Раководството на АБА2 лигата донесе одлука за промена на системот за натпреварување почнувајќи од сезоната 2024/25, укинувајќи ја досегашната пракса регуларниот дел од сезоната да се игра на неколку турнири во различни градови од регионот.
Според извршените промени, се воведува групен систем, па така 16-те екипи учеснички ќе бидат поделени во четири групи од по четири клубови.
Според новиот систем, најдобрите две екипи од секоја група ќе се пласираат во следната фаза, каде повторно ќе бидат формирани две групи од по четири тима.
Потоа по двете најдобри екипи од овие групи од оваа „главна фаза“ ќе се најдат во Топ 4, каде ќе разигруваат преку полуфинале и финале за освојување на титулата и влез во елитното друштво од АБА-лигата.
Македонија повторно има загарантирани две места во АБА2 лигата, што ќе припаднат на финалистите од плејофот, МЗТ Скопје и Пелистер.
Ова практично значи дека по авантурите по турнири во последните неколку сезони, македонските претставници ќе можат да играат регионално лигашки мечеви на домашен терен, а поддршката од трибините сигурно ќе им биде значаен фактор за да стигнат што подалеку во наредната сезона од регионалното натпреварување.
Постои шанса Македонија да има и трет учесник во АБА2 лигата, како третопласиран на табелата тоа би бил Работнички, но за тоа да се случи „центарци“ ќе треба да платат за вајлд-карта за учество во ова регионално натпреварување.
Извор: kurir.mk