Болни од канцер чекаат резултати повеќе од еден месец, проблемот ќе се решава со специјализации

August 20, 2024
4 mins read

Жителка на Свети Николе денеска дојде во Скопје да бара резултати од примерокот што го земал пулмолог од трахеата на нејзиниот сопруг и на 25 јули бил даден на патолошко испитување поради малигно заболување. Оттогаш поминаа три недели, а никој не ги известил кога резултатот ќе биде готов и како ќе продолжи лекувањето.

Секој ден се јавувам на Клиника за онкологија, ми велат нема уште. Толку сум вознемирена, толку сум немоќна оти од тој резултат зависи каква терапија ќе му дадат. Додека чекаме, сопругот не се лекува и пропадна човекот. Крвна слика му се влоши, стана слаб, снема сила. На која врата на тропнам? Оставени сме сами на себе, без лек, во безизлезна ситуација“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) жената која побара да остане анонимна.

Жителка на Битола чека резултат од Институт за патологија од 25 јуни, од биопсија на коски, за нејзиниот татко болен од канцер. Од биопсијата требало да се утврди дали ќе му се дава имунотерапија.

„Сега, веќе не може ни да ја прима таа имунотерапија. Секоја недела по еден член од семејството оди во Институтот за патологија и секоја недела ни велат, не е до нас, нема резултат, дојдете повторно. Не нè прашуваат дали можеме да доаѓаме од Битола во Скопје“, вели соговорничката за РСЕ.

Болеста е тешка, неизвесноста уште повеќе

Повеќемина пациенти со канцер потврдуваат дека чекаат резултати од патолошки испитувања, или од Институт за патологија или од Клиника за онкологија и по повеќе од еден месец, иако им било кажано дека ќе ги добијат за десетина дена.

Велат дека и лош резултат е подобар од никаков резултат, дека секој ден чекање и неизвесност лошо им се одразува врз и онака нарушеното здравје. Уште полошо е што не знаат кога ќе почнат со лекување, а во меѓувреме болеста прогресира.

На шeесетгодишен жител на град од источниот дел на државата, пред пет месеци му е откриен канцер на дебел црево. Чекал за наодите од колоноскопија, сега чека резултати од извадениот дел од дебелото црево. И по пет месеци откако била откриена болеста, не почнал да се лекува.

„Ми кажаа дека треба да помине еден месец и после да се почне со хемотерапија. Кога поминаа точно 30 дена, дојдов во Скопје на Клиниката за онкологија. Од таму ми рекоа дека не се готови резултатите од биопсијата во Институт за патологија и кога ќе бидат готови ќе ги испратат на Онкологија. Помина уште една недела оттогаш, но уште немам никаков абер дека резултатите се готови и дека можам примам хемотерапија“, вели пациентот за РСЕ.

Скопјанката Билјана Величкова за РСЕ вели истиот проблем го имало и пролетва, кога таа се оперирала од канцер на града.

„Операцијата беше на 18 февруари, цел месец чекав хистопатолошки наод од патологија. Кога дојдоа резултатите, беа канцерогени клетки и мораше да се отстрани дел од градата. Кога на Институтот за патологија виделе дека е канцерогено, ги пратиле на онколошка клиника. И во двата случаи по еден месец чекав резултати. Ви даваат број на кој никој не се јавува, а чекаш информација за да знаеш дека е лоша. Тоа е човек да го изгуби паметот. Ме фати депресија, почнав да пијам и антидепресиви“, вели Величкова за РСЕ.

11 патолози за 30.000 анализи годишно

Минатата 2023 година на Институтот за патологија биле примени околу 30.000 упати за патолошка и/или молекуларна анализа на биоптични, оперативни, цитолошки и обдукциски материјали. Анализите ги прават 11 доктори специјалисти по патологија и 2 молекуларни аналитичари, одговорија од Институтот за патологија за РСЕ.

Овие доктори, покрај здравствената дејност, истовремено едуцираат студенти од Медицинскиот, Стоматолошкиот и Фармацевтскиот факултет, како и специјализанти по патологија.

Покрај тоа, овој Институт прима материјали за анализа и од сите големи хируршки и интернистички клиники и болници од Скопје и од другите градови.

„Резултатите од ситни биоптични материјали кои се земаат со цел иницијална дијагноза и правилно менаџирање на пациентите или евентуален предоперативен онколошки третман, се издаваат за 5 до10 работни дена. За најголем дел од оперативните материјали со малигна болест за кои е потребна дефинитивна дијагноза и одредување на постоперативен стадиум на болест, резултатите се издаваат за околу четири недели, време кое е оптимално за примање на терапија усогласено со светските протоколи за постоперативен онколошки третман, бидејќи пациентите и не може да примаат онколошка терапија непосредно по хируршката интервенција“, велат од Институтот.

Додека бројот на материјали примени за анализа се зголемува од година во година, бројот на специјалисти по патологија се намалува поради пензионирање и одлив кон приватните болници, а приемот на нов кадар е минимален.

Од ХЕМА-ОНКО, здружение на пациенти со канцер и нивните негователи, велат дека пациенти реагирале и кај нив.

„За задоцнетите резултати од хисто-патолошките наоди кои некогаш пациентите ги чекаат и подолго од определениот временски период од десет дена, имаме јавувања од пациенти кои реагираат дека овој период во некои случаи е пролонгиран и се чека повеќе и од еден месец. Која е причината најдобро знаат институции во здравството кои се директно инволвирани во оваа проблематика. Ние мислиме дека можеби една од причините е и несостатокот на реагенси односно потребни материјали за испитување“, велат од ХЕМА-ОНКО.

Од здружението побарале од фармацевтски компании да донираат реагенси за поддршка на Институтот за патологија што ќе бидат користени за тестирање на дијагностички и предиктивни маркери за рак на дојка и за меланом.

Министерот за здравство, Арбен Таравари, пак, најави дека Министерството подготвува план за специјализации при што предност ќе се даде за патолози, радиолози и анестезиолози.

„Знаеме сите што е проблемот. Имаме недостаток на радиолози и патолози. Затоа и не ретко, ама и не многу често се случува да задоцнат резултатите. Се обидуваме ова да го менаџираме максимално што можеме. Меѓутоа, повторно – некогаш се случува, не често, да задоцни некој резултат. Ако сите резултати се прочитани за 5 до 10 дена, и еден резултат е задоценет два или три месеци, само за тој ќе кажеме. А не кажуваме дека 99 отсто од резултатите не доцнат повеќе од 10 дена“, изјави Таравари.

Бројот на заболени од канцер во Северна Македонија секоја година расте. Лани на Клиниката за онкологија се лекувале 96.0000 пациенти, во 2022 година биле 87.000 пациенти, во споредба со периодот 2017-2020 година, тука се лекувале по околу 70.000 пациенти годишно.

Пораснал и бројот на новозаболени пациенти, па лани биле 4.652 кои првпат се соочиле со дијагнозата канцер. До крајот на 2024, се очекува бројот на новодијагностицирани со малигна болест да надмине 5.000 лица.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Босанската полиција застрела мигрант кој пукаше кон полицајците

Следно

Дали сега имаме доказ дека Украина го рокна Северен тек?

Latest from Blog

Пет месеци по неговиот избор: Претседателката Силјановска-Давкова ќе го прими Филипче во Вила Водно

Денеска ќе се одржи работна средба помеѓу претседателот на СДСМ, Венко Филипче и Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска – Давкова, извести СДСМ. Ова е прва средба на новиот претседател на СДСМ

Дел од општините сè уште немаат мерни станици – Дали воздухот во Македонија е многу позагаден отколку што мислиме?

Енормното загадување на воздухот е реалност што нè чека и оваа зима, иако не е официјално започната, речиси секој ден, освен кога има дожд и ветер граѓаните се гушат во висока концентрација

Парламентарци од Чешка во посета на Собранието на Македонија

Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, денеска ќе го посети Собранието на Република Македонија. Како што е најавено, чешката парламентарна делагација ќе биде примена

Какво ќе биде времето денес?

Времето денеска ќе биде ведро и студено со услови за појава на магла по одделни котлини. Преку денот сончево со мала локална облачност и со слаб променлив ветер, соопшти Управата за хидрометеоролошки
Go toTop