Праксата на многу професии на запад (лекари, адвокати, наставници, архитекти…) е под јурисдикција на соодветни регулаторни одбори и колеџи со мандат да ја заштитат јавноста од злоупотреби на професијата.
Нивна работа е да ги разгледуваат поплаките на конкретни случаи и да решат дали се доволно сериозни и кредибилни за да се продолжи со подетален увид во проблемот. Во огромен број случаи таквите поплаки биваат отфрлени како банални или чисто злонамерни. Кога ќе се реши поинаку, тогаш тоа е сериозен потег, рамен на судски процес.
Тоа неодамна му се случи на канадскиот клинички психолог Џордан Питерсон. На негова адреса немало ниедна поплака во тек на 20-тина години колку што работи како професор и терапевт, сè додека последниве години не стана глобално познат како трн во нога на доминантната квази-левица и топол ветар на кој се топат новоразбудените снегулки.
Во последно време се собрале дузина поплаки а под таков притисок надлежниот Колеџ на психолози од Онтарио решил дека треба да преземе нешто:
„За моите злосторства, осуден сум на курс на „задолжителна обука за комуникација на социјални медиуми“ со таканаречени експерти на колеџот. Јас треба да го направам тоа на мој трошок од стотици долари на час), онолку долго колку што на моите превоспитувачи ќе им треба да се уверат сум ја научил лекцијата и дека во иднина ќе се однесувам правилно“, пишува Питерсон.
Накратко, човекот кој секојдневно комуницира со милиони луѓе, што следбеници, што хејтери, е пратен на обука за – комуникација. Патем, забележува дека „комуникација на социјални медиуми“ нема никаква врска со која било научна вештина или клиничка пракса за со неа да се бави неговиот професионален еснаф.
Ако прифати да оди на ре-едукација, тоа ќе значи дека прифаќа некаква вина, па Питерсон веднаш ја одби оваа „воспитна мерка“ по што процедурално ќе следува задолжително јавно испрашување/ истрага и можна суспензија на неговата клиничка лиценца.
Тој порачува дека е особено подготвен за таа фаза на случајот, за кој ветува дека ќе го направи јавен да појавен не може да биде.
На што се однесуваат поплаките? На ништо што има врска со неговата клиничка пракса со која има престанато уште во 2017 година затоа што поради популарноста, станало практички и етички невозможно да продолжи како приватен терапевт.
„Од првото до последното обвинување, не само што е независно од мојата клиничка пракса, туку е експлицитно политичко. За сè за што сум осуден на корекција е затоа што политички сум недоволно левичар. Премногу сум класично либерален – или, уште понепростливо – конзервативен“.
Една од поплаките се состои од доставен целосен транскрипт на неговото гостување кај Џо Роган.
Другите гревови му се:
– ретвитање на лидерот на канадската опозиција Пјер Поливр за непотребната суровост на ковид карантините.
– критикување на канадскиот премиер Џастин Трудо.
– критикување на неговата десна рака, Џералд Батс.
– критикување на локалните власти во Отава.
– зезање на сметка на новозеландската премиерка Џасинда Ардерн.
Долгогодишниот истражувач психолог од Харвард и Торонто за сево ова му пишал и на премиерот Трудо. Питерсон не тврди дека зад ваквиот прогон стои лично тој или неговите луѓе но затоа го потсетува дека ова се случува „на негова смена“ како директна последица на однесувањето и неговите присилни и идеолошки чисти политики.
За своите сограѓани Канаѓани, Питерсон има неколку непријатни прашања:
- Зошто мислите дека нешто слично нема да ви се случи вам, или на некој што го познавате, го почитувате или го сакате?
- Зошто мислите дека можете да продолжите искрено да комуницирате со вашите лекари, адвокати и психолози (и претставници на многу други регулирани професии) ако тие уште сега се толку преплашени од нивните регулаторни одбори што веќе не можат да ви ја кажат вистината?
- Што ќе ги учат вашите деца кога сите нивни учители (и тоа е регулирана професија) толку се плашат од разбудената толпа што ги голтаат сите идеолошки лаги што сега се бараат од нив, без разлика дали веруваат во тоа што го зборуваат?
- Каде ќе стигнеме ако дозволиме критики на јавни личности кои сме ги овластиле да владеат со нас да бидат основа за уривање не само на угледот на оној што критикува, туку и на самата негова егзистенција?
- Колку далеку сме подготвени да одиме по овој пат, без да пружиме директен отпор?
ИЗВОР: off.net.mk