Судот во јужниот руски град Волгоград на 5 април казни 23-годишна жена на 10 месеци принудна работа откако е осудена дека го „рехабилитира нацизмот“. Обвинението произлезе од видео на социјалните мрежи од 2023 година за кое обвинителите рекоа дека содржи „цинични дејствија кои ги занемаруваат нормите на морал и етика“.
Во видеото, Алјона Агафанова, туристка од градот Самара во централниот дел не регионот Волга, ја документира својата посета на Волгоград и во еден момент, користи „трик“ перспектива и заиграно започнува да ги „гали“ градите на огромната статуа која е доминантна во сеќавањата на Сталинградската борба, веројатно најпознатата икона од Втората светска војна каде било во Русија. На судот, обвинителите рекоа дека таа го „навредила симболот на отпорот на советскиот народ за време на голема патриотска војна“.
Шефот на истражното одделение на волгоградскиот огранок на Истражниот комитет, Владимир Сурков, рече дека овој случај треба да претставува предупредување за сите други.
„Кој било кој сака да се промовира на сличен начин, треба да размисли и да не го прави тоа“, изјави Сурков за локалната медиумска страница.
Под долгогодишно водство на претседателот Владимир Путин, државата ги користеше своите драконски казни за „странски агенти“, тероризам и екстремизам, предавство и гушење на политичкото несогласување, преку успешно маргинализирање на сите опозиции.
Но, законот од 2014 година против „рехабилитација на нацизмот“, кој предвидува казни до пет години затвор, се користи за друга цел, велат аналитичарите: Да се обликува сè помилитаризирано општество со пласирање на митологизирана верзија на придонесот на Советот и етничките Руси до поразот на нацистичка Германија.
Тоа исто така ги зајакнува и лажните тврдења на Путин дека Русија им се спротивставува на „нацистите“ во Украина и на Западот.
Овој закон го стави во сенка законот од 2001 година против дисеминација на нацистичките симболи, за кои Александар Верховски од Сова, руска група која го следи екстремизмот, за Би-Би-Си минатата година изјави дека е искрен обидот да се бори против ултрадесничарските групи на омраза.
Активистот Александар Черкасов од забранетата група за човекови права, Меморијал, за РСЕ рече дека преку законот за „рехабилитација на нацизмот“, се врши репресија во име на „историско сеќавање, кое и самото се претворило во квази-религија“.
Колку има други случаи како Ајлона?
Агафанова беше осудена без разлика на тоа што таа во јули минатата година јавно се извини за овој инцидент.
„Би сакала искрено да се извинам за своите дела, кои на ниту еден начин немаа намера да ја исмеваат историјата на мојата земја или животите на оние кои ги загубиле животите за ние сега да имаме подобра иднина“, напиша таа тогаш на социјалните мрежи, нагласувајќи дека нејзиниот дедо бил убиен за време на војната.
„Јас сум патриот и ја сакам својата земја“, стоеше меѓу другото во објавата на Агафанова.
Таа се изјасни за виновна пред судот и се извини уште еднаш во својот завршен говор, објаснувајќи како поминала 13 месеци во судски притвор и истакнувајќи дека е адекватно казнета. Покрај 10 месеци задолжителна работа, наредено и да работи на работно место чии задачи ги доделува Федералната затворска служба во Самара. Агафонова мора да и дава 10 проценти од својата плата на државата, а исто така изречена и е и забрана во следните две години да не користи социјални мрежи.
Набргу по објавувањето на нејзиното видео, Агафонова беше преплавена со критики и осуди од повеќе самопрогласени патриоти. Каналот на Телеграм, кој го поддржува Кремљ, Талипов, кој од окупираните украински региони го води блогерот Олександар Талипов, пишува дека инцидентот го илустрира „проблемот со патриотското воспитување на нашата младина“.
„Дали навистина е возможно ниту еден учител во Самара или никој во институтот (кој таа го посетувала) не успеал да и всади на Алјона чувство на почит кон славата на нашите дедовци?“, пишува на овој Телеграм канал, каде потоа следува и прашањето – „А колку уште вакви случаи како Алјона има во Русија?“.
Социологот Марија Туровец, која ја напушти Русија пред инвазијата на Москва врз Украина во февруари 2022 година, за РСЕ изјави дека случаите со „рехабилитација на нацизмот“ се гориво за „активното малцинство кое ги поздравува“.
„Сакам да ги нарекувам „партија на фашизмот. Властите се обидуваат да го предвидат однесувањето и да му излезат во пресрет на ова малцинство“, истакна Туровец.
Кипот за кој Агафанова е обвинета дека го навредила е насловен „Мајката татковина повикува“, 85 метри голема статуа која доминира со меморијалниот комплекс Мумаев Курган.
Статуата за која Агафанова е обвинета за навреда е насловена „Татковината повикува“,односно тоа е 85-метри џиновска статуа која доминира во меморијалниот комплекс Мумаев Курган од битката кај Сталинград, каде што се закопани околу 35.000 советски жртви. Оваа битка ја означи пресвртницата на војната кога германските сили таму се предадоа во февруари 1943 година. Споменикот на масовната гробница беше подигнат во 1967 година.
„Во вакво време…“
Меѓу десетиците случаи за „рехабилитација на нацизмот“, од оние кои се пријавени во последните години, само неколку објективно одговараат на самата дефиниција. Во февруари 2022 година, на професор од Санкт Петербург му е судено бидејќи го негирал Холокаустот за време на своите предавања.
Истата година, тинејџер во сибирскиот град Иркуцку се соочил со обвиненија дека наводно пишувал бројни објави на социјалните мрежи кои ја славеле германската војска од Втората светска војна и злогласните СС. Во некои случаи, отворени се и обвиненија против луѓе кои го критикувале војувањето на советскиот диктатор Јосиф Сталин, посебно нацистичко-советскиот пакт за ненапаѓање од 1939 година.
Но, многу повообичаено е обвиненијата да се користат за прогон на дела кои ја доведуваат во прашање руската „воена слава“.
Властите во регионот Алтаи во февруари во населбата Старо Алеска поднесоа кривична пријава за „рехабилитација на нацизмот“ против двајца тинејџери кои наводно од снег направиле фалус покрај воен споменик и фотографиите ги објавиле на социјалните мрежи.
Многу од овие случаи вклучуваа лица обвинети дека ја „навредувале“ црно-портокаловата лента на Свети Ѓорѓи или провладините симболи „Z“ и „V“ кои се користат за да се искаже поддршката на војната на Путин во Украина и конфронтацијата со Западот.
Всушност, Черкасов од Меморијал, рече дека една од целите од спроведувањето на законот е на таквите современи симболи да се префрли статусот на симболот на победата во Втората светска војна кој внимателно го негуваше владата на Путин од кога тој дојде на власт пред 25 години.
Исто така во февруари, обвинителите отворија кривична истрага против Расул Ахијаредин, активист од Башкир кој напиша објава на социјалните мрежи дека статуата „Мајката татковина повикува“ не е доволно скромно обучена по стандардите на муслиманите и православните христијани, бидејќи се гледаат нејзините гради.
Тој нејзиниот изглед го оцени како „грешка на Советскиот Сојуз“ и повика да и се стави „шал на рамењата“.
Како и Агафонова, исто така и Ахијаредин беше мета на жестоки вербални напади од таканаречени патриотски социјални медиуми. Но, за разлика од Агафонова, истрагата против него е затворена откако тој понуди јавно да се извини.
„Гледајќи ги реакциите, разбирам дека за многумина ова не е само статуетка туку е татковина. Како личност која не сака поделби и конфликти во Руската Федерација, им се извинувам на сите ветерани од Втората светска војна, како и на оние кои не ме сфатија добро или беа навредени поради она што го кажав. Нашата земја минува низ тешки времиња. Војната во Украина, но и други работи. Мислам дека во вакви времиња, немаше потреба да објавам такво видео“, вели Ахијарединов.
Роман Заицев, адвокат во Волгоград изјави дека безбедносните сили сакаат вакви случаи, бидејќи тоа го крева нивниот публицитет во медиумскиот простор.
„Порано имаше некаков политички контекст или протестни активности, нешто што стоеше зад овие случаи, но сега тие се отвораат само поради статистиката“, истакна Заицев.
„Ви случајот со Агафонова, сосема е нејасно со кој гест таа да го навреди гробното место на споменикот. Нејзините постапки можете да ги сметате за груби, провокативни или глупави, но тешко дека можат да се третираат како криминални“, додава Заиецев.
Јелисавета Клочкова, од ОВД-Инфо, организација која ги следи политичките репресии, се согласува дека зголемениот интерес за овие случаи од страна на властите целосно одговара со другите генерални трендови вклучувајќи ја и сакрализацијата на Втората светска војна, пропагандна употреба на симболи поврзани со неа, всушност претставува потрага за наводни нацисти или нивни поддржувачи во земјата и странство.
„За агентите за безбедност, таквите случаи се само начин на исполнување на статистиките и привлекување на вниманието кон себе поради „разоткривање на идеолошки злосторства“, изјави Клочкова за РСЕ.
„Постои и друг аспект. Треба да се заплашат луѓето. Силите за безбедност се секогаш гладни“, рече самопрогонетиот татарски политички аналитичар Руслан Ајсин.
Извор: slobodnaevropa.mk