(ВИДЕО) Државата нема информација што значат илјадниците легализирани дивоградби во случај на земјотрес

February 14, 2023
4 mins read

Веќе се бараат причините за катастрофата во Турција – некои посочуваат и на бранот легализации на дивоградби во земјата – повеќе од 75 илјади објекти. Оттука се отвора прашањето – што со дивоградбите во земјава, која досега помина низ еден циклус на легализација на дивоградби во 2011 година, а во процес е уште еден. Експертската јавност предупредува дека прописите за легализација биле премногу лабави и дека институциите не знаат за каков тип градби станува збор, што е клучна информација во ситуација на земјотрес

Неколку дена по катастрофата што ги погоди Турција и Сирија, во Скопје, градот кој пред 60 години беше разурнат од земјотрес, дојдоа јапонски експерти за заедно со колегите од ИЗИИС да дебатираат за сеизмички отпорни градби и примена на најсовремени технологија и стандарди.

Карта на сеизмички движења

По 1963 година Скопје важи за град во кој се внимава на критериумите за асеизмичко градење – проектите се детални, статиката е императив, се инсистира на контроли, а на објектите од преку 300 квадратни метри, проверка врши и самиот Институт за земјотресно инженерство.

„На терен вршиме контроли и тоа е една од можеби најголемите придобивки на ИЗИИС, бидејќи сме констатирале во фаза на изведба каде што има потфрлување на марките на бетон, ако е за бетонска конструкција, односно вградениот бетон не ги задоволува прописите онака како што е предвидено во проектот. Тогаш градбата се стопира, имамe такви случаи, за секоја среќа се помалку, градбата се стопира“,

вели директорот на ИЗИИС, Влатко Шешов.

Влатко Шешов, директор на ИЗИИС

Но, 12 години претходно, во Собранието поминува закон за постапување со бесправно изградени објекти со кој се овозможува, низ релативно лесна и брза постапка, легализација на дивоградби. Со популистички чекор, под превезот дека е „во интерес на граѓаните“, всушност, се направи упад во деценискиот систем за одобрување и контрола на градби.

„Градбите се легализираат со многу оскудна документација. Можеби тоа за властите е добра, меѓутоа за нас, градежниците и експертите кои работиме во оваа област, не е доволна. Вие, откако ќе го легализирате објектот, вие немате никаква проектно-техничка документација. Се легализираат со проект за геодетски елаборат, со некое барање и со сметка за платени комуналии, дали електрична енергија или не знам, вода. Со тоа го ставате објектот во легална употреба, а вие немате никаков проект. Јас пак ќе се оградам, можеби објектот е добро изведен, квалитетно, меѓутоа немате никаков проект што ќе ги помине овие контроли што претходно ги кажувавме“,

вели Шешов.

Одредбите од законот со „лабавите“ критериуми за легализација на дивоградба

На Градежниот факултет во Скопје, професорката Елена Думова-Јованоска, која со години работи во областа на асеизмичка градба, вели дека прашањето на дивоградби се провлекува уште од времето на поранешната федерација, не само во земјава, туку и во регионот. Затоа, во 2004 година е потпишана Виенската декларација со која земјите се обврзуваат дивоградбите да ги внесат во системот.

„Обврска на владите на државите е да најдат начин овие објекти кои се надвор од системот да ги внесaт во системот. Кој е патот – да се изготви елаборат на актуелна состојба на објектите – што треба да содржи тој елаборат, беше оставено отворено прашање. Тоа што, за жал, кај нас се усвои – само геодетски елаборат кој само констатира габарит на објектите и затоа јас велам дека тоа е економска легализација. Пуштени се тие објекти на пазарот да бидат отуѓувани, купувани, а немате никаква информација за нивната сигурност“,

вели професорката Елена Думова-Јованоска.

Елена Думова-Јованоска, професорка на Градфежниот факултет, Скопје

На ниво на цела држава постои т.н. карта на сеизмички хазард која ја објаснува потенцијалната опасност од земјотрес. Она што недостасува, како што објаснува професорката, се карти на сеизмолошки ризик, поточно, јасен опис на тоа што е во ризик кога би удрил земјотрес.

„Вториот дел од картата на сеизмичкиот ризик е инвентарот, а потоа има други елементи… На пример, ако знаете дека имате 600 армирано-бетонски згради направени по 1992, па 300 згради пред скопскиот земјотрес и за сите нив, ние во науката имаме изработено методи како да процениме грубо, ако имам 300 згради од тој калибар, од таа типологија, каков тип штети можеме да очекуваме. И тука се враќаме на земјотресот во Турција. Земјотресот се случи, што после. Тоа не смеете да го решавате откако ќе се случи, оттука овие карти на сеизмички ризик се потребни за правилно да можете да ги планирате активностите по земјотресот, зборуваме за земјотрес од овој ранг. Непознаницата за дивоградбите е дополнителен ризик“,

смета Думова-Јованоска.

Скопски Карпош е една од општините што силно се развиваат токму по 1963-тата. Во последните години е зафатена од нов феномен – доградби на згради, што хоризонтални, што вертикални. Стевчо Јакимовски, кој во неколку наврати е градоначалник, во периодот 2013-2014 нарачал истражување за ситуацијата со постарите згради во општината кои се доградуваат. ИЗИИС ја спровел анализата.

„Во која тие ни укажаа дека во голема опасност се зградите во Карпош 1 и во Карпош 2 кои се градени пред или по земјотресот во 1963, зашто најголемиот дел од нив имаат носечки ѕидови, дел имаат и носачи во долната зона на ѕидот и со доградбите има граѓани кои ги уништуваат тие носачи за полесно да комуницираат со доградените делови. Тоа значи дека статиката во тие згради комплетно се нарушува. Се отвораат прозори на несоодветен начин, а за градежен инспектор да влезе, потребен е судски налог кој тешко се добива“,

вели Јакимовски.

Градоначалникот на Карпош, Јакимовски

Јакимовски нè испревари во прашањето што логично се наметна.

„Веројатно ќе прашате зошто им давате одобрение за градба? Зашто законот не предвидува вакви анализи, бидејќи не е ставено во законска одредба, нашите сугестии се само сугестии, а дали тие ќе ги испочитуваат зависи од одговорниот однос на куќните совети, граѓаните, што најчесто не е така, за жал“,

тврди Јакимовски.

Додека разговараме со Јакимовски, од прозорецот на неговата канцеларија директно гледаме во една од многубројните доградби во Карпош кои градоначалникот ги посочува за опасни. 

„Еркерна тераса, знаеш што е еркерна тераса? Исфрлена тераса, е он ставил уште и фасадна цигла и ја направил доградба – соба или кујна. Па замисли која тежина е тоа и сега кога оваа тераса би паднала, другите надолу како бисквити би паднале, так-так-так, до една надолу, од силата кога ќе ги удри, сите ќе ги сруши“,

изјави Јакимовски.

Дел од проблематичните тераси за кои зборува Јакимовски

Прашањето за безбедноста на овие доградби, како и на дивоградбите, се актуализираше по апокалиптичните сцени од Турција и Сирија. Експертите соговорници на „360 степени“, не изземајќи ја и сопствената одговорност при носењето на „лабавите“ прописи во 2011 за легализација на бесправно изградени објекти, сега гласно повикуваат за многу поголемо внимание при евентуално носење на нова легислатива во оваа сфера. Зашто, две години чека на усвојување втор закон за легализација на дивоградби. Ако проценките се дека во моментов има околу сто илјади дивоизградени објекти, а во 2011 ги имало околу триста илјади, дали најмалку двесте илјади градби, иако веќе легални, се длабоко во сивата зона на безбедност?

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Ристевска Јорданова: Агендата, пропагандата и машинеријата која ја диктира Владата за Уставните измени е чисто политичка и ја злоупотребува стратешката цел за членство во ЕУ

Следно

ОН упатија итен повик за помош за Сирија

Latest from Blog

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Доне Таневски, најголемиот акционер во хотелската групација „Македонија турист“, го намали својот удел од 23,4% на 17,72%, по продажбата на 25.669 акции. Македонска берза ја потврди продажбата, при што Таневски сега поседува

Костадинов: Горд сум што мојот предлог доби преубава реализација

Секој еден градоначалник и политичар треба најпрвин да биде човек, а потоа се останато, напиша градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, на својот фб профифл. Многу сум радосен за прекрасниот почеток на

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Независниот синдикат на одбраната информира дека денес Министерството за одбрана исполни уште една своја обврска од колективниот договор, исплатени се средствата кои беа заостанати од потпишувањето на КД заклучно со јуни. Исплатата

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

Ова е старт, прв чекор во градењето на инфраструктура за електричната мобилност, што е клучно за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето од страна на транспортниот сектор, проблем што е

ОБСЕ: Насилството врз жените е голема бариера за создавање целосна еднаквост во општеството

Истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените кое денеска беше презентирано на јавната расправа насловена како „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, покажа загрижувачки резултати. „Половина
Go toTop