Очила, пенкала, лични документи, одликувања, ракописи на академиците Анте Поповски и Матеја Матевски, претставници на поетската генерација која ги изгради естетските фундаменти за развојот на модерната македонска литература, се изложени во Музејот на македонската борба за самостојност.
Станува збор за донации од семејствата Поповски и Матевски, проект кој го почна претходната директорка на Музејот, Даниела Николова. Авторка на изложбата е Данијела Трајкова-Крстиќ, виш кустос историчар, а на отворањето на изложбата, покрај кустосот и синовите на двајцата поети, говореше и в. д. директорката Ана Китановиќ.
Во „собата“ на Анте Поповски се изложени предмети како џебен часовник „секонда“ со синџирче од СССР, пури од 1970-тите години, очила во кутија „пјер карден“, машина за пишување од 1970-тите години на 20.век, пенкало „мон блан“, нож од Африка, медали, легитимации, фотографии, како и портрет од сликарот Коле Манев.
Катчето на Матеја Матевски содржи предмети како плакети, благодарници, орден, машина за пишување „олимпија“, личен рачен часовник „омега“, Златниот венец на поезијата кој го доби во 2011, портрет од сликарката Вана Урошевиќ.
„Ако изборот на предметите ја искажува душата на еден човек, ако според изгледот на неговата соба може да се суди за неговата душа, тогаш ние како семејство сме среќни што неговата душа ќе живее во колективната душа на македонскиот народ, на најсветлите негови синови. Неговите предмети не се веќе само наши, туку на Македонија, за која живееше. Затоа, Анте, татко наш, имај вечен живот под покривот на небесна Македонија“, рече на отворањето на изложбата, Александар, синот на Анте Поповски.
Синот на Матеја Матевски, Денко Матевски рече дека не е убеден оти го бидува за обраќање пред публика како неговиот татко, но дека ќе се обиде.
„Иницијативата почната со претходната директорка на Музејот на македонската борба, Даниела Николова во целост се реализираше со професионалниот тим на Музејот и актуелната директорка Ана Китановиќ. Ние како семејство, во иднина сме подготвени да ја надградиме и прошириме оваа донација на Матеја Матевски. На музејот му посакувам да истрае со овој проект и да отвори повеќе простор за други наши значајни творци кои со своите дела имаат придонес во борбата за афирмација на македонскиот јазик и култура во светот“, рече Матевски.
Донацијата „Анте Поповски (03.6.1931 Лазарополе – 1.10.2003 Скопје), поет, есеист, препејувач, академик, општественик, од семејството Поповски кон Музејот има особено значење во збогатувањето на музејскиот фонд со вкупно 46 предмети, ракописи, одликувања, фотографии, благодарници и документи кои музејски се обработени и се дел од музејската колекција.
„Семејството Поповски, од самиот почеток, носени од идејата да донираат значаен материјал од нивниот почитуван сопруг и татко, беа исклучително отворени за соработка, споделуваа интересни податоци за фотографиите, одликувањата и личните предмети на поетот кои се дел од музејската колек-ција. Поповски припаѓа на генерацијата поети кои ја развивале творечката мисла во периодот на 60-70-80-тите години на 20. век, период на развој на македонската литература и според низа обележја се совпаѓа со процесот што се одвива и во литературата што е сродна со неа. Поповски е современик на Блаже Конески, Гане Тодоровски, Радован Павловски, Петре. М. Андреевски, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, поети кои обележаа цела една генерација, и одговорно ја продолжија литературната традиција во повоените години на територијата на Република Македонија. Музејот преку поставувањето на музејски простор во рамките на музејската поставка, во периодот по воената историја на Македонија, посветен на Анте Поповски, овозможува да ги запознаеме посетителите со животната приказна на поетот, со можност да се запознаат одблизу со личните предмети, ракописи, одликувања, фотографии и докумен-ти кои некогаш припаѓале на големиот поет. Омажот е замислен како блиска средба на посетителот со детето, поетот, академикот, но и човекот Анте Поповски“, пишува Николова во каталогот за Поповски.
Донацијата „Анте Поповски (03.6.1931 Лазарополе – 1.10.2003 Скопје) од семејството Поповски кон Музејот има особено значење во збогатувањето на музејскиот фонд со вкупно 46 предмети. (Фото: К. Попов)
Во каталогот за академик Матеја Матевски (1929 Истанбул, Турција – 2018 Скопје) , Китановиќ вели дека тој е истакната личност во македонската современа литература и култура, поет на европската лирика, есеист, новинар, преведувач, литературен и театарски критичар.
Бил претседател на Републичката комисија за културни односи со странство (1977 – 1986), член на Претседателството на СР Македонија (1985 – 1989) и генерален директор на Радио-телевизија Скопје. Членувал во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), каде извршувал различни раководни функции. Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, Рациновите средби и Македонската книжевна фондација и почесен потпретседател на Македонскиот ПЕН центар. На јубилејното 50. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП), во 2011, Матевски го доби Златниот венец. Најголемото професионално достигнување е изборот за член на Македонската академија на науките и уметностите во 1970 година, со претседателски мандат од 2001 до 2004. Статусот на академик во МАНУ го потврдува неговиот значаен придонес во областа на книжевноста и културата во Македонија, како и високиот степен на почит и признание во македонската интелектуална заедница.
Има објавено книги поезија, критика и есеи, а дел од неговата поезија е преведена на повеќе странски јазици. Матеја Матевски еден од централните фигури во втората генерација македонски поети-интелектуалци кои созреаа со својата нација во 1950-тите и ги обликуваа главните правци на современата литература.
„Матеја Матевски внел современи и урбани субјекти во поезијата, кои ќе ја доведат таа поезија до нова формална и референцијална свест, чувство на форма и свест во композицијата можеби неопходна за стекнување високата почит што сега ја ужива во светот“, велат од Музејот.
Б. НЕСТОРОСКА
ИЗВОР: sdk.mk