Денеска разговараме со Билјана Петровска-Митревска, проектна менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ) и една од најгласните активистки за правата на руралните жени. Таа ќе ни раскаже за значењето на Меѓународниот ден на руралните жени, одржан на 15 октомври во село Дихово, Битола, како и за наградените рурални жени и организациите кои придонесоа за нивното економско и социјално зајакнување.
Билјана, Националната федерација на фармери традиционално го одбележуваше Меѓународниот ден на руралните жени со настан во село Дихово. Колку овој настан претставуваше предизвик за руралните заедници во Македонија и кој сè беше дел од него?
Билјана: Настанот со кој Националната федерација на фармери го одбележа Меѓународниот ден на руралната жена – 15 октомври се организира 17 години, со поддршка на Шведска и Шведската организација за развој We Effect и оваа година се организираше во битолското село Диховo. Овој настан има за цел да ја подигне свеста за улогата на руралните жени, кои се соочуваат со бројни предизвици како што се социјална исклученост, нееднаква распределба на ресурси и ограничен пристап до јавни и социјални услуги. Настанот создава платформа за поддршка и соработка со институциите за подобрување на нивната економска и социјална положба. На настанот присуствуваа 200 рурални жени и исто така со инспиративни охрабрувачки говори се обратија и високи претставници на голем број институции. Со поздравен говор се обрати Гордана Сиљановска – Давкова, претседателка на Република Северна Македонија, која истакна дека жените од руралните средини се апсолутните лидерки, хероини и дека поддршката на руралните жени е поддршка на македонското село, поддршка на запирање на процесот на иселувањето, поддршка на земјоделството, поддршка на македонската економија, но и поддршка на македонската иднина. Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери ја истакна важноста на поддршката за руралните жени, као и поголема промоција на мерките за поддршка на руралните жени, како што е Програмата за социјална сигурност за регистрираните земјоделки. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски истакна дека Министерството е целосно посветено на подобрување на условите за руралните жени преку различни мерки и иницијативи, додека Тони Коњановски, Градоначалник на општина Битола потенцира дека оваа општина има 65 села и најголемиот дел од нив, столбови се руралните жени . Присутни беа и други значајни претставници како Микаел Атерхог, Раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, кој посочи дека Шведска има долгорочна посветеност кон родовата еднаквост, како на домашно ниво, така и глобално и оваа посветеност се одразува и во соработката на Шведска со Северна Македонија, каде што поддржуваме иницијативи насочени кон подобрување на животниот стандард на руралните жени и напредокот на родовата еднаквост. Карин Рау од ГИЗ ја нагласи значењето на руралниот развој на маргинализираните групи, и Сашо Ангеловски од We Effect, кој ја истакна важноста на женското лидерство во руралните заедници.
Кои беа главните теми и прашања разгледувани на настанот, особено во контекст на економското зајакнување на руралните жени?
Билјана: Главните теми на настанот беа насочени кон подобрување на економскиот и социјален статус на руралните жени преку подобрување на пристапот до финансиски средства, кредити поддршка за започнување на сопствени бизниси и обезбедување на подобар пристап до здравствени, социјални и образовни услуги, вклучувајќи го правото на платено породилно отсуство за регистрираните земјоделки и воедно е истакнато дека значаен исчекор е направен и со носење на Програмата за социјална сигурност за регистрираните земјоделки како привремено решение се додека не се воспостави системско решение. Во рамките на панел-дискусијата „Родовата еднаквост на руралните жени: Подобрување на економскиот статус“, беа презентирани мислења и препораки од неколку говорнички. Весна Бендевска, потпретседателка на Собранието на РСМ, нагласи дека вклучувањето на жените во креирањето на политиките е од круцијално значење, истакнувајќи дека Собранието е подготвено да преземе конкретни мерки за подобрување на нивната состојба. Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените, истакна дека е неопходно руралните жени да добијат поддршка истакнувајќи дека жените треба да бидат рамноправни учеснички во креирањето на политиките и дека државните институции треба да работат на промовирање и остварување на нивните права. Лилјана Стоилковска, младa земјоделка и рурална жена од беровскиот регион потенцираше дека е од суштинско значење да се подобрат условите за живот во селата, како што се инфраструктурата и пристапот до здравствени и социјални услуги. Фросина Ѓоргиевска, земјоделка од Преспа, истакна дека подобрувањето на условите за живот во селата, како и промоцијата на женското учество во економските активности, ќе придонесат кон поголема родова еднаквост и економски напредок во руралните заедници. На настанот беше презентиран и Ревизорскиот извештај на Државниот Завод за ревизија„ Родова еднаквост и зајакнување на жените од руралните средини преку нивна инклузија на пазарот на труди“ презентиран од Гораст Николовски кој истакна дека постојните мерки за вклучување на руралните жени на пазарот на труд не се доволно ефикасни и потребни се дополнителни заложби за нивно подобрување.
На настанот се доделуваа признанија за успешни рурални жени кои придонесоа за подобрување на нивната економска и социјална положба. Какви признанија беа тие и може ли да ни издвоите некои од нив?
Билјана: Секоја година Националната федерација на фармери доделува и признанија на рурални жени и организации кои направиле значителен придонес за подобрување на положбата на жените посебно во руралните средини. Признанија добија Рахела Транталовска, активна земјоделка и операторка за храна од Преспанскиот регион, и Тања Орешкова, која има мала семејна винарија и е операторка за храна од Неготинскиот регион. Тие беа признати за нивната работа во промоција на руралната економија и производство на храна. Весна Биљарска, пчеларка од Беровскиот регион, и Олга Јорданоска Грујоска, производителка на житни култури и тутун од Прилепскиот регион, Елена Карајанова одгледувачка на кози од дојранското село Фурка беа исто така наградени за нивната посветена работа во земјоделството. Значајна благодарница беше доделена на Ружа Стоимилова со цел да се признае нејзината посветена работа за подобрување на економската и социјалната состојба на жените во Кочанскиот регион, преку активистички дејствување и за долгогодишно членство во Националната федерација на фармeри. Важно е да се спомене и благодарницата за организацијата „Радика – Де “, која спроведува голем број на активистички дејствување за јакнење на гласот и подобрување на економскиот статус на жените од Дебарскиот регион и организацијата „Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство “која спроведува доста тешка мисија и активности за сузбивање на насилството врз жените.
Како и на кој начин Националната федерација на фармери континуирано придонесуваше за подобрување на положбата на руралните жени?
Билјана: Националната федерација на фармери во изминатите осум години посебен акцент во својата мисија и визија ставивме на подобрување на економската и социјална положба на руралните жени. Можам да споменам три жени кои се најгласни и се гласот на руралните жени и земјоделките, а тоа се Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери, Фросина Ѓоргиевска и Вангелина Прамачка кои се членови на УО на Федерација на фармери со кои мене ми е гордост како активистка и феминистка да соработувам и навистина имаме направено вистински чекори и резултати во насока на економското јакнење на руралните жени. Во овие 8 години се успеа да се крени гласот на руралните жени и сега кога се зборува во секоја јавна дискусија, дебата покрај сите жени и различните нивни дејности се споменува и руралната жена и земјоделката. Но патот не е лесен и борбата секако продолжува.
Во 2018 на 15 октомври – Меѓународен ден на руралната жена се на иницијатива на Националната федерација на фармери се потпиша Декларација за подобрување на економската и социјална положба на руралните жени заедно со Мрежата за рурален развој и Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оваа Декларација е подржана од UN Women и Шведската организација за развој We Effect. Оваа е многу важна Декларација за жените од руралните средини пред се зошто се даде заложба и од страна на две институции Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, законите и стратегиите од областа на родовата еднаквост, недискриминација, земјоделство, рурален и социјален развој.
Благодарение на Националната федерација на фармери се отстранети дискриминаторните критериуми за мерката за активен женски член во земјоделско стопанство од Програмата за финансиска поддршка за рурален развој во која се бараше жената да има 1 дете, да е мажена, невработена, да живее на 800 метри надморска височина во населено место со 200 жители за да биде корисничка на грант. Потоа во Министерството за земјоделство се формира работна група која беше поддржана од UN Women за да се дефинираат нови критериуми кои овозможија 320 земјоделки да го добијат овој грант и да започнат свој бизнис, а воедно и да придонесат за развој на своето земјоделско стопанство.
На иницијатива на Националната федерација на фармери во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и други релевантни институции се започна решавањето на три деценискиот проблем за регистрираните индивидуални земјоделки да остварат право на породилно отсуство. Во 2023 година е донесена Програма за поддршка за социјална сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност како пилот мерка која ќе се применува додека не се креира системско решение. Преку програмата, земјоделките имаат право на платен надоместок во случај на спреченост на вршењето на земјоделската дејност поради раѓање. Ова право се однесува на индивидуални регистрирани земјоделки, кои не се опфатени со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи, и се остварува за прв пат, иако проблемот постои повеќе од три децении.
Во насока на економско јакнење на операторите за храна НФФ беше активно вклучена во процесите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и АХВ во донесување на Правилници за продажба од куќен праг од растително и животинско потекло, се бараше од наша страна и креирање на програми кои ќе ги подржат малите оператори за храна во насока на нивно зајакнување и посебен акцент се укажуваше на тоа што овие мерки (што и го покажаа тоа) се од посебно значење за руралните жени и младите од руралните средини.
Воедно Националната федерација на фармери учествува и на сесиите на ООН каде што поднесе извештаи до Комитетот на ООН за елиминирање на сите форми за дискриминација и учествувавме на почетокот на оваа година во Обединетите нации (ОН) во Женева, каде што се одржа претсесијата на четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед (УПП) за Северна Македонија, каде што преку официјална изјава дадена од наша страна ги истакнавме значајните предизвици и препораки во насока на подобрување на животот на руралното населени со посебен фокус на жените, млади и лицата со попречености во руралните средини, со тоа што нашите препораки влегоа и во рамките на двата извештаи на ООН.
На настанот учествуваа претставници од различни сектори, вклучувајќи ја и Претседателката на Македонија, министер, градоначалник и амбасади. Колку беше важна нивната улога и како тие придонесуваа за зајакнувањето на руралните жени?
Билјана: Учеството на високи претставници како Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, и Микаел Атерхог, претставник на амбасадата на Шведска во земјава, беше од клучно значење за афирмирање на правата на руралните жени. Силјановска Давкова силно ја поддржа каузата за слушање на гласот на жените од руралните средини, истакнувајќи дека тие се столбот на македонското земјоделство и руралните средини и дека треба да се работи на отстранување на дискриминација кон нив, потенцирајќи дека само 5% од руралните жени се сопственички на имот и земјиште. Министерот Трипуновски потенцира дека оваа институција и понатаму ќе продолжи да работи на политики и мерки за економско јакнење на жените земјоделки, додека Микаел Атерхог, Раководител за развојна соработка во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија истакна дека Шведска подржува иницијативи насочени кон подобрување на животниот стандард на руралните жени и напредокот на родовата еднаквост и истакна дека позитивен пример што Шведска го поздравува е одлуката на Северна Македонија да усвои Програма за социјална сигурност на регистрираните земјоделки, каде што We Effect и Националната федерација на фармери одиграа клучна улога во иницирањето на оваа пилот-програма и дека треба да се продолжи со донесувања на трајни решенија и политики за економско јакнење на руралните жени. Сите овие зборови за нас како организација и руралните жени се ветар во грб за понатамошни дејствувања во насока на подобрување на економската и социјална положба на жените од руралните средини.
Како и на кој начин треба да се подобрат условите на руралните жени во Македонија, особено во контекст на економската нееднаквост и пристапот до ресурси?
Билјана: Според Мултидимензионалнa анализа за сиромаштија која Националната федерација на фармери ја подготви во 2022 врз основа на Алатката за мултидимензионална анализа на сиромаштијата изготвена од Шведската агенција за меѓународна соработка (Сида) покажа дека 70% од руралните жени не се активни на пазарот на трудот заради ангажирање во домаќинството и грижа за деца, а 60% од невработените рурални жени вршат неплатена работа во семејни фарми. Во урбаните средини 22.578 жени спаѓаат во категоријата „неплатен семеен работник“, а во руралните средини оваа бројка е 23.544. Највисоките стапки на невработеност се забележани кај младите рурални жени, од кои 59% се на возраст помеѓу 20 и 29 години и 43% се на возраст помеѓу 25 и 29 години. Процентуално, жената во руралните средини се јавува како работодавач со само 0,5% и како самовработена со само 3,5%. Само 5% од жените во руралните средини поседуваат имот, најчесто го наследуваат по загубата на брачниот другар или ако во семејството се жени. Ова доведува до ситуација во која жената е ограничена во поседувањето средства за водење и развој на сопствен бизнис. Длабоко вкоренетите традиции и патријархалните норми ги обесхрабруваат жените да ја задржат контролата врз наследениот имот. Токму овие податоци ја покажуваат реалната состојба на жените во руралните средини и во таа насока треба да се креираат мерки, политики и сериозна нивна имплементација, која нема да биде само на хартија, туку навистина ќе направат промени посебно во делот на економско јакнење на жените од руралните средини во насока на започнување на рурални бизниси и зголемување на нивната улога во менаџирањето и на семејните земјоделски стопанства.
Руралните жени мора да бидат активно вклучени во креирањето на политиките кои влијаат на нивната економска состојба. Ова вклучува зголемување на учеството на руралните жени во одлучувачките процеси на локално и државно ниво. Јакнење на соработката помеѓу невладините организации и државните институции е клучно за постигнување на подобри резултати во однос на родовата еднаквост и надминување на социо-економските нееднаквости. Потребно е остварување и промовирање на правата на руралните жени и нивниот пристап до земјиште и финансиски ресурси, што е важен чекор за подобрување на нивниот статус, како и подобрувањето на инфраструктурата во руралните средини, вклучувајќи пристап до образовни, здравствени и социјални услуги, кој е неопходен за подобрување на животните услови на руралните жени.
ИЗВОР: racin.mk