Замислете дека планирате да одите на одмор со пријател, но ве има фатено мрза. Вашиот пријател се пријавува тој да ја среди целата логистика. Брилијантно. Сè што треба да направите е да се појавите. Но, тогаш откривате дека сте на лет со попуст во цената ама во 6 часот наутро па ќе останете без сон. Хотелот располага со заедничко веце, резервираните ресторани се вегетаријански, а баш сакавте да ги пробате месните делиции на Мароко. И наместо да одите на патување со камили, сте си купиле еднодневен курс за аранжирање цвеќиња.
Да се откажете од одговорноста истовремено значи да се откажете од моќта. Кога ќе ѝ го препуштиме на државата товарот за решавање на нашите проблеми, отсуството на лична одговорност отпрва е лагодно, но на крајот доведува до спротивни чувства: запрепастување, ограниченост и беспомошност.
Штом прифатиме дека куп наши приватни работи се работа на државата, нема враќање во деновите кога самите резервиравме летови и хотелски соби. Државите се разликуваат по тоа како се организирани, но ретко се разликуваат во овој поглед: тие никогаш не ја враќаат предадената моќ.
Со оглед на тоа што забраната за пушење на Риши Сунак ужива мнозинска поддршка, јасно е дека повеќето Британци ја сметаат за безопасна. Предлог-законот за тутун и вајпање, кој помина во првото читање во Долниот, прави да е незаконски сите родени после 1 јануари 2009 година да купуваат тутунски производи до крајот на својот живот.
Да се порасне оваа и сите наредни генерации без тутун. Кој би можел да приговара на тоа?
Јас би можел. Сега не им дозволуваме на малолетници да купуваат цигари. Но, сосема друга работа е закон да ги следи тие деца во нивната зрелост и да донесува одлуки наместо нив во области кои треба да станат нивна работа.
Прагматично, овој закон ќе се покаже како кошмар за спроведување и сигурно ќе служи за потсмев. Теоретски, во 2091 година, 83-годишник (кој, да речеме, веќе има рак во терминална фаза) не ќе може да купи кутија цигари за да ги испафка во последните денови, ама затоа неговиот 84-годишен цимер ќе може.
Дали сакаме да носиме закони кои важат за една зрела возраст, но не и за друга? Би било подемократски доследно да се забрани пушењето за секого и продажбата на тутунски производи секому да се направи нелегална.
Што, се рабира, би било неизводливо. Црниот пазар би процветал, додека во државната каса би снемало десетина милијарди фунти. Луз-луз. Затоа Сунак си игра со 15-годишници кои не можат да гласаат. Секое теоретско откажување од давачките за тутун се одложува додека тој не ја напушти функцијата.
Ако го прифатиме овој принцип на генерациска дискриминација, нема крај на аспектите од животот на помладите луѓе кои државата може да ги контролира, бидејќи малолетниците не можат да се противат преку гласачката кутија. Да речеме дека не можат да возат коли на бензин. Или воопшто да не можат да возат автомобили. Не можат со авион – тој прави премногу емисија на јаглерод. Не можат да купат чипс или бисквити. Можеби можеме да ги принудиме да трчаат двапати околу фудбалски терен пред да им биде дозволено да нарачаат ручек од растително потекло.
После која ли генерација со вакви закони, Британците конечно ќе станат совршени луѓе, убер-раса? Никогаш дебели, пијани или шворц, секогаш возени со јавен превоз. Благодарејќи на добродушноста на државата, нашите деца ќе бидат законски спречени да ги направат грешките што ние ги правевме. Има само една мала цака: тие нема да живеат во демократија.
Ако во овие социјално дизајнирани совршени возрасни останало некое зрно лутина, веројатно ќе станат сериски убијци.
Животот е полн со ризици. Ги имаме на ум секогаш кога ќе поминеме улица или ќе нарачаме ребра во фурна, наместо салата од прокељ. Убаво ако мислите поинаку, но јас, како возрасен, сакам да контролирам што јадам, што пушам, што пијам, дали се возам со авион, колку тежам, колку вежбам и, без оглед на даноците, што купувам. За возврат, ја прифаќам одговорноста за тие одлуки. Не сакам да ја префрлам таа одговорност на Риши Сунак или на кој било друг.
Околу прашањето колку пушачите го чинат јавното здравство, тоа погрешно се сфаќа како однос колку приходи државата остварува од давачките за тутун наспроти тоа колку пушачите директно ја чинат државата со своето лошо здравје. Ух-ух, пушачите му заштедуваат огромно парче на јавното здравство, не поради давачките за тутун туку затоа што, во просек, умираат порано, а огромен дел од здравствените трошоци се таложат во напредната возраст.
Малку пошироко, сè уште се опоравуваме од речиси фаталното предозирање со авторитаризам на јавното здравје за време на пандемијата. По сите маски, социјални дистанци и собири не повеќе од шест луѓе, имаме приближно ист број смртни случаи како што ќе имавме ако ни се веруваше да ги пресметаме нашите сопствени ризици, имаме деца кои заостанаа во образованието и имаме планина долгови.
Се соочуваме со уште поголем авторитаризам во однос на климата, ни се заканува апсолутна државна контрола за тоа каде и како можеме да патуваме, како и дали можеме да останеме згреани и што можеме да јадеме.
Во слободна земја, самите носиме свои одлуки, вклучително и погрешните. Сами резервираме свои хотели, макар и го утнале вецето.
Лајонел Шривер, писател и новинар, автор на книгата „Манија“
************
Види и:
Пушењето е субверзивна дејност
Дежуловиќ: Гаси цигарата, стоко со жолти заби!
Жижек: Стапиците на политичката коректност
Џо Џексон: Пушењето, лагите и државата-дадилка
ИЗВОР: off.net.mk