Силно светнал ден

November 25, 2024
8 mins read

По повод 85 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, Рацин.мк го објавува првиот фељтон посветен на оваа клучна книга со којашто ѝ се отвори патот на современата македонска книжевност. Авторка на фељтонот е универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, истакнат рацинолог, авторка на книгата „Рацин и експресионизмот“ којашто е една од најреферентните научни објави за Рациновото творештво, а воедно и исклучително посветена книжевна критичарка.

Во фељтонот, за првпат, на ваков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на „Бели мугри“.

Автор на фељтонот: Весна МОЈСОВА-ЧЕПИШЕВСКА

Авторката на фељтонот Весна Мојсова-Чепишсевска во Самобор

Литературната генеза на авторот на „Бели мугри“, всушност започнува со испишувањето на околу триста редови во стих и проза, во вид на триесет и една дописна картичка, упатени на една единствена адреса – до својата љубов Рахилка (Раца) Фирфова, кои пак се органски дел или комплементарна надополна на ракописната збирка „Антологија на болката“ („Антологија бола“). Овие стихови, создавани во периодот од 1928 до 1929 година се лирика на неговата рана младост. Тие се првите стапки на идниот поет.

„Го зимам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздух по тебе. Антологија на болката… и мое портре ако побараш… Капка крв од моето тело и душа – ја имаш веќе… Моето идно име – ме врзува засекогаш со тебе…“, пишува Рацин во својата дописка под реден број 15 именувана како „Распаќе“ (1987 (в): 19, препев Гане Тодоровски).

Сепак, првообјавениот Рацинов текст е автобиографскиот, a едновремено и програмски текст, или поетската проза „Резултат“ (објавен во списанието „Критика“ / „Kritika“. Загреб: год. IV, бр. 4-5, август-септември 1928 година). Дури потоа, истата година и во истото списание („Kritika“. Загреб: год. IV, бр. 6-7), излегува од печат песната „Синови на гладот“ („Синови глади“).

Непобитен факт е дека рефлексиите на сите поголеми и поважни литературно-естетички раздвижувања од Европа подоцна стасуваат на овие (балкански) простори, а најдоцна кај нас, во Македонија. Токму поради тоа е навистина штета што Рацин нема да се појави на литературната сцена со одделната книга стихови „Антологија на болката“ уште во 1928 година, кога во Македонија се инсистира на фолклорниот реализам, на регионализмот, на етнографско-битовата компонента во литературната уметност. „А експресионизмот и низ својата задоцнета (југословенска) варијанта ја обојува и ја осмислува литературната мисија на еден помодерен начин, низ европејски дух. Така Рацин станува „пар екселанс“ експресионист, крлежијанец, побунета и револтирана личност“, вели Гане Тодоровски во предговорот „Поезијата на младиот Рацин“ кон книгата „Поетски творби“ на Кочо Рацин. (1991: 13-28). Неговата лирика црпи од ризницата на експресионистичката поетика, прифатена од прва или втора рака.

И потоа, во 1939 година во Самобор близу Загреб излегува од печат стихозбирката „Бели мугри“. Иако е трета стихозбирка објавена на македонски јазик во предвоениот период, по оние на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 во Софија, таа го носи приматот на прва збирка авторска поезија на народен македонски јазик зашто излегува во рамките на една тогашна држава – Кралство Југославија кон која припаѓала и денешнава наша Македонија.

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Таа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Со „Бели мугри“ ѝ се отвора пат на современата македонска книжевност, а Кочо Рацин станува еден од нејзините основоположници.

Стихозбирката, составена од 12 песни, напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, ја гради својата поетска слика низ социјални и револуционерни теми. Насловот на стихозбирката е симболична слика која е посакувана од работниците, аргатите, тутуноберачите и сите експлоатирани луѓе, зашто како што пее Рацин:

„Има, има – в темнината

нешто живо пак да свети:

има болка на душата

има души наранети.

Болка боли – болка гори

болка пече, душа мори,

А болката кога свети –

тешко, тешко, тешко клети!“ (1987(в): 136)

Да се има идентитет, значи да се биде различен од другите. Тоа доведува до етнизација на културата, до распарчување на културата на етнокултурни сегменти, каде што секоја етничка група си ја ревитализира сопствената традиција и сопственото фолклорно минато заради диференцијација на сопствениот идентитет, ќе напише Ермис Лафазановски во својата студија „Антрополошки дијалози“ (2002). Но, често, се појавува и еден друг феномен: измислување нови традиции во фолклорен амбиент. За среќа, тоа не е случај со македонскиот фолклор како баланс помеѓу двете крајни културолошки концепции: народната и елитната култура. Рацин преку својата стихозбирка покажува и докажува дека македонската народна традиција има свои митски хоризонти, свои оригинални компоненти што како концепт ѝ обезбедува трајност, преносливост, аура на автентичност и зацврстување на културниот идентитет – во недостиг на пишаниот (стандардизиран) јазичен израз и како компензација за историската инхибираност. Неспорен е фактот дека „фолклорот е само едно делче од мозаикот наречен култура“, но исто така, неспорно е дека „фолклорот може да придонесе кон идно себепотврдување и може да послужи како културен сеизмограф“ (Лафазановски, 2002: 22).

* * *

1939: Како се случи(ја) БЕЛИ МУГРИ?

Како на вратот ѓердани

ниски камења студени,

така на плешки денови

легнале та натежнале.

Денови ли се – денови

аргатски маки големи!

(„Денови“, 1987 (в): 123)

„1939 година, Рацин замина за Белград. Само малку подоцна продолжи за Загреб.“, се сеќава Боро Мокров, негов добар другар.

Сите сведоштва покажуваат дека Рацин е еден исклучително немирен дух кој постојано скита низ југословенските напредни центри и се движи, живее и дејствува среде македонската и интелигенција и работничка класа. Борко Лазески се сеќава со возбуда на својот престој во домот на Јужносрбијанците во Белград, на Бајлонова пијаца, Дом кој благодарение на фактот дека секретар бил Владо Малески, станува вистинско македонско прогресивно собиралиште.

„Тука се одржуваа разни средби, состаноци, договори, се носеше и се криеше илегална литература, летоци, се црташе маркица за помош на Република Шпанија и многу други активности. Во тоа време беа донесени од Бугарија книги, брошури и весници од Македонци лево ориентирани. Во еден од весниците беше ликот на Гоце Делчев. Тоа нѐ поттикна да правиме портрет.“ (1987 (б): 130) И токму во една таква атмосфера една вечер во една од соседните соби на тој Дом во која живеат Перо Коробар и некој Велешанец влетува и Борко Лазески не знаејќи дека токму тој непознат е ни помалку ни повеќе туку Рацин.

„Веднаш почувствува дека е Македонец и некаде од Велешко или близу до него“, вели Лазески. „Час ми се чинеше дека е работник, час интелектуалец или партиски работник, час сето тоа заедно, но и нешто друго. Сѐ ми беше појасно кога ми кажаа дека тоа е Кочо Рацин. Беше тих, говореше малку воздржано, веројатно затоа што тука имаше и за него непознати луѓе. Почна да се опушта спрема мене кога разбра дека сум студент на уметничката академија. Почнаа разговори за некои уметници, за изложби, за изложбата на Лазар Личеновски и воопшто за уметноста и за сегашните спорови околу Крлежа. (…) Говореше дека еден од основните услови за автентична уметност е тесната врска на уметникот со својот народ и со своето тло, дека уметникот од таму може да ги црпи своите најзначајни, најдлабоки содржини и творечка инспирација. (…) Беше тих, повлечен и полн со сила, буквално набиен со некоја кондензирана енергија, некако самоуверен, топол, човечен, но негде длабоко во него како да тлееше некоја голема тага. Едноставен, монументален, голем. Карпа што се движи. Во неговата појава како да беше на некој чуден начин отсликана Македонија со сите свои маки и надежи.“ (1987 (б): 130-131, означено од Весна Мојсова-Чепишевска)

Како што во неговата „Бели мугри“ е отсликана Македонија со сите свои маки и надежи!

И Давичо се сеќава на нивните заеднички мигови кои започнуваат од времето кога Рацин за првпат доаѓа во неговиот стан во Белград. Тие нивни средби се исполнети со постојани разговори за поезијата и како што вели тогаш за првпат Рацин му раскажува за македонскиот јазик и за поезијата на македонски што тој веќе почнува да ја пишува. „… по втор и по третпат кога дојде кај мене“, вели Давичо, „тој ми даде неколку негови песни, отчукани на машина. Кога дојдов првпат во контакт со таа поезија, така да се рече, бев восхитен. Имав едно убедување, длабоко убедување дека пред мене имав не само автентичен, туку и голем поет.

* * *

На Рациновиот престој во Загреб се сеќава Јуре Каштелан. Нивната средба во 1939 година, тој ја доживува како „средба со Македонија, со Македонија на песните, со Македонија на фолклорот, со Македонија на соништата, и со Македонија на сиромаштијата, на страдањата, и со една поробена земја што сонуваше за својата слобода.“ (1987 (б): 100). Првата нивна средба се случува во станот во кој живее Оскар Давичо, на улицата „Мошински“.

„Средбата беше без многу зборови. Кратка. Едноставна. И срдечна … (…) По неколку дена пак се сретнавме. Случајно на улица. Тоа беше на „Медвешчак“. (…) Направивме една долга прошетка преку Медвешчак, се вративме токму овде некаде, на Горњи град, овде околу Жичарницата, на ова шеталиште Штросмаерово, на ова шеталиште на вљубените, на поетите, на децата – но и на уморните и стари луѓе… (…) За што ли разговаравме? Секако за животот. Секако за нештата околу нас… (1987 (б): 100).

Фотографии од Самобор и од печатницата во овој град во куќата на Рацин во Велес

Всушност ова сведоштво на Каштелан се дополнува со она на Давичо кој, пак, топло раскажува за Рациновиот престој во неговото сутеренско станче во Загреб на улицата „Назарова“, а тогаш „Мошинска“. „Кога дојде Кочо кај мене, мошне се израдував. Јас го задржав. Тука кај мене ноќеваше, тука и се хранеше со мене. Во разговор ми рече дека е дојден да ги печати „Бели мугри“. Мислам дека ги печатеше во Самобор. Пред тоа отидовме кај  Огњен Прица, кој тогаш – меѓу другото – одржуваше контакти и со „Црвената помош“. Притоа добивме извесна сума пари што беше потребна да се надополни онаа со која располагаше Кочо Рацин за да го плати печатењето.“ (1987 (б): 51).

Есента 1939 година, Рацин е, како што вели Перо Коробар, „легален, полуилегален и илегален жител на неговиот сакан град Загреб“ (1987 (а): 139) и како таков ќе биде засолнет во станот во кој живее тогашниот студент на ликовната акадамија Златко Прица.

Ова Рациново време во Загреб и Самобор успева прецизно да го реконструира и Горан Калоѓера кој во својата книга „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ пишува: „под заштита на загребските илегалци предводени од Јосип Цази, по препорака на Штеф Хрчиќ, поет од Самобор, Рацин му се обраќа на самоборскиот печатар Драгутин Шпулер за да му ја отпечати Збирката.“ (2023: 35-36). И Перо Коробар сведочи за ова. Тој стакнува дека Комунистичката Партија на Хрватска силно ќе се ангажира во целата организација за печатење на Рациновите песни испеани на македонски јазик. „За тоа најнепосредно се ангажираа еминентните партиски активисти и писатели: Оскар Давичо, Јосип Цази, публицистот Огњен Прица и други.“ (1987 (а): 139).

***

Авторката на фељтонот ја користеше и следната литература:

Друговац, Миодраг. Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, 1990.

Калоѓера, Горан. Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943). Скопје: Македоника литера, 2023.

Конески, Блаже. За Кочо Рацин. Скопје: Култура, 1994.

Конески, Блаже. „Како работел Рацин над Бели мугри“. Македонската литературна наука за Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (г), 77-94.

Коробар, Перо. Животопис. Скопје: Наша книга, 1987 (а).

Коробар, Перо. К. Рацин во моите сеќавања. Скопје: Македонска ревија, 1998.

Коробар, Перо. Рацин. Скопје: Наша книга, 1978.

Коробар, Перо. Рацин. Скопје: Детска радост, 1983.

Коробар, Перо (избор, редакција и предговор). Сеќавања на современиците. Скопје: Наша книга, 1987 (б).

Мојсова-Чепишевска, Весна. Рацин и експресионизмот. Скопје: Менора, 2000.

Ристовски, Блаже. Кочо Рацин: историско литературни истражувања. Скопје: Македонска книга, 1983.

Ристовски, Блаже. Животот и делото на Кочо Рацин. Скопје: Матица македонска, 2012.

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Кочо Рацин, 1954 (а).

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Кочо Рацин, 1961 (б).

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Култура, 1966 (в).

Тодоровски, Гане (избор, редакција и предговор). Поезија. Скопје: Наша книга, 1987 (в).

Тодоровски, Гане. „Поезијата на младиот Рацин“. Кочо Рацин. Поетски творби. Скопје: 1991, 13-28.

Тодоровски, Томислав (избор, редакција и предговор). Македонската литературна наука за Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (г).

Тодоровски, Томислав (избор, редакција и предговор). Прилози за животот и делото на Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (д).

Тоциновски, Васил (избор, редакција и предговор). Проза и публицистика. Скопје: Наша книга, 1987 (ѓ).

ИЗВОР: racin.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Кавга меѓу Меџити и Витина за 6. еколошки автобуси кои допрва треба да возат по скопските улици

Следно

Каранфилова-Пановска: Убедена сум дека ќе го вратиме угледот, поддршката и победите на СДСМ

Latest from Blog

Меѓународна изложба во МСУ – „Војна на сетилата/Војна врз сетилата“

Годинашната разнообразна уметничка и изложбена програма на Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде заокружена со уште една импозантна меѓународна изложба, која ќе биде отворена на 5 декември, во 20 часот. Во поставката „Војна

Одбиени 10 амандмани на амадманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Во претпладневниот дел од денешната амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година не беа прифатени 10 амандмани од пратениците од СДСМ и Левица. Министерството за финансии не прифати шест амандмани од СДСМ

Јованчев: Општина Кавадарци започнува со гасификација, средства обезбедени за проектот 

На денешната расправа на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев, го изнесе својот став во врска со поднесените амандмани за Предлог-буџетот за 2025 година,

Стојаноски: СДС претставува дефиниција за машина која произведува мизерија и единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

„Водите опозициони политики исто како што водевте политики кога бевте на власт. Со лажење и манипулирање, но заборавате една важна работа а тоа е дека на лагата и се кратки нозете. Не

Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски започна со асфалтирањето на УЛИЦА 1, главната артерија во Визбегово

Градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски денеска ја започна реализацијата на еден од најголемите инфраструктурни проекти во населбата Визбегово, со што започна целосната реконструкција на УЛИЦАТА 1, една од главните артерии што
Go toTop