за членството на Финска пред Шведска, велејќи: „Можеме да ѝ одговориме поинаку на Финска доколку е потребно.“
Извор: www.aa.com.tr