На Скопје му фали генералка за да заличи како што треба. Овде е срамота да дојде турист! Ова е заклучокот на градоначалникот на општина Кисела Вода и претседател на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓоргиевски. Тој вели дека ваков впечаток имаат и останатите колеги од скопските општини.
По заедничка дискусија, тие се согласиле дека сите јавни претпријатија на градот не се функционални, но во Паркови и зеленило и Комунална хигиена е најалармантно. Затоа бараат на Град Скопје да му се одземат ингеренциите за овие две претпријатија.
„Бараме одземање на надлежностите и ингеренциите, назначување на владин повереник и започнување на процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предвање на надлежностите но и обрвските на секоја од скопските општини“, изјави Ѓоргиевски.
Ќе достават допис до Владата во кој ќе побараат на наредната седница да биде ставена дополнителна точка на која ќе се разгледаат состојбите и ќе се земе предвид нивното барање. Веруваат дека сервисирањето на услугите ќе биде многу поефикасно кога претпријатието ќе се подели соодветно.
„Не навлегувам во рокови, бараме итно постапување од страна на Владата, во однос на преземање на ингеренциите“, вели Ѓоргиевски.
Градоначалникот на Карпош, пак, Стевчо Јакимовски, потенцираше дека Скопје никогаш не било чисто.
„Не би сакал да се сфати дека потребата од поделба на овие две јавни претпријатија е само како резултат на тоа што е Арсовска градоначалничка. Потребата е долги години наназад. Нема да ги решиме проблемите ако не го решиме Законот за комунална инспекција. Комуналните инспектори мора да одбијат овластувања“, смета Јакимовски.
Според него, градоначалниците треба да си дадат задача трансформацијата на овие претпријатија да заврши до крајот на 2024.
Законот за локална самоуправа и законот за Град Скопје не пропишуваат постапка за одземање на надлежности на градоначалник. Министерствата кои досега одземаа ингеренции на општини, главно во делот на образование и детска заштита, се водеа според правилата на општата управна постапка.
И премиерот Мицкоски најави дека ова прашање ќе го постави на следна седница на Владата и кажа дека можеби треба да се размисли за идејата, секоја од општините да добие право да формира свое комунално претпријатие, па да ги наследи основните средства од ЈП „Комунална хигиена.“
„Луксуз е од Град Скопје да ви вратат на мејл“
Освен проблеми во функционирањето на јавните претпријатија, греадоначалниците забележуваат и проблеми во комуникацијата со Градот.
„Комуникацијата е улица во две насоки. Еве, нека кажат моите колеги градоначалници, кога последно од Град скопје и од госпоѓа Арсовска им е вратено на некој мејл? Во Град Скопје е луксуз да ви вратат на мејл, да ви вратат на наједноставно барање за некој проект. Треба да има комуникација. Не може како султанат да функционира градот Скопје“, вели Ѓорѓиевски.
И градоначалникот на скопската Општина Чаир, Висар Ганиу, се пожали дека нема комуникација со Град Скопје.
„Можеби повеќе од две години немаме координација со Градот Скопје, а со сите поранешни градоначалници, два пати месечно било задолжително да имаме координација. Немаме ниту поединечни комуникации, како колеги, не блокирала и во телефон, ниту преку службена должност“, изјави Ганиу пред медиумите.
Кога праќаат допис до Градот за да се пожалат на проблем како оној на улица „Ферид Мурати“, каде има три образовни установи, а три ипол години нема сигнализација, вели, исто како да не пратиле допис.
„Дури мислам дека и ова што го правиме е задоцнето“, додаде Ганиу.
„Граѓаните не ги интересира кој со кого е во конфликт“
По доаѓањето на Данела Арсовска на градоначалничката функција по локалните избори во октомври 2021, промените на директорските позиции во јавни претпријатија станаа честа пракса.
Првиот бран промени се случи на нецела година од мандатот кога се разидоа патиштата на Арсовска со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржа на изборите, поради меѓусебни обвинувања околу тендерот за пречистителната станица во Скопје. Менувањето на директори на јавни институции е уште едно од постапувањата за кое Арсовска добива критики.
„По 13 пати менува луѓе на јавни претпријатија. Најдобро е да застане, да се погледне во огледало и да го впери прстот во себе. Со паушални изјави, прес-конференции во стилот на дивиот запад кои се организираа во Градот Скопје и постојано вперување на прстот кон некој градоначaлник, политичка партија или кој и да е, не се решаваат проблемите. На крајот на денот, вас како жител на Скопје не ве интересира кој со кого е во конфликт и дали е во конфликт“, истакна градоначалникот на Кисела Вода.
Арсовска стана градоначалничка со поддршка од сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија има има мнозинство во Советот на Град Скопје. Откако им се разидоа патиштата уште во првата го од мандатот на Арсовска поради несогласување за пречистителната станица, сега меѓусебно се обвинуваат кој ги кочи проектите за јавниот превоз во главниот град.
„Логично беше да си даде оставка и да го спаси Скопје и скопјани. Но, гледаме дека станува збор за човек кој не знае за самоктирика и не знае да го прифати моменентот дека граѓаните велат – доста! Ако не си поднесе оставка, за жал ќе бидеме приморани да ги чекаме редовните избори“, вели Ѓорѓиевски.
Следните локални избори во Северна Македонија, на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.
Извор: Радио Слободна Европа