На денешен ден е роден Блаже Конески: Вака пишуваше за Македонија

December 19, 2024
5 mins read

На денешен ден во 1921 година е роден Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување дало огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ.

Тој бил прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав.

Негова прва книга е поемата „Мостот“, ја објавил непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објавил делата „Земја и љубовта“, „Песни“, „Везилка“, „Лозје“, „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Светото на песната и легендата“ и други.

Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на „Граматика на македонскиот јазик“, „Историја на македонскиот јазик“, „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија“.

Во македонската современа општествена стварност, во смисла на одбрана на македонската држава и македонскиот јазик, како темели на македонскиот национален и историски идентитет е позната неговата максима: „Јазикот е нашата единствена целосна татковина“. Покрај другите награди, добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден бил во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година. 

Во продолжение ви го препорачуваме првиот дел од фељтонот за Конески што Рацин.мк во неколку продолженија го објави со извадоци од критичкото издание на МАНУ од 2014, во пресрет на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик.

Вака пишува Блаже Конески во предговорот на неговиот „Дневник по многу години“, за прв пат објавен во 1988. Рацин.мк во неколку продолженија ќе пренесе извадоци од критичкото издание на МАНУ од 2014во пресрет на 5 Мај, Денот на македонскиот јазик. Впрочем, Конески и неговото дело секогаш се повод сами по себе.

ХОЖДЕНИЕ ПО ЗЕМЈАТА МАКЕДОНСКА

Го избрав намерно архаизмот хождение, место денеска обичното одење, за да му придадам извесна тржественост на своето кажување.

Пред некој ден чув по радио една новокомпонирана песна. Нејзината содржина можам приближно да ја прика жам вака: „Во срцето на Балканот има една земја убава. Каде и да одам, кај да се наоѓам, не можам да ја заборавам. Ти си ми и мене во срсево, лична земјо македонска!“ И навистина, чудесна е нашата татковина! Таа е мала, дури многу малечка. Штета! Ама ајде обиди се да ја изодиш пеш! Сега ќе видиме како минаа двајца наши другари од сту дентските денови, Тошке и Максим, кога се решија на еден таков подвиг.

Одењето во народот, да се запознае родната земја и животот на бедните и неуките селани, па и да им се помогне во барањето излез од немаштијата и непросветеноста, стана село движење меѓу руската интелигенција во последните децении на минатиот век. Слични настроенија се јавија и кај нас во годините пред Втората светска војна, кога нашата национална кауза бележеше подем, поврзувајќи ги своите сели и со радикална социјална програма. Така студентите по право Тодор Павлов – Тошке од Дурачка Река кај Крива Паланка и Борис Саздов – Максим од Штип направија план да ја изодат едно лето пеши земјата македонска сè до Охрид, каде што требаше да се вклучат во студентската колонија. Нив ги сврзуваше цврсто другарство уште од гимназијата, а тоа уште повеќе се зацврсти на студиите во Белград. По нивниот договор Тошке требаше да пешачи сам до Штип, а отаде да го продолжат патот заедно.

Тоа треба да беше летото по моето матурирање. Ние веќе бевме примени во прилепската студентска група и ги предвкусувавме првите сладости на слободниот живот. Првите чекори во него ги правевме со тоа што игравме слободно табланет и пиевме пиво во кафето на „Југославија“, каде што се собиравме секое попладне штом ќе прекрши горештината, чекајќи го времето за на корзо.

Едно такво попладне на нашата маса се читаше гласно една поштенска картичка адресирана до Миме Тошев. „На својот пат пеши по Македонија Тодор Павлов и Борис Саздов стигнаа во Неготино“, – стоеше таму. Натаму се соопштуваше на кој ден и кога треба да ги чекаме и ни беше упатена молба да им обезбедиме сместување, јадење и починка. Нè обзеде возбуда и благородно чувство на гордост. Се наоѓаат меѓу нас такви што ни го покажуваат патот. Ништо во таа картичка не беше излишно и неважно. Најмалку споменувањето на милото име Македонија. Нашиот патриотизам црпеше сила и од тоа што другарите од Него тино ни пишуваа на македонски јазик. Навистина, во тој јазик се мешаа и изразити тиквешки локализми, но ние ги слушавме милосно, без помисла да се насмееме. Сето тоа беше некаков знак за нашиот полет.

Во определеното време, пак приквечер, по ладот, се собравме во широкиот двор на Тошевци за пречек на нашите патници. Чекавме доста долго со разбирлива нетрпеливост. Најпосле некој свика откај портата: „Идат!“ Како веќе да ги гледаме пред очи насмеаните лица на Тошкета и Максима, се наредивме за поздравување, гушкање и ликување. Но нè чекаше тешка изненада. Во портата се провре збунето магаренце, а на него Тошке, не јавнат, ами омрцлавен, со чело преврзано со шамиче. Од едната страна го придржуваше Максим, мал и сега уште позапечен од сонцето, како некое котле, а од другата еден непознат селски човек, сигурно пазарџија тргнат в град. Замреа на нашите усни извиците на радост. Сфативме дека треба да се помага. Дури го растоваравме Тошкета, сфативме дека и во нас треба да совладуваме еден интимен пораз. Не било така лесно да се изоди пеш малата земја македонска! И како Тошке да ни беше крив за нашите изневерени очекувања како лекомислено да зел на себе, без да биде дораснат, премногу тешка и сериозна обврска. Да папсаш на пат е толку честа и обична работа. Никој и не помислува да бара одговорност за тоа. Но ова не беше обично одење, ами одење по родната земја што значи еден посебен симболичен чин.

Подоцна од Тошкета сум разбрал уште некои подробности за неговото страдање. Тој постанал и дури сосем клапнал на угорницата кон Плетвар. Наоѓаше дека главната причина била таа што го нападнале некои ситни мушички. Каква иронија на животот! Да можат тие мушички да срушат една толку смела и горда замисла како што е хожде нието по родната земја! Малиот Максим се покажал на таа угорница поиздржлив. Ситуацијата ја спасил човекот со магаренцето, но со самото тоа изгаснал сјајот на подвигот.

Во куќата на Тошевци мајка му на Мимета, тетка Марија, ги подложила веднаш страдалниците на енергичен третман. Таа стоплила цела аранија вода и ги натерала да се полеваат над коритото до потење, за да излезе треската. Потоа ги држеле долго нозете во легени во врела вода со сол, да им омекнат набиените места и мозолите. Добрата жена не можела притоа да се воздржи од благи прекори: „Е море деца, деца, глави улави! Тешко си им на кутри мајки ваши со вас!“

Откако се одморија два-три дена во Прилеп, Тошке и Максим го продолжија патот за Охрид – до Битола со воз, а отаде со автобус. Се разбира, ние нема зошто да ги следиме понатаму.

Но колку тешко му доаѓал умот на човека и колку малку значел за него туѓиот опит! Многу години подоцна, како зрели луѓе, дури скитавме по Водно и други планини, Васил Иљоски, Ѓорѓи Абаџиев и јас почнавме да се занесуваме со мислата да купиме некое лето магаре, да го натовариме со провијант и други потребни работи и да го минеме пеши патот од Скопско до Мариово. Сепак нè научи Господ да не ја спроведеме таа замисла во дело. Што беше тоа што ја раѓаше таа силна желба во нас? Тоа беше повикот на родната земја со нејзините сенки по кориите, со ладните и бистри водје на таинствени места, со чудесната музика на штурците и со мирисите што ги разнесува широко приквечер тихо ветре. Длабоко ѕунеше во нас тој зов на родната почва, во самиот наш крвоток, како нашите души да можат да расцутат само во допир со неа.

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Без судска одлука, Груби не можел да биде приведен при преминување на границата, смета професорот Калаџиев

Следно

Сончево со мала облачност – од петок снег!

Latest from Blog

„Мириса на дома” – Кампања која го слави македонското гастрономско наследство, традицијата и уметноста

Македонската традиција е многу повеќе од наследство – тоа е срцето на нашата култура, вредности кои се пренесуваат од колено на колено. Со кампањата „Мириса на дома”, Халкбанк ги поттикнува сите да

Општина Центар за три години го зголеми буџетот за култура од 3 на 13 милиони денари

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска во утринската емисија на телевизија Телма рече дека е неопходно заедничко делување преку кампањи и едукација на родителите и децата за надминување на вандализмот. „Имавме

МРТВ ЌЕ СНИМА ДОКУМЕНТАРЕЦ, ИГРАН ФИЛМ И ТВ-СЕРИЈА ЗА ТОШЕ ПРОЕСКИ ЗА ШТО ВЛАДАТА ЌЕ ДАДЕ МИЛИОН И ПОЛ ЕВРА

Македонската радио телевизија (МРТВ) во копродукција со некоја од регионалниите ТВ-куќи ќе снима игран филм, ТВ-серија и документарен филм за починатата поп ѕвезда Тоше Проески, проект кој макдонската Влада ќе го поддржи

Владиката Партениј повикува само на посветеност и молитва – апел кон верниците од Дебарско-кичевската епархија

Владиката Партениј повикува само на посветеност и молитва – апел кон верниците од Дебарско-кичевската епархија. Возљубени во Христа браќа и сестри, верници од богочуваната Дебарско-кичевска епархија, Во овој празнично благословен, но за

Трипуновски: Модификацијата во делот на субвенциите треба да биде со припрема на земјоделците, целта е зголемено производство и зголемена добивка на земјоделците

Ние изминативе 6 месеци санираме наследени ситуации, конкретно субвенциите. Со нашето доаѓање имаме над 4 милијарди денари заостанати обврски кои што ги исплаќаме од претходните години. Со ребалансот на Буџетот, со пренамена
Go toTop