Борел до Курти: Нема нормализација на односите без мир на северот на Косово

June 15, 2023
2 mins read

Борел бара од шефот на косовската влада да преземе поодлучни чекори за смирување на ситуацијата, во согласност со мерките што ги бараат земјите-членки на ЕУ и американските партнери

Без смирување на ситуацијата на северот на Косово, нема простор за продолжување на процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина, смета високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Не можеме да постигнеме напредок во нормализирање на односите додека се справуваме со кризниот менаџмент. ЕУ и САД инвестираа многу во нормализацијата и сакаме да видиме како ќе напредува“,

се вели во писмото што Борел му го испратил на косовскиот премиер Албин Курти, а кое на Твитер го објави портпаролот на ЕУ, Питер Стано.

Писмото е одговор на планот од пет точки што премиерот на Косово на 13 јуни го испрати до земјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија) и до Брисел.

Во тој допис, меѓу другото, Курти бара во наредните денови да се одржи рунда преговори на највисоко политичко ниво.

„Подготвен сум да свикам средба на високо ниво со претседателот Александар Вучиќ под услов да сте подготвени да ги преземете неопходните чекори за прво да се деескалира ситуацијата и да се отвори патот за нови локални избори. Доколку сте подготвени да ги преземете потребните чекори, средбата може брзо да се организира“,

пишува во писмото од Борел.

Тој бара од шефот на косовската влада да преземе поодлучни чекори за смирување на ситуацијата, во согласност со мерките што ги бараат земјите-членки на ЕУ и американските партнери.

„Само по воспоставувањето на мирот и стабилноста на северот на Косово, можеме да се фокусираме на нормализација преку целосна имплементација на договорот за Анексот за нормализација и имплементација на двете страни“,

нагласува Борел.

Тој додава дека работата на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово треба да започне „без натамошно одлагање“.

Во својот одговор до Курти, Борел ги повтори барањата на Европската Унија и САД за неопходните чекори за смирување на ситуацијата.

Меѓу другото, ЕУ бара од официјална Приштина итно прекинување на полициските операции околу општинските објекти на север, алтернативна локација каде привремено би работеле новоизбраните градоначалници и распишување вонредни локални избори за четири општини на северот на Косово, на кои би учествувале и претставници на српската заедница.

На 13 јуни ЕУ предложи пакет мерки против Владата на Косово и премиерот Албин Курти како одговор на недостатокот на политичка волја да се преземат чекори за смирување на тензиите.

Тензиите во Косово започнаа на 26 мај, кога новите албански градоначалници на општините на северот, со помош на косовската полиција, влегоа во општинските згради, со противење на припадниците на тамошната српска заедница.

Состојбата кулминираше на 29 мај, кога српските демонстранти се судрија со членовите на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, во Звечан. Во судирите беа повредени десетици луѓе од двете страни.

Вчера, пак на територијата на Србија беа уапсени тројца косовски полицајци.

Додека Белград тврди дека биле на територијата на Србија, косовските власти велат дека полицајците биле киднапирани и бараат нивно ослободување.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа на националниот сервис РТС го обвини косовскиот премиер Албин Курти дека сака да предизвика војна.

Со барање за итно ослободување на тројцата уапсени припадници на косовската полиција, вчера се огласи и премиерот на Косово, Албин Курти. Тој упати обвинувања кон Белград и го оквалификува чинот како агресија и намера за дестабилизација.

Извор: 360stepeni.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Лионел Меси не планира да игра на СП 2026 година

Следно

Мбапе решен да остане во ПСЖ до 2024 година

Latest from Blog

Коњановски: Поголема улога на компаниите во развојот и општествениот живот на Битола

Иницијативата за формирање „Бизнис клуб Битола“, поддршката за Клиничката болница и поголемото вклучување на компаниите во активности од општествен интерес беа теми на работниот состанок на Регионалната комора со седиште во Битола.

Славески: Од следната недела до 15.000 денари неделно за подигање готовина од „АЛТА банка“

Од следната недела, неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картичките на „АЛТА банка“ АД Битола ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.

Проданоски: По половина век се обновува патот за Веселчани и Загорани

Се рехабилитираат три километри од локалниот пат што ги поврзува Веселчани и Загорани со регионалниот пат Прилеп – Битола, соопшти градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски. Според Проданоски, делницата се обновува по 50

Битола петта година ги вклучува граѓаните во планирањето на општинскиот буџет

Жителите на Битола и околните населени места ги изнесоа своите предлози за општинскиот буџет за 2027 година на втората сесија од Буџетскиот форум. Меѓу темите беа инвестициите во Старата чаршија, санацијата на

„Охридско лето“ со три бесплатни концерти надвор од фестивалската сезона

„Охридско лето“ ја продолжува концертната програма и по завршувањето на летната фестивалска сезона. Националната установа најави три бесплатни концерти со меѓународни уметници – два во Скопје и еден во Охрид. Првиот концерт
Go toTop