ИСТАНБУЛ (АА) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утринава гласаше во Истанбул, по што изјави дека е многу важно граѓаните да излезат на гласање во што поголем број и да ја покажат силата на турската демократија, јавува Анадолу.
Граѓаните на Туркије денес гласаат на претседателските и парламентарните избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за новото свикување на Големото национално собрание на Република Туркије, кое има 600 пратенички места.
Актуелниот претседател Ердоган, кандидатот на Народната алијанса предводена од Партијата за правда и развој (АК Партија), на чие чело е тој, гласаше на избирачко место во областа Ускудар во Истанбул. Ердоган беше придружуван од сопругата Емине Ердоган.
Во кратката изјава за новинарите по гласањето, Ердоган рече дека изборниот процес се одвива според планот, без никакви проблеми.
Посебно е важно, истакна тој, изборниот процес да се одвива непречено во регионите во Туркије погодени од земјотресот.
„Нашите граѓани во регионите погодени од земјотресот излегуваат на гласање со голема желба“, рече Ердоган, додавајќи:
„Од голема важност и од аспект на покажување на силата на турската демократија е нашите граѓани да излезат на гласање без никакви грижи.“
Право на глас на изборите имаат 64,1 милиони луѓе, а првпат ќе може да гласаат повеќе од 4,9 милиони турски граѓани.
Извор: www.aa.com.tr