Вкупно 7,5 милиони евра чинела кампањата за претседателските избори што пролетва се одржаа во Северна Македонија. Од нив, 77 отсто се средства од буџетот на државата, а само 23 отсто се пари од други извори на финансирање, покажува посебниот извештај за финансирање на кампањата за претседателските избори што го објави Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК).
Или, државата од буџетот обезбедила нешто над 5,7 милиони евра од вкупната сума потрошена за кампањата на седумте претседателски кандидати. Останатите околу 2 милиони евра се донации од правни и физички лица, од редовните сметките на партиите или од членарини.
Поради високиот процент на државно учество во политичките кампањи, ДКСК повторно бара да се укине финансирањето од државниот буџет, како што бараат и организации за борба против корупцијата и експертската јавност.
„Истакнуваме дека ДКСК смета дека финансирањето на изборниот процес со средства од Буџетот треба да се укине, поради постоење на корупциски ризици“, пишува во извештајот од Антикорупциска комисија.
Анализирајќи го финансирањето на кампањата за претседателските избори, антикорупционерите констатирале и бројни недостатоци во правната и административна рамка кои го регулираат изборниот процес.
Државно финансирање – да се укине или да се намали
Последните измени во Изборниот законик беа направени во март 2024 година, непосредно пред двојните парламентарни и претседателски избори во април и во мај. Но, државното финансирање на кампањите остана да се применува.
„На крајот, текстот помина во Собрание без нашите предлози кои требаше да намалат коруптивни активности. Ние не можеме да трошиме толкави средства за финансирање кампањи, во случајов несразмерни 77 отсто од буџет наспроти останатите 23 отсто. Можеби државното финансирање не треба целосно да се укине, но треба да се најде некој среден модел за истото да се намали“, вели Благоја Пандовски, претседател на „Транспаренси Интернешнл-Македонија“, за Радио Слободна Европа.
За измените гласаа и владејачките и опозициските партии, кои не ја укинаа востановената пракса, од државниот буџет да се плаќаат политичките кампањи, и покрај укажувањата на експертската јавност и граѓанските организации.
„Да се преоцени потребата од постоење на платеното политичко рекламирање воопшто, односно дали е потребно милиони евра буџетски пари да се користат за финансирање на политички кампањи и кој е јавниот интерес во тоа“, пишува во Извештајот за дискреционите овластувања при финансирањето на платено политичко рекламирање, што го објави Центарот за управување со промени.
Меѓународните набљудувачи забележаа дека е потребено обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата.
„За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ“, објави ОБСЕ/ОДИХР во прелиминарниот извештај за изборите.
И медиумските здруженија укажуваа дека политичките кампањи не треба да се финансираат од државниот буџет, откако 249 онлајн медиуми се пријавија во Државната изборна комисија за државно финансирање за партиско-политички реклами во изборната кампања.
„Сомнително е тоа што дел од нив се сајтови со непознат сопственик или без импресум, новоформирани портали за кои се отвора сомнеж дека се наменски формирани само за да добијат пари за кампањата, како и портали кои не објавуваат информации од поширок јавен интерес“, посочија Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Сите сложно по парите од државата
Според Изборниот законик, средствата од Буџетот за платеното политичко рекламирање за изборен процес не смеат да ја надминат сумата од две евра во денарска противвредност без ДДВ, по запишан избирач. Доколку кај претседателски избори има и втор круг, дополнително се одвојува по едно евро во денарска противвредност по запишан избирач.
Парите се обезбедуваат од буџетот, а ги исплаќа Државната изборна комисија (ДИК) врз основа на доставена фактура од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати.
Досега, ДИК исплатила 78 отсто од вкупните обврски за политичко рекламирање, утврдила Антикорупциска комисија.
Според извештајот на Антикорупциска комисија, најмногу пари за кампањи потрошиле кандидатите Гордана Сиљановска-Давкова и Стево Пендаровски, по околу 2,6 милиони.
Следуваат Бујар Османи со 900.000 евра и Арбен Таравари со околу 800.000 евра.
Тројцата останати кандидати Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски и Билјана Ванковска потрошиле по околу 160.000 евра.
Физичките лица имаат право да уплатат донации во висина од 3.000 евра во денарска противвредност.
Со измената на Законот за финансирање на политичките партии во 2018 година, партиите си предвидоа наместо дотогашните 1.8 милиони евра од државниот буџет да добиваат 4.5 милиони евра.
До 2016 година, партиите сами си го плаќаа рекламирањето за избори во медиумите. Во 2018 година, на лидерска средба на која присуствуваа Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами договорија измени на Изборниот законик со кои државата ќе плаќа за рекламирањето на партиите за време на избори. За овие измени на Изборниот законик гласаа 101 пратеник.
Според последното истражување на ИРИ за десет години од 2011 до 2021 година, од државниот Буџет се исплатени вкупно 26,5 милиони евра кон политичките партии во Северна Македонија.
Извор: Радио Слободна Европа