(ИНФОГРАФИК) Како се менуваше Владата на СДСМ и ДУИ во текот на овој мандат

February 15, 2023
5 mins read

До реконструкција на Владата дојде откако Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари, по повеќе од два месеца преговори, постигна согласност за соработка со СДСМ и ДУИ

Ова е втора реконструкција на владата предводена од СДСМ и ДУИ која се формираше по предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година

Предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за реконструкција на Владата е на собраниска седница. Според најавите и проценките, се очекува тој да биде изгласан од мнозинство пратеници во Собранието.

Реконструкцијата на Владата ќе внесе нова енергија и што е уште поважно, ќе се стави крај на манипулациите за предвремени избори, рече премиерот Ковачевски од собраниската говорница образложувајќи го предлогот за разрешување на кадрите на Алтернатива од Владата.

Со новиот владин партнер, како што додаде, во делот на владеење на правото и борбата против корупцијата се согласиле да има ветинг на јавните функционери базиран на најдобрите европски искуства, како и нови одредби за јавна финансиска контрола.

До реконструкција на Владата дојде откако Алијанса за Албанците предводена од Арбен Таравари, по повеќе од два месеца преговори, постигна согласност за соработка со СДСМ и ДУИ. Централното претседателство на Алијанса за Албанците на 9 февруари донесе одлука партијата да биде дел од Владата.

„Организиравме и референдум во партијата за да го чуеме гласот на членовите. Добивме фидбек од повеќето членови на Алијанса за Албанците дека е добро АА да биде дел од Владата. Исто така, и повеќето членови на централното претседателство донесоа одлука, со пакетот што го презентиравме пред нив, Алијанса за Албанците да биде дел од Владата“,

рече Таравари.

Со реконструкцијата на Владата, на владиното мнозинство му се придружуваат осум пратеници од Алијанса. Како резултат на новиот договор Ковачевски-Ахмети-Таравари, Алтернатива (со тројца пратеници) и Демократски сојуз (со еден пратеник) одлучија да го напуштат владиното мнозинство.

Кои се новите министри во Владата?

Нови шефови ќе добијат четири владини ресори – министерствата за здравство, правда, информатичко општество и администрација и за животна средина и просторно планирање.

Во пет ресори, пак, предложени се нови заменик-министри.

Според предлог-кадровските решенија, Алијанса за Албанците добива три министерски и две заменик-министерски места во реконструираната влада.

За прв човек на Министерството за здравство е предложен Фатмир Меџити од Алијанса за Албанците, кој би дошол на местото на Беким Сали од Алтернатива.

За министер за правда е предложен Кренар Лога од Алијанса, кој би го заменил досегашниот министер на овој ресор Никола Тупанчески од СДСМ.

Азир Алиу од Алијанса би ја добил челната позиција во Министерството за информатичко општество и администрација. Овој ресор во моментов го води Адмирим Алити од Алтернатива.

За министерка што ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање е предложена Каја Шукова од СДСМ на местото на Насер Нуредини од ДУИ.

Промени се предложени и кај заменик-министерските места. Па така, во реконструираната влада, Алијанса за Албанците, покрај челните позиции во три министерства, добива и две заменик-министерски позиции.

Според предлогот за реконструкција на Владата, за заменик-министер во Министерството за одбрана е предложен Тирон Јајага од Алијанса за Албанците кој би го заменил Башким Хасани од ДУИ.

Вјолца Бериша од Алијанса за Албанците е предложена за заменик-министерка во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На заменик-министерската позиција во Министерството за правда, пак, е предложена Викторија Аврамовска-Мадиќ од СДСМ која би дошла на местото на Агим Нухиу од ДУИ.

Тој, Нихиу, пак, е предложен за заменик-министерската позиција во Министерството за образование и наука на која во моментов се наоѓа Лулзим Алиу.

За заменик-министерка на ресорот здравство е предложена Маја Манолева која би дошла на местото на Владимир Рендевски.

Како се менуваше Владата на СДСМ и ДУИ во изминатите две години?

Фото: Инфографик, изработила: Марија Поповска

Ова е втора реконструкција на владата предводена од СДСМ и ДУИ која се формираше по предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година.

Во август, тогашниот мандатар Зоран Заев постигна коалициски договор за формирање влада со ДУИ, откако ги усогласи рамковните принципи на соработка со првиот интегративец Али Ахмети. Со тој договор, ДУИ доби шанса да именува претседател на владата во последните 100 дена од нејзиното функционирање пред следните избори.

Оваа владина коалиција, заедно со ДУИ, како што рече тогаш Заев, ќе има вкупно 26 партии и 62 пратеници во парламентот. Во неа, покрај коалицијата „Можеме“ (предводена од СДСМ, а сочинета и од Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија, Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците), која освои 46 пратеници, влегоа и ДУИ со 15 и ДПА со еден пратеник.

Една година подоцна, Беса одлучи да ја напушти Владата на Заев поради ДУИ. Имено, курцшлусот меѓу двете албански партии во владата изби за време на локалните избори. На овие избори, во општина Желино во вториот круг од локалните изобри победи Блерим Сејдиу од Движењето Беса, кој освои 69 гласа повеќе од неговиот противкандидат од ДУИ, Фатмир Изаири.

ДУИ поднесе два приговори до ДИК со објаснување дека отпечатоците од прст не се совпаѓаат со бројот на гласачите и оти граѓанин гласал со неважечка лична карта.

По ова, ДИК донесе одлука за прегласување на избирачкото место 2107 во општина Желино, а генералниот секретар на Беса и тогашен министер за земјоделство, Аријанит Хоџа, рече дека партискиот врв ќе разговара за напуштање на владата.

Хоџа претходно на својот фејсбук-профил напиша:

„Желино, каде што се роди една партија (како Движењето Беса), може да биде и Желино кое растура една Влада“.

Со заминувањето на Беса од владината коалиција, се родија надежите на опозицијата за ново парламентарно мнозинство. Па така, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук триумфално објави „Имаме ново парламентарно мнозинство“.

До него, на фотографијата направена во Собрание, беа седнати Аријанит Хоџа од Беса, Африм Гаши од Алтернатива, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Димитар Апасиев од Левица.

Но, Владата на Заев не падна, бидејќи пратеникот Кастриот Реџепи од Беса не се појави на седницата за гласање недоверба. По ова, падна и нов договор за нова реконструкција на Влада. Овојпат во Владата, на местото на Беса седна Алтернатива на Гаши.

Нејзините четири пратеника во Собранието станаа дел од парламентарното мнозинство кое броеше 64 пратеници.

Со договорот постигнат меѓу Заев, кој беше во оставка од премиерската и лидерската фунцкија во СДСМ, и Гаши, Алтернатива доби три министерски места – за здравство, за информатичко општество и администрација и министер без ресор задолжено за дијаспората. Алтернатива доби и тројца заменик-министри: во образование, култура и земјоделство, а беше договорено да менаџира и со повеќе институции на централно ниво, како што се МЕПСО, Фонд за здравствено осигурување, Железници, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции итн.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, изјави дека одлуката за да се приклучат на владината коалиција не била едноставна и дека во преговорите не настапиле со уцени, туку дека клучните фактори кои биле земени предвид воделе кон тоа партијата да се приклучи во парламентарното мнозинство и Владата.

Причина за влегување на Алтернатива во Владата, како што наведе Гаши, е историскиот момент за отворање преговорите за членство во ЕУ и затворање на спорот со Бугарија како цели на државата, но и на Албанците затоа што со тоа ќе се отвори патот за евроинтеграција на целиот регион.

Меѓу другото, рече Гаши, договорено е Владата да побара и меѓународна истрага за случаите каде, според Алтернатива, има сомнежи за политичка импликација како што се Монструм, Алфа, Диво насеље, Алмир Алиу итн.

Новите министри седнаа на новите позиции откако се формираше новата влада на чело со новиот мандатар, Димитар Ковачевски. Централниот одбор на СДСМ му ја даде довербата да биде мандатар на идната Влада на 27 декември.

Новата Влада на Ковачевски пратениците со 62 гласа „за“ ја избраа на 17 јануари.

„Јасно и гласно потврдувам дека избори ќе има, но во 2024 година. До тогаш ќе работиме посветено во унапредување на економијата и квалитетот на животот на граѓаните на државата“,

порача Ковачевски.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Oткажана уште една манифестација поради недобиена поддршка од Министерството за култура

Следно

Демонстранти ја срушија оградата пред Претседателството на Србија: „Каде е Вучиќ“, „Предавство“

Latest from Blog

Николоски: Невозможно е да се комуницира со Бугарија за отворените прашања, техничката влада нема легитимитет да преговара

Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас, истакна заменик претседателот на

Нетанјаху ќе го достави договорот за прекин на огнот со Либан на одобрување пред кабинетот за безбедност

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетатајаху изјави дека до кабинетот ќе го претстави нацрт-договорот за прекин на огнот со Либан, известува Анадолу. Нетанјаху објави видео-порака во која истакна дека времетраењето на

Мицкоски ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија

НЕЛА ВИТОШЕВИЌ ВО МНТ ЈА РЕЖИРА „ЗАМИСЛИ НОВ СВЕТ“ КАКО ПАТУВАЊЕ НИЗ ДРАМИТЕ НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ

Режисерката Нела Витошевиќ во Македонскиот народен театар (МНТ) ја режира претставата „Замисли нов свет“, копродукциски проект помеѓу „Сектор филм“ и МНТ. Претставата се најавува како колаж од делата на еден од најзначајните
Go toTop