Хезболах ја потврди смртта на својот лидер Хасан Насралах

1 min read

Нова фаза од судирот меѓу Израел и Хезболах. Убиен лидерот на либанското движење, Хасан Насралах. Во последната серија воздушни напади врз Бејрут, елиминиран првиот човек на организацијата, кој долги години беше главна цел на Израел.

Покрај Насралах, убиен е и командантот на Јужниот фронт на Хезболх, Али Караки, како и други команданти на групата. Насралах, кој со години не е виден во јавноста поради стравувањата дека ќе биде убиен, е една од највлијателните личности на Блискиот Исток. 

“По многу подготовки, израелската војска го активираше својот план во Либан да го таргетира штабот на Насрала и на Хезболах. Го направивме тоа на многу прецизен начин. Но ова не е крајот, мора да бидеме многу јасни. Имаме многу поголем капацитет за напад.“ – Херзи Халеви – Началник на Генералштабот на израелските одбранбени сили.

Според израелската армија, штабот на Хезболах бил длабоко под земја, скриен под станбените згради во населбата Дахија, на југот на Бејрут. Во кратко соопштение, либанското движење потврди дека Насралах, кој веќе три децении го предводи движењето и под чие водство прерасна во регионална сила, е убиен. Во пораката не се споменува кој ќе го наследи, ниту пак како групата ќе одговори на атентатот на нејзиниот долгогодишен лидер. 

„Раководството на Хезболах ветува дека ќе го продолжи својот џихад во соочувањето со непријателот [Израел], да ги поддржува Газа и Палестина и да го брани Либан и неговиот непоколеблив и чесен народ.“ – Хезболах.

Алармот се вклучи и во Техеран. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи веднаш бил преместен на безбедна локација под засилени безбедносни мерки. Повикувајќи се на извори од иранската влада, дел од западните медиуми наведуваат дека Иран е во постојан контакт со Хезболах и другите регионални организации кои соработуваат со Техеран за да ги подготват следните чекори.

Во објавата на официјалната интернет страна, Иранскиот верски лидер се закани дека борбата против Израел ќе продолжи.

„Израелските криминалци мора да знаат дека се премногу мали за да предизвикаат значителна штета на упориштата на Хезболах во Либан. Сите сили на отпорот во регионот го поддржуваат и стојат покрај Хезболах.“ – ајатолах Али Хамнеи врховен лидер на Иран.

А Израелскарта војска и утрово продолжи со нападите врз позиции на Хезболах. Десетици загинати и повредени во ракетните напади врз јужните предградија на Бејрут, каде се наоѓа седиштето на хезболах. Седум станбени згради се уништени во нападите, а спасувачите трагаат по преживеани под урнатините.

Јужните предградија на Бејрут се покриени со чад, а улиците се празни. Засолништата поставени во центарот на градот за раселените лица, веќе се преполни. 

„Цивилите страдаат. Што друго да кажам. Тие се обични злосторници. Либанците не се борат против нив, ниту пак ги бомбардираат нивните згради.“ – Хешам Хамка жител на Бејрут.

Многу семејства ноќта ја минале на плоштади или во своите автомобили а стотици луѓе побегнале кон планините над главниот град. Министерството за здравство на Либан објави дека планира да ги евакуира болниците во јужен Бејрут поради ескалацијата на израелските воздушни напади. 

Извор: 24vesti.mk

Претходно

ФЗО да ги покрива трошоците за абортус, бараат гинеколозите и ХЕРА

Следно

„Маалскиот фестивал“ и денеска и утре е место што не се пропушта

Latest from Blog