Бајден: Ние ја донесовме демократијата и сега мора да ја зачуваме

August 20, 2024
4 mins read

Претседателот на САД Џо Бајден се обрати пред учесниците на Демократската национална конвенција во Чикаго, каде што треба да се официјализира кандидатурата на Камала Харис за претседателската функција.

Помалку од еден месец по повлекувањето од трката, Бајден беше пречекан и поздравен како херој на конвенцијата. Тој рече дека демократите се собраа во 2020 година за да ја спасат демократијата.

„Демократијата победи. Ние ја донесовме демократијата. И сега демократијата мора да се зачува. Пред нас е пресвртна точка. Еден од оние ретки моменти во историјата кога одлуките што ги носиме сега ќе ја одредат судбината на нашата нација и на светот во децениите што доаѓаат. Тоа не е хипербола, мислам буквално. Ние се бориме за душата на Америка“, рече Бајден.

Тој, исто така, зборуваше за своите резултати и изјави дека тој и Камала Харис им помогнале на државите и градовите повторно да ги отворат училиштата и дека наставниците во државните училишта добиле покачувања.

Тој рече дека не е Трамп и оти нема да ги демонизира имигрантите, за кои републиканскиот кандидат тврди дека ја „отруле крвта на Америка“.

Бајден зборуваше и за завршување на војната во Газа и за тоа како го напишал мировниот договор за Газа и дека работи деноноќно за да стави крај на страдањата на палестинскиот народ.

Бајден (81) додаде дека Харис е најдобрата личност која може да ја заврши работата што тој ја почнал за да го победи републиканскиот ривал Доналд Трамп и да ја заштити американската демократија од него.

Првата американска дама Џил Бајден зборуваше пред својот сопруг за тоа како решил да се откаже од кандидатура.

„Го гледав како копа длабоко во неговата душа и одлучи да не бара реизбор и да ја поддржи Камала Харис. Нашиот син Бо првпат работеше со Камала кога беше јавен обвинител на Делавер. Ми рече една вечер на масата за вечера. „Мамо , таа е посебна личност на која треба да се внимава. А тој беше во право и Џо и јас ја видовме нејзината храброст, одлучноста и каква лидерка е. Камала и Тим, ќе победите“, порача Џил Бајден.

Првата вечер на делегатите им се обрати поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, која беше првата жена кандидат на претседателските избори во САД во 2016 година, кога беше поразена од Трамп.

„Има многу енергија во оваа арена, исто како и низ целата земја“, рече таа.

„Во 2016 година, ми беше најголема чест во животот да ја прифатам номинацијата на нашата партија за претседател, а скоро 66 милиони Американци гласаа за иднина каде што нема граници за нашите соништа. Дури и после тоа, одбивме да се откажеме од Америка. Милиони протестираа, многумина се кандидираа за функцијата. Ние гледавме во иднината, моите пријатели, иднината е тука“, рече Клинтон.

Таа рече дека го знае срцето и интегритетот на Камала Харис.

„Камала со себе ги носи надежите на секое дете што го штитела, секое семејство на кое му помогнала, секое семејство на кое му служела. Камала се грижи. Се грижи за децата и семејството. Се грижи за Америка. Доналд се грижи само за себе“, рече Клинтон.

На почетокот на конвенцијата на бината се појави и Камала Харис и накратко ги поздрави делегатите.

„Ова ќе биде прекрасна недела. Сакам да почнам со тоа што ќе го поздравам нашиот претседател, на кого сме вечно благодарни. Сакаме да се бориме за идеалите што ни се блиску до срцето. Кога се бориме, победуваме“, рече таа.

Пред демократите се обрати и тренерот на американскиот кошаркарски клуб „Тим од соништата“ Стив Кер, кој рече дека на Олимписките игри во Париз водел одличен тим составен од играчи од цела САД и дека кога го освоиле златото, со американското знаме и националната химна, за него тоа бил најгордиот момент во неговиот живот.

Три дена подоцна добил покана да зборува на конгресот.

„Добро знам дека зборувањето за политика во денешно време носи ризици, но како американски граѓанин знам дека е премногу важно да не се зборува за избори кои се толку клучни. Дојдов да го кажам тоа како тренер и поранешен играч, татко и дедо, како Американец, верувам во лидерството, лидерите мора да имаат достоинство, да ја зборуваат вистината, да можат да се смеат, да се грижат и да ги сакаат луѓето што ги водат, не само да имаат знаење, туку да знаат дека никој од нас не знае сè“, рече Кер.

Тој додаде дека Камала Харис и Тим Валц ги имаат тие квалитети.

Конвенцијата на демократите завршува в четврток.

Поранешниот претседател Барак Обама му се заблагодари на Кер на социјалните мрежи за освојувањето на златото и го објави целиот говор на Кер.

Александрија Окасио-Кортез од оваа партија рече дека Камала Харис ќе постигне прекин на огнот во Појасот Газа.

Таа изјави дека Харис потекнува од средна класа и работела за средната класа.

„Знаеме дека Доналд Трамп ќе ја продаде оваа земја за еден долар, ако тоа значи да ги полни сопствените џебови и да ги трие дланките на Волстрит, пријатели мои. Но, не можеме само да ги испратиме Камала и Тим во Белата куќа. Исто така мораме да избереме силно демократско мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот, за да можеме да го исполниме амбициозниот план за народот“, рече Окасио-Кортез.

На првиот ден од конвенцијата, демократите ја поздравија работата на Џеси Џексон, активист за граѓански права кој се пензионираше минатата година, од работата во непрофитна организација во Чикаго.

Џексон сега има 82 години и има Паркинсонова болест, но неговото појавување на сцената предизвика големи овации, аплаузи, солзи и емоции.

Сепак, заедно со атмосферата на славење, постои тензија дека големите протести во Чикаго поради поддршката на Бајден за Израел во војната против Хамас во Појасот Газа ќе ги покажат „болните“ партиски поделби и ќе го засенат формалното назначување на Харис за претседателски кандидат на Демократска партија, потсетува Гласот на Америка.

Конвенцијата на демократите завршува в четврток.

Денеска (20 август) на конвенцијата треба да говорат поранешниот претседател Барак Обама и сопругот на Камала Харис, Даг Емхоф, а утре кандидатот за потпретседател Тим Валц. Тогаш ќе зборува и поранешниот претседател Бил Клинтон.

Говорот на Камала Харис е закажан за четврток, кога се очекува и официјално да ја прифати кандидатурата, со што ќе заврши конвенцијата.

Извор: slobodnaevropa.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

ПОЧИНА АРХИТЕКТКАТА ВЕРА ЌОСЕВСКА, АВТОРКА НА ЗГРАДАТА НА ТЕАТАРОТ НА НАРОДНОСТИ ВО СКОПЈЕ

Следно

САД тврдат дека Нетанјаху го прифатил новиот предлог за прекин на огнот во Газа

Latest from Blog

Ристовски – Рокас: ЕУ е докажан партнер во развојот на македонскиот спорт

Македонското Министерство за спорт и Канцеларијата на Европската унија во Скопје договорија блиска соработка и промовирање на вистински вредности кои ќе значат здрава младина за европска иднина на Македонија. Ова денеска на

ЕУ донира шест еко-автобуси за скопјани, Арсовска вели владината најава за нови автобуси е задоцнета

Градоначалничката Данела Арсовска ја поздрави владината најава за набавка на стотина електрични автобуси. Сепак, таа оцени дека ваквата реакција е задоцнета. Арсовска повтори дека пред Советот на Градот постојано како точка на

Кадарот на ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска не сака повеќе да биде мајка на Скопје

Актуелната градоначалничка на Скопје,Данела Арсовска, денеска се произнесе дека на претстојните локални избори нема да се кандидира за позицијата прв човек на главниот град. „Апсолутно не размислувам за нов мандат“, одговори на

Сиљановска Давкова го прими Венко Филипче, разменети мислења за политичките и безбедносните состојби

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими Венко Филипче, претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и претседател на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието. На средбата беа разменети мислења за општествениот амбиент,

Што го налути Борисов за да не прифаќа да биде мандатар за состав на нова бугарска влада?

Политичката ситуација во Бугарија никако да се стабилизира. Најновите моменти со одбивањето на Борисов да е мандатар за нова влада, одат во правец на тоа дека нашиот источен сосед веројатно напролет ќе
Go toTop