„Црвена фурија“ е нарекувана фудбалската репрезентација на Шпанија. Овој прекар Шпанија го доби на Олимписките игри во Антверпен во 1920 година поради карактерот и играта што фудбалерите ги прикажуваа на теренот, како и поради бојата на дресовите. Со текот на времето тој прекар падна во заборав, но беше повторно актуелизиран со доаѓањето на Луис Арагонес за селектор и кога Шпанија на доминантен начин триумфира на Европското првенство што се играше во Австрија и Швајцарија во 2008 година. Шпанија потоа доминираше и во наредните четири години. Стана светски шампион во 2010 година и ја одбрани титулата на ЕП 2012 година. „Црвената фурија“ е меѓу фаворитите и на актуелнотоевропско првенство што се игра во Германија.
Новата македонска коалициска влада, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, стапи на должност во понеделникот, (24.06.2024), а премиерот Христијан Мицкоски најави фуриозен старт. Но, прекарот „фурија“, „црвено – црна фурија“, или каква и да е, допрва треба да го заслужи, односно, доколку ги исполни амбициозните ветувања.
„Централно место во нашата животна мисија е економското заживување на нашата земја. Ќе започнеме нов силен циклус на економски раст“, пишува уште во првите редови од владината програма. Премиерот Мицкоски и од собраниската говорница меѓу првите чекори вети намалување даноци, зголемени пензии, проект од 250 милиони евра за општините, фронт против корупцијата…
Политичкиот аналитичар, Џелал Незири, е скептичен дека оваа политичка гарнитура во новата Влада ќе донесе „спектакуларни резултати“. Според него, се е сведено само на гола ротација на власта и Владата на Мицкоски, исто како и таа на Зоран Заев во 2017, вели, нема да може да испорача резултати додека земјата не ги почне преговорите за членство во ЕУ со отворање на поглавјата.
Предизвик се уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, за што премиерот Мицкоски беше дециден: „ваков бугарски диктат под вакви услови нема да пројде и додека сум јас нема да има уставни измени“. Дали со ваков ригиден став е можно почнување на преговорите за членство во ЕУ? Тешко, речиси неверојатно.
Тука е и Договорот од Преспа, за кој грчката страна испрати неколку пораки дека Скопје треба да го почитува за да остане отворен патот кон ЕУ . Новиот премиер вели дека ја прифаќа реалноста и ќе го користи уставното име во официјалната комуникација, но не и во настапите дома и изјавите во јавноста.
Па, така, можно е „фуријата“ во најава, да раздвижи некои состојби дома, но, да удри во ѕид на патот кон ЕУ.
Првиот „фуриозен“ старт на новата влада е странската инвестиција во ветерен парк, кој ќе почне да се гради догодина. 55 ветерници помеѓу три општини – Штип, Карбинци и Радовиш, кои ќе произведуваат еден терават час електрична енергија или околу 20 отсто од целокупното производство што го има Северна Македонија. Струја доволна за 100.000 домаќинства.
Ова се дел од податоците за првата инвестиција во енергетиката. Таа, според промоцијата во Скопје, е вредна околу 450 милиони евра и треба да обезбеди околу 630 вработувања во градежниот сектор.
Инвеститор е „Алказар енерџи“, кој македонската Влада го претстави како водечки инвеститор во обновливите извори на енергија – независен одржлив фонд со седиште во Луксембург и тим советници стационирани во Дубаи. Во своето портфолио, „Алказар енерџи“ наведуваат пет соларни фотоволтаични централи и два ветерни парка во Јордан и Египет. Од регионот, пак, на нивната веб-страница може да се пронајдат информации за влегување во проект за ветерен парк во Црна Гора од септември лани.
Иако на официјалната страница на „Алказар енерџи“ е најавено дека изградбата на ветерниот парк ќе почне во 2026, на промоцијата во Скопје, најавија старт на изградбата во втората половина на идната година. Првата струја, пак, се очекува да се произведе во втората половина на 2027.
Кои се инвеститорите што ќе го градат ветерниот парк кај Штип, можете да прочитате ТУКА.
Најава за „фурија“ во здравството
Новата Влада ги почна промените во здравството со смена на дел од досегашните директори во скопските клиники и болниците во внатрешноста. Премиерот Мицкоски, заедно со министерот за здравство Арбен Таравари, на првиот работен ден ја посети и болницата во Штип и најави дека нејзината изградба ќе биде приоритет при инвестициите во здравството. Болницата почна да се гради во 2016 година, но и по осум години не е завршена.
Министерот Таравари, во првите два дена разреши девет од 14 В.Д. организациски директори, меѓу кои и Бесија Иљази од Клиника за токсикологија, чие разрешување го бараа дел од вработените на прес-конференција. На останатите, Таравари им најави разрешување, кога ќе се направат потребните законски измени.
Но, здравството моментално има и многу поголеми проблеми. Хируршките сали на Клинички центар повеќе од три месеци едвај функционираат и тоа им направи проблеми и на пациентите кои чекаа ред за операции и на другите болници кои треба да ги згрижат. Докторите и сестрите се иселуваат или одат во приватно здравство за подобри услови, поради што јавното здравство кубури со специјалисти и со медицински кадар. Недостатокот на медицински кадар е највидлив на Клиниката за онкологија во време кога рапидно се зголемува бројот на заболени од канцер, па пациентите со часови чекаат за терапија.
ВМРО-ДПМНЕ во програмата, меѓу другото, вети 500 нови вработувања во здравството и 50 нови методи во првите 100 дена.
Министерот Таравари, пак, кажа дека негов фокус ќе биде јавното здравство, со оглед на тоа дека, според него, „Македонија има меѓу најлуксузните и најдобрите приватно организирани здравствени системи, додека јавното здравство е пред тотален колапс“.
„Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме огромен број на вработувања, посебно во секторот здравство“, изјави Таравари на 25 јуни, при што ги посочи приватните специјализанти и 1.200 вработени со договор на дело.
Може ли „црвена фурија“ да стане некоја македонска репрезентација?
Спортот во Македонија досега беше дел од Агенцијата за млади и спорт и сега доби повисок чин со новоформираното Министерство за спорт, на чие чело застана екс ракометниот голман Борко Ристовски.
Таки Џиков, кој ја вршел функцијата заменик министер во поранешното Министерство за образование и спорт за време на техничката влада во 1991 година, вели дека новоформираното Министерство за спорт може да ја подобри состојбата во спортот, но според него потребно е прво да се направи реорганизација, особено на кадрите од досегашна Агенција.
„Некои од кадрите кои не се соодветни треба да се тргнат од таму и да се донесат квалификувани луѓе кои можат да одговорат на задачата, да се направи стратегија за развој на спортот во Македонија. Тоа треба да го донесе сегашниот министер, кој според мене сега се наоѓа на еден бришан простор и кој ќе има многу сложени задачи кои ќе треба да ги решава“, вели тој.
Со формирањето на Министерство, спортот сега ќе добие буџет, за разлика од досега кога Агенцијата за млади и спорт имаше буџет од кој главно се даваа плати за вработените во агенцијата, а за спортот пари се обезбедуваа од спортските ваучери, преку кои фирми даваа пари за спортските клубови и федерации, а за возврат беа ослободувани од данок. Оваа мерка се злоупотребуваше, за што Обвинителството отвори случај.
Какви се резултатите, доволно кажува учеството на македонски спортисти на претстојните Летни олимписки игри во Париз, каде ќе учествуваат само петмина, од кои ниту еден нема постигнато А-олимписка норма. Сите ќе се натпреваруваат со таканаречената вајлд карта.
Што со двете згради на ЕСМ во центарот на Скопје?
Државното претпријатие Електрани на Северна Македонија има две деловни згради кои се распаѓаат, иако за нив досега се потрошени речиси 20 милиони евра. Ниту можат да ги продадат, ниту да инвестираат во нив поради правни битки за стари пропусти. Првата зграда стара 62 години, девет години седи без фасада, а втората е нова, целосно изградена, па дури и опремена со мебел, но, веќе седум години чека технички прием. Последната битка е за правото на сопственост, на чие име да се води, дали на државата или на државната компанија.
За таа цел, од ЕСМ се обратиле до Државното правобранителство со предлог запишување на правото на сопственост во корист на државата како основач и единствен акционер. Владата се согласила на тоа и донела одлука во октомври минатата година со која требало да се запише правото на сопственост врз таа зграда во корист на државата. Но, Агенцијата за Катастар на недвижности одбила да ја спроведе одлуката од причина што одобрението за градба е во корист на АД ЕСМ.
Во меѓувреме, вработените во дирекцијата на ЕСМ и натаму се во старата зграда, која е во распаѓање и без фасада.
Радио Слободна Европа изврши увид во внатрешноста и на двете згради.
Секој ден стотици туристи минуваат низ Скопје. Престолнината некому му се допаѓа, некој наоѓа маани, но со какви впечатоци заминуваат зависи и од луѓето што ќе ги сретнат. Што ги очекува во Скопје во поткастот Зошто разговараме со туристичкиот водич Васко Марковски.
Заради проблемите со кои се соочува градот, Марковски вели: „страв ме фаќа од тоа што Скопје ќе биде европска престолнина на културата во 2028 затоа што ќе дојдат многу луѓе и не знам како сите ќе може да ги прифатиме“.
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл [email protected]
Извор: Радио Слободна Европа