Ревизорите нижат извештаи, обвинителите отвораат предмети – исходот се чека

July 10, 2024
3 mins read

Јавното претпријатие „Железници – Инфраструктура“, Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), како и Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, познато како „Македонија пат“, периодов се мета на проверка од скопските обвинители.

Овие три институции изминатите десетина дена беа опфатени во извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од каде речиси секојдневно ја „бомбардираат“ јавноста со нови ревизии.

Извештаите за споменатите јавни претпријатија се распоредени во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, каде веќе се оформени предмети. Проверките треба да покажат дали таму има основ да се отвори евентуална истрага во иднина или, пак, нема елементи за некакво кривично дело.

Вакви оформени случаи има многу, но епилози засега има поретко. На пример, за 40 предмети каде се користат ревизорски извештаи објавени од 2021 до почетокот на 2024 година, до крајот на мај само еден бил во фаза на истрага. Станува збор за случајот со Клиниката за онкологија, која во септември лани се најде во фокусот на јавноста по медиумските истражувања за злоупотреби со биолошката терапија за пациенти.

„Онкологија“ чека вештачења од странство

ДЗР веќе претходно имаше ревизорски извештаи за Клиниката, но обвинителската истрага следуваше по бурните реакции во јавноста што ги предизвикаа објавите во медиумите. Обвинителството во септември вршеше и претреси, а на крајот на јануари ја отвори и истрагата.

„За потребите на веќе оформен предмет за работата на Клиниката за онкологија, ревизорскиот извештај беше прибавен од страна на надлежниот јавен обвинител и таму истрагата е во тек. Таа ги опфаќа наодите од извршената ревизија, но и други извештаи од надлежни институции, а за дел од медицинските досиеја се врши независно вештачење во странство“, велат од Обвинителството за моменталниот статус на овој случај.

Обвинителството тврди постапува за сите извештаи, ДЗР задоволен

Во повеќето од останатите предмети поврзани со 40-те ревизорски извештаи сè уште траат проверките во обвинителството, а кај помал дел било утврдено дека нема основ за кривична истрага.

Ваквата состојба е констатирана во мај кога ДЗР побарале информаци до каде се постапките за овие конкретни ревизорски извештаи.

„Напоменуваме уште еднаш дека ова се податоци заклучно со мај годинава и дека во оваа бројка не се опфатени сите ревизорски извештаи кои се прибавени како доказ во постапките кои ги води обвинителството“, велат од Обвинителството.

Оттаму тврдат дека, не само за овие, туку постапуваат за сите ревизорски извештаи што ги доставува ДЗР. По дел од нив, нагласуваат, се оформуваат нови случаи, а некои се приклучуваат кон веќе постоечките предмети.

„Освен тоа, доколку во одредена постапка е потребно, јавните обвинители и самите по сопствена иницијатива прибавуваат ревизорски извештаи кои претставуваат доказ во постапката“, велат од Обвинителството за РСЕ.

До објавувањето на овој текст, од Државниот завод за ревизија не одговоија на нашите прашања, меѓу кои и за тоа како се задоволни од соработката со обвинителите.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски досега, барем во своите јавни настапи, немал забелешки за соработка и оценуваше дека комуникацијата со обвинителството е подобрена.

„Имаме прекрасна соработка со обвинителството бидејќи во последните неколку години комуникацијата не е како што била во претходниот период туку е многу подобрена“, рече во интервју за РСЕ Ацевски кој не посочи конкретен случај кој потоа завршил со судска пресуда бидејќи рече „неблагодарно е да кажувам кои се тие и како завршиле“.

Што покажува последниот „отчет“ на обвинителите пред ревизорите

Двете институции, во март 2022 година склучија и меморандум за соработка, кој меѓу другото предвидува обвинителите редовно да ги известуваат ревизорите за тоа до каде се постапките.

Во рамки на ваквата соработка биле побарани и информациите за постапките поврзани со споменатите 40 ревизорски извештаи. Во прашање се четири извештеи во 2021, девет во 2022, 22 во 2023 и пет од 2024 година.

Проверките што ги направиле во Обвинителството во мај покажале дека за сите се оформени предмети и се барале или сè уште се бараат дополнителни докази. Неколкуте што се затворени се затоа што било утврдено дека „нема обележја на кривично дело односно ревизорските извештаи констатираат неправилности од друг вид“.

Како што посочуваат во одговорот од Обвинителството, таков е случајот со четири извештаи примени на почетокот на 2023.

„Во 9 извештаи доставени до почетокот на 2023 проверките сè уште траат за што се издадени соодветни наредби до надлежни институции по кои се преземаат дејствија. Што се однесува до поновите извештаи, доставени во 2023 и 2024 година, целосно се завршени проверките во еден предмет во кој е донесена одлука дека нема место за јавнообвинителско постапување, во еден предмет е донесена наредба за спроведување истражна постапка, а во другите се преземаат дејствија“, велат од Јавното обвинителство.

Во оваа статистика не влегуваат јавните претпријатија „Железници – Инфраструктура“, Македонија пат“ и Јавното претпријатие за државни патишта бидејќи ревизорите ги објавија извештаите за нив во текот на јуни и почетокот на јули.

„Железници – Ифраструткура“ и ЈПДП беа опфатени во еден извештај кој се однесуваше на тоа колку се успешни нивните политики за капитални инвестиции платени од државниот буџет. Наодите на ревизорите беа и причина новиот министер за транспорт и вицепремиер Александар Николоски да го повика обвинителството да постапи.

Тој јавно изрази сомнежи поради зголемените трошоци за дел од проектите, како што е автопатот Кичево-Охрид и пругата кон Бугарија чии вредности скокнале за 175 односно 220 милиони евра од првично планираните.

„Се работи за најскапа пруга која завршува во тунел кој нема крај, а за која Бугарија нема ниту проект за железничко поврзување“, зборуваше Николоски на прес-конференција на која повика обвинителите да го разгледаат работењето на овие институции.

Со меморандумот за соработка меѓу ДЗР и Јавното обвинителство, кој во март 2022 го потпишаа Ацевски и тогашниот републички обвинител Љубомир Јовевски, двете институции се обврзаа на навремена и непосредна комуникација, соработка на стручни тимови, транспарентност за постапувањето по ревизорските извештаи итн. Ревизорите, меѓу другото, преземаа обврска, и во случаите каде се сомневаат дека има кривично дело преку посебен образец да го извести обвинителството за своите наоди. Обвинителите, пак, се обврзаа да го известуваат ДЗР до каде се постапки и ако имаат потреба да бидат во директна комуникација со надлежниот ревизор и да бараат стручна помош.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Туркије официјално го прифати 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

Следно

Мицкоски од Вашингтон: Иднината на регионот е економската соработка и инвестициите

Latest from Blog

Зоран Заев е единствениот политичар од Балкан што Меркел го споменува во нејзините мемоари

„На Западен Балкан, единствениот (жив) политичар кој Меркел го споменува во своите мемоари е Зоран Заев, кого таа го нарекува ‘храбар и решителен’, објави Михаел Мартенс, прославениот новинар на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг

Николоски: Невозможно е да се комуницира со Бугарија за отворените прашања, техничката влада нема легитимитет да преговара

Македонија ги промовира своите позиции – уставни измени со одложено дејство пред земји кои се главни играчи на европската политичка сцена и тоа е многу важно за нас, истакна заменик претседателот на

Нетанјаху ќе го достави договорот за прекин на огнот со Либан на одобрување пред кабинетот за безбедност

ЕРУСАЛИМ (АА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетатајаху изјави дека до кабинетот ќе го претстави нацрт-договорот за прекин на огнот со Либан, известува Анадолу. Нетанјаху објави видео-порака во која истакна дека времетраењето на

Мицкоски ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски утре ќе присуствува на започнување на третата фаза од инвестицискиот циклус на германската компанија КОСТАЛ Македонија во Општина Охрид. Третата фаза на инвестициски циклус на КОСТАЛ Македонија
Go toTop