Дубаи сам си ја направи бељата?

1 min read

Дождовите што го зафатија Дубаи и Емиратите предизвикаа поплавени домови и подземни гаражи со милиони долари возен парк, затворање на училишта, компании и аеродроми, и комплетен сообраќаен хаос и колапс.

Во Дубаи во вторникот вечерта паднаа 14 сантиметри дожд, што е еднакво на количината што таму паѓа во период од година и пол. Ова се најголемите врнежи во Дубаи во последните 75 години. Поплавите беа толку моќни што има и една жртва која загинала откако нејзиното возило било однесено од водата.

Откако малку се стабилизираше работата, полека вината за поплавите се префрла на тамошната програма за сеење облаци, во која со авиони по небото се распрскуваат хемикалии кои предизвикуваат раст на врнежите.

Дубаи почна со сеењето облаци на почетокот од 2000-те за да ги зголеми врнежите што ги добива во текот на годината. Во овој процес прво се откриваат облаци кои се погодни за сеење и потоа со авиони или со топови од земја во нив се истураат хемикалии кои предизвикуваат создавање на снегулки.

Сличен метод се користи и низ остатокот од светот во ситуации на продолжена суша.

Иако до сега не се утврдени штетни страни на сеењето облаци, експертот метеоролог, Ахмед Хабиб, за Блумберг објаснува дека Дубаи со сеењето облаци директно придонеле за поплавите во Емиратите. Хабиб тврди дека два авиона во понеделникот и вторникот имале вкупно седум мисии за сеење облаци (на еден погоден облак се прави една мисија).

Од друга страна има метеоролози кои не веруваат дека поплавите се дело на човечките обиди за мешање во климата, бидејќи сеењето и до сега не покажало некои сериозни резултати.

Освен Емиратите, поплави, но нешто помали, имало и во Бахреин, Оман, Катар и Саудиска Арабија.

ИЗВОР: off.net.mk

Претходно

Во Скопје 114 казни за сообраќајни прекршоци

Следно

АТЕЛЈЕТО НА ТАТКО МИ БЕШЕ НАЈИНТЕРЕСНО МЕСТО ЗА ИГРАЊЕ, ВЕЛИ ЛАРА ТАШКОВСКА КОЈА ВО МАНУ ИЗЛОЖУВА СО ТАТКО Ѝ ВАСКО И ДЕДО Ѝ РИСТО РИСТОВСКИ

Latest from Blog