Трет ден избори во ЕУ – какви се прогнозите?

June 8, 2024
2 mins read

Изборите за пратеници во Европскиот парламент влегуваат во третиот ден од гласањето, кое во земјите од ЕУ се спроведува од6 до 9 јуни.

Денеска (8 јуни) е единствениот ден за гласање во Словачка, Латвија и Малта, а прв од двата дена во Италија и Естонија. Во Чешка, пак, е втор и последен ден од гласањето.

Популистите и екстремнодесничарските партии очекуваат да постигнат добар резултат.

Словачка – избори во сенка на обидот за атентат на Фицо

Изборите во Словачка паднаа во сенка со обидот за атентат на популистичкиот премиер Роберт Фицо на 15 мај. Аналитичарите сметаат дека тоа може да ги зголеми шансите левичарската партија СМЕР предводена од премиерот Фицо, да победи на изборите.

Фицо, кој дојде на функцијата минатата есен по кампањата во која преовладуваше проруска и антиамериканска платформа, сè уште се заздравува од раните здобиени при обидот за атентат.

Неколку часа пред изборниот молк тој имаше видеообраќање, што беше и негова прва изјава по нападот. Во него, иако не зборуваше директно за гласањето, ја нападна ЕУ алудирајќи дека тој е жртва поради неговите ставови кои се разликуваат од европскиот мејнстрим.

Мелони може да влијае на изборот на претседател на ЕК

Европските избори се интересни за набљудување и во Италија. Таму во анкетите води партијата „Браќа на Италија“ на премиерката Џорџија Мелони.

Италија е трета земја по бројот на жители во ЕУ поради што оттаму доаѓаат 76 пратеници во 720-члениот Европски парламент.

Ако „Браќа на Италија“ остварат голема победа, Мелони би можела да влијае на изборот на следниот претседател на Европската комисија (ЕК).

Актуелната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која посакува реизбор на функцијата, се обидува да ја придобие Мелони во надеж дека ќе ја добие поддршката на Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), паневропскиот евроскептички блок кој го предводи Мелони и во чија група, ако бидат избрани, ќе се приклучат европратениците од „Браќа на Италија“.

Според анкетата на порталот „Политико“, конзервативната партија „Браќа на Италија“ е на прво место со 27 отсто, шест проценти пред Демократската партија од левиот центар.

Кој и кога гласа?

Првите прелиминарни резултати кои ќе го покажат идниот состав на Европскиот парламент се очекува да бидат објавени во неделата (9 јуни) доцна навечер, откако ќе заврши гласањето во сите 27 членки на ЕУ. Резултатите ќе бидат ажурирани во понеделникот наутро.

Гласањето започна на 6 јуни. Тогаш се гласаше во Холандија. На 7 јуни, пак, на гласачките места излегоаИрска и Чешка. Во Чешка, како што веќе споменавме, се гласа и денеска (8 јуни), исто како и во Италија, Словачка, Латвија, Малта и Естонија.

Денот Д, пак, е 9 јуни бидејќи тогаш гласаат најголемиот дел од земјите-членки на ЕУ: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Данска, Естонија (втор ден гласање), Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија (втор ден гласање), Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Шпанија и Шведска.

720-те места во Европскиот парламент ќе ги пополнат пратеници од сите земји-членки на ЕУ. Која земја колку пратеници има зависи од големината на населението. Според тоа, Германија ќе испрати најмногу пратеници во Брисел/Стразбур – 96 европратеници, додека Кипар, Луксембург и Малта ќе имаат само по шест пратеници.

Европратениците се единствените претставници во институциите на ЕУ кои директно ги бираат граѓаните.

Граѓаните гласаат за пратеници од националните партии за кои сметаат дека доследно ќе ги претставуваат во нивниот петгодишен мандат.

Избраните пратеници потоа се групираат во европски политички групи со исто определување односно идеологија. За да се формира политичка група потребни се 23 пратеници од најмалку седум земји-членки на ЕУ.

Такви групи во актуелниот состав ги има седум. Во новиот, не се исклучува можноста да има повеќе.

Традиционално, најголемата е Европската народна партија која му припаѓа на десниот центар. Втори се социјалдемократите од левиот центар, а ливечарите во моментов се на трето место.

Се очекува раст на екстремната десница

Анкетите покажуваат дека традиционалните партии од десниот и левиот центар ќе го задржат приматот на овие избори иако со послаб резултат од досегашниот.

Исто така, анкетите покажуваат и видлив раст на екстремната десница која, сепак, не се очекува да го има мнозинството во Европскиот парламент.

Вистинската битка всушност на овие избори е за третото и четвртото место. На нив, во актуелниот состав се наоѓаат либералите и зелените, кои се очекува да доживеат значителен пад на сметка на екстремната десница која претендира да зазеде една од овие две позиции.

Извор: slobodnaevropa.mk

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Ракот да внимава со кого споделува информации, нови врати се отвораат за Близнаците

Следно

Во израелските напади врз Појасот Газа загинаа 11 Палестинци

Latest from Blog

„Златната купола“ на Трамп ќе чини 1,2 билиони долари, тој најави дека ќе биде далеку поевтина

Планот на претседателот Доналд Трамп за поставување оружје во вселената, програмата за ракетна одбрана позната како „Златната купола на Америка“, ќе чини околу 1,2 трилиони долари во текот на 20 години, според

Ќе оди ли Карпош на предвремени избори?

Замина на боледување, градоначалникот Сотир Лукровски, зад себе остави низа испреплетени реакции како од јавноста така и од опонентите. Законот за локална самоуправа преку Членот 52 меѓу другото објаснува дека градоначалник определува

Николоски: Коридорите 8 и 10 се клуч за економски развој и регионално поврзување

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски денеска на два одвоени форуми „Македонија 2025“ и Македонско-Албанскиот бизнис форум ги презентираше клучните инфраструктурни проекти, инвестициите и нивното економско влијание врз државата

Перез: Против нас се водат планирани напади, нема да си одам, останувам претседател!

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, објави дека нема намера да ја напушти функцијата. 79-годишниот функционер, исто така, ги негираше извештаите дека има сериозна болест. „Многу ми е жал што морам да
Go toTop