Расте стравот од проширување на конфликт на Блискиот Исток..Од ден на ден се повеќе држави кои ги повикуваат своите граѓани да го искористат секој слободен билет и да го напуштат Либан.
После САД, Велика Британија, Франција и Германија, и македонското министерество за надворешни работи ги повика сите македонци кои се во Либан, во првата можна прилика да ја напуштат земјата.
Апелираат и да се одложат сите неопходни патувања кон Израел. Тензиите на Блискиот Исток ескалираа по атентатот врз шефот на политичкото крило на Хамас и ракетниот напад врз Бејрут неколку часа часа претходно, а во кој, беше убиен воен командант на Хезболах.
„Поради влошенета безбедносна ситуација во Либан, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија ги повикува сите наши државјани кои се наоѓаат во оваа држава, истата да ја напуштат во првата можна прилика. Имајќи ја предвид непредвидливата безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до граѓаните да ги одложат патувањата кои не се неопходни кон Израел. Дополнително, македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел, да ги следат упатствата на националните безбедносни власти и во зависност од потребата и динамиката на безбедносната ситуација, да го напуштат Израел.“ – велат од МНР.
Во меѓувреме, Хезболах ги засилува нападите. Само во текот на изминатата ноќ, истрелани преку 50 ракети кон северен Израел. Повеќето од нив, пресретнати од противракетниот систем „Железна купола“, тврдат израелските безбедносни служби.
„Како одговор на нападите на израелскиот непријател врз непоколебливите јужни села и безбедните куќи, особено нападите насочени кон селата Кафр Кила и Деир Сарџан и повредените цивили, Исламскиот отпор (Хезболах) за првпат го погоди Беит Хилел со десетици ракетни.“ – Хезболах.
Иран се закани со одмазда а западните официјални лица стравуваат дека Хезболах може да одигра клучна улога во судирот меѓу Техеран и Тел Авив, но и дека секое проширување на опсегот на напади на либанската група, ќе доведе до жестока одмазда на Израел. Жителите на Либан пак стравуваат дека ако државата насила е вовлечена во уште една војна која не може да си ја дозволи, лесно може да се распадне.
„Се надевам дека немас да има војна бидејќи овој пат, тоа би било катастрофа. Државата е банкротирана, бара хуманитарна помош и донации од странство, но дури и со тоа, едвај преживуваме.“ – вели Наџи Деркаспар жител на Либан.
„Секако дека луѓето се исплашени..Многумина се свесни дека во тој случај ќе има голем недостаток од храна, вода, електрична енергија.“ – вели Рој Хајек жител на Либан.
„Веќе размислував да се иселам. Ако има војна, мислам дека не можам да останам тука. Чекам да завршам со студии и потоа ќе го напуштам Либан.“ – вели Диана Абу Асал жител на Либан.
Палестинец од окупираниот Западен Брег, кој илегално влегол во Израел, утрово во градот Холон, во централниот дел на земјата, убил две и ранил уште две лица, потврди израелската полиција. Жртвите биле убиени на неколку различни локации, пред напаѓачот да биде елиминиран.
Дека состојбата на блискиот исток е пред ескалација, покажува и последниот потег на американските власти кои одлучија да испратат воени бродови и авиони да патролираат во регионот. Одлуката на САД за зајакнување на воените капацитети, следува по заканите од Иран и Хезбохах дека ќе се одмаздат за убиството на лидерот на палестинско движење „Хамас“.
Извор: 24vesti.mk