Поради последиците од разорните земјотреси што пред една недела ја погодија турско-сириската граница, 1,2 милиони луѓе останаа без покрив над главата во југоисточниот дел на Турција, соопшти кабинетот на турскиот претседател.
Се стравува дека до сега од под урнатините најверојатно се извлечени и последните преживеани.
Во понеделникот вечерта 13-годишно момче било живо однесено на носилки од урнатините во турската провинција Хатај, откако поминало 182 часа под нив, јави државната телевизија ТРТ. На видеото се гледа како волонтер го држи за рака. Десетгодишно девојче беше извлечено од урнатините на станбена зграда во јужната турска провинција Кахраманмарас и спасено, 183 часа по разорниот земјотрес, јави државната телевизија ТРТ Хабер. И во југоисточниот регион Адијаман, претходно денеска, шестгодишно девојче беше пронајдено под урнатините и извлечено од нив, 178 часа по земјотресот, соопшти турското Министерство за одбрана. Преживувањето на три деца за толку долго време ги надмина сите претходни нормални граници. Изгледите за понатамошно спасување и преживување се исклучително мали.
Преживеаните кои денеска ги пронајдоа спасувачите имале пристап до вода, односно дождовница или снег.
Во меѓувреме, околу 176.000 шатори се подигнати во најтешко погодените провинции во Турција. Агенцијата за катастрофи АФАД објави дека нивните работници поставиле илјадници контејнери за домување.
Речиси 400.000 луѓе досега се евакуирани од подрачјата погодени од земјотресот, покажуваат податоците на претседателскиот кабинет.
Турската новинска агенција Анадолија објави дека властите вршат инспекции за да утврдат кои станбени згради во десетте провинции погодени од земјотресот се сè уште погодни за живеење.
Од понеделник попладне, повеќе од седум и пол илјади згради веќе се урнаа или мораше итно да се урнат, изјави Бану Аслан, директор на градежниот оддел.
Вкупниот број на потврдени смртни случаи досега е повеќе од 37.500, а повеќе од 80.000 луѓе се повредени.
Само во Турција, бројот на загинати се искачи на 31.643, јавува Анадолија повикувајќи се на АФАД.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во соседна Сирија загинале најмалку 5.900 луѓе.
ИЗВОР: kurir.mk