Македонците се убедливо најголеми потрошувачи на цигари во регионот и во топ 10 во светот. Дури 46% од возрасните се пушачи на цигари, притоа не сметајќи ги електронските цигари и другите тутунски производи.
За споредба, во Европската Унија пушачи се 18,4%, а во светот 17% од населението. Речиси секој втор пушач во Македонија троши повеќе од една кутија цигари дневно. Од година в година возраста на која младите почнуваат да пушат драстично се намалува. Просекот во Македонија е 13 и пол години, анализира Алфа.
Истражувањето на тинк-тенкот Аналитика покажува дека пушењето може да доведе до 39 илјади смртни случаи во следните 40 години. И покрај застрашувачките бројки, анализата покажала дека Македонците немаат намера да се откажат од пушењето. Богатите истовремено конзумирале и повеќе алкохол, оние од средна класа заради пушењето не трошат на образование, додека посиромашните попрво би избрале цигара, отколку да си купат нешто за јадење. Дури 13% од платата ја трошат на тутунски производи.
„Кај посиромашните домаќинства, трошоците кои се направени за набавка на цигари влијаат да се исфрлат трошоците поврзани со набавка на храна, млеко и млечни производи. Фамилиите имаат значајно нарушување на нивниот животен стандард затоа што имаат издатоци за цигари“, вели Кристијан Кожески – Економски Факултет при УКИМ, пренесе Алфа.
Истражувачите препорачуваат властите да ги едуцираат граѓаните за штетните ефекти на цигарите врз здравјето на луѓето, но и врз нивниот семеен буџет. Дополнително, зголемувањето на акцизата за 16% годишно треба да доведе до натамошно поскапување на цигарите за околу 13% во 2025 и 2026 година, а со тоа и до откажување од пушење на дел од луѓето и намалување на трошоците за здравствени услуги. Покачувањето на акцизата би значело и плус 30 милиони евра во државниот буџет годишно.
„Конкретно за Македонија имавме пример ако се зголеми акцизата за 15 проценти некаде за 10 отсто ќе се зголемат приходите од акциза во тој дел од буџетот. Она што сите симулациски модели го покажаа е тоа дека со зголемувањето на акцизата за цигарите дефинитивно доаѓа да кажам еве на англиски до win win стратегија, дека ќе дојде до зголемување на приходите во буџетот од една страна, а од друга страна намалување на потрошувачката на цигари, што е една важна цел во споредба со она краткорочно полнење на буџетот. Од здравствен аспект доаѓа до намалување на преваленцата го видовме тоа од податоците за Македонија некаде 1 до 2 проценти“, рече Мирјана Чизмовиќ од Институт за социо-економски анализи, Универзитет Медитеран, Црна Гора.
Македонците пушат најевтини цигари во Западен Балкан, односно кутија просечно чинела 2,4 евра лани. На акциза отпаѓаат 1,12 евра. Во Македонија акцизата изнесува 56 евра на илјада цигари, што е значително под правилата во ЕУ за 90 евра. Дополнително, Унијата ќе го разгледува и предлогот акцизата да се зголеми и до 200 евра за 1000 цигари, што значително ќе ги поскапе цигарите.
ИЗВОР: kurir.mk