На 9 декември во 20 часот во Филхармонијата ќе има Гала премиера на реставрирана копија на филмот „Пред дождот“, македонски светски признат класик на режисерот Милчо Манчевски. Пред точно 30 години „Пред дождот“ го освои Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал, како и уште 9 други награди на Фестивалот.
Со овој настан се одбележува 30-годишнината од премиерата, и организаторот најавува дека ќе дојдат Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а преку видеопорака ќе се обрати Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано “, новиот филм на Манчевски.
„Присуството го потврдија 21 амбасадор во Македонија и личности од политичкиот и јавен живот. Со цел овој свечен настан да биде достапен и за сите љубители на филмот, ограничен број бесплатни билети ќе бидат достапни на касата на Филхармонија. Одбележувањето на 30-годишнината во Скопје е организирано со приватни средства и со трудот на група професионалци, без учество на државата во организирањето, ниту во финансирањето на настанот“, велат од тимот на режисерот.
„Пред Дождот“ стана дел од светската културна баштина, стана класик со сврстувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата.
За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и Златниот лав, ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит и Номинацијата за Оскар), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавија во светската стручна литература посветени на овој велик филм.
Годинава и Државниот филмски архив на Кина и Државната телевизија на Словенија го одбележуваат јубилејот со специјални проекции на „Пред дождот“, а повторно ќе се прикажува и во Бразил.
По победата во Венеција, освои уште 30-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 60-ина земји и, како што вели Сајмон Пери, „беше да побудалиш блиску до тоа да го освои Оскарот за најдобар странски филм“ во 1995.
„Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. „Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира, делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.
„’Пред дождот’ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја”, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија. Со помош на „Пред дождот” се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја – англискиот. Дури, има и италијанско вино што се вика „Пред дождот“. Во ноември 2024 филмот повторно се прикажува во Кина (од Државниот кинески филмски архив), во Словенија и во Бразил.
За „Пред дождот“ се објавени над 5.000 текстови на 50-ина јазици, неколку илјади текстови емитувани на радио и на телевизиските мрежи низ светот, има десетина илјади референци за овој филм на Интернет.
Пред светската премиера, кога „Пред дождот“ бил избран да игра во конкуренцијата за награди, Венецискиот фестивал му пишал љубезно писмо на Манчевски да го праша какво е македонското знаме, оти никогаш не го виделе. Во 1993 „Бритиш скрин“ почна соработка со Македонија за „Пред дождот“, иако Велика Британија немаше дипломатски односи со државава. Во 1995, кога „Пред дождот“ беше номиниран за Оскар, Манчевски одби да присуствува на свеченото доделување на Оскарите затоа што Американската филмска академија реши филмот да биде најавен како филм од ФИРОМ, и успеа да оди под уставното име, Република Македонија.
Во земјава, реплики од филмот станаа дел од популарната култура. На крајот на 1990-те на зградата на Македонската опера и балет стоеше графит со дијалогот: „Нема тука да пукне, мирен е народот. – Така и за Босна викаа, сега Запад сеир гледа, чека да се испоколат“.
Репликата „Пукај бе, братучед, пукај“, веќе 30 години се испишува на разни објекти во Скопје, беше мото и на транспарентите на сега веќе историските студентски протести во 2014-2015, исто како и „Кругот не е тркалезен“.
А 14 години по светската премиера, Македонија го доби својот прв светски признат класик: на 24 јуни 2008, легендарниот американски издавач „Крајтирион колекшн“ го издаде „Пред дождот“ на ДВД. Ова е едно од многуте комерцијални ДВД изданија во светот на нашиот најуспешен филм.
Кога во септември 2004, токму на 10-годишницата од венециската премиера на филмот, излезе Монографијата „Дожд – Светот за ’Пред дождот’ на Милчо Манчевски“, на промоцијата беше и првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, кој рече: „Знаете што, јас мислам дека ‘Пред дождот’ е најубавото нешто што ѝ се има случено на Македонија во овие 10 години”.
Триесет години по премиерата, на Оскарите 2024, во промотивното видео емитувано пред оскаровската церемонија во кое филмски уметници одговараат на прашањето кој филм ги инспирирал да посакаат да патуваат во земјата каде е снимен, легендарната актерка Глен Клоуз го избра „Пред дождот“.
„Постои филм што се вика ‘Пред дождот’ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара земја и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, рече Клоуз која има осум номинации за Оскар.
ИЗВОР: sdk.mk