Сага за Работничкиот дом – зградата во која се судрија социјализмот и капитализмот

April 11, 2024
5 mins read

Изгубија со 3:0 и не се откажуваат, вели Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија(ССМ), додека ја врти дебелата црвена папка со документи од минатиот век, во канцеларијата на десетиот кат во зградата на ССМ.

Документите се за изградбата токму на оваа зграда, која повеќе од шест децении била на синдикатите. Сопственик треба да биде државата, одлучи Врховниот суд со пресуда што ја објави во јануари 2024 година.

„Ова место е свето за нас. Ако ние работниците ја изгубиме зградата на Сојузот на синдикати, и многу други ќе ги изгубат зградите од времето на поранешниот систем. На сите да им е јасно дека ова не е само наша борба“, уверува Трендафилов.

Слободан Трендафилов, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Слободан Трендафилов, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)

Во корист на ССМ се повеќе од 15 судски пресуди, од кои шест се само во периодот 0д 2005 година до денес – освен последната пресуда на Врховниот суд.

Со неа, по 30 години правни битки, Врховниот суд наложува зградата позната како Работнички дом да се одземе од ССМ и да ѝ се даде на државата.

Образложението на врховните судии е дека „имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост“.

„Ова го нема никаде во светот, па ни во поранешните југословенски републики со кои бевме во ист систем. Синдикатот никогаш не бил државен“, коментира претседателот на ССМ.

Работничкиот дом е импозантен објект, со 13 ката на 8.684 квадратни метри на атрактивна локација во строгиот центар на Скопје. За работниците е симбол на нивниот дух, местото каде се носат сите важни одлуки за работничкото движење.

Зградата почнала да се гради во 1958 година. Според сведоци од тоа време, е меѓу ретките што го преживеала разорниот земјотрес во Скопје пет години подоцна, во 1963.

Веднаш наспроти неа се градат висококатниците на паркингот кај хотелот „Холидеи ин“, кои треба да се спојат во голем станбен комплекс во срцето на Скопје.

Михајловска: И членарината ја третираат како општествена сопственост

Даница Михајловска била правничка во ССМ повеќе од три децении. Од 90-тите години на минатиот век, кога првпат се вклучила во постапката да се докаже дека зградата е сопственост на ССМ, па до неодамна, собирала документи – од архивата на синдикатот, од државниот Архив, од Катастарот…

Вели, наредени се „под конец“ во црвената папка и сите документи се оригинални.

„Оваа пресуда ја чувствувам ова како личен неуспех. Толку многу труд вложив, толку многу години, за да докажеме нешто што е ноторна вистина. Што е најнепристојно за мене како правник, дури и членарината што ја плаќавме ја третираат како општествена сопственост“, вели Михајловска.

Даница Михајловска, поранешна правничка во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ)

Даница Михајловска, поранешна правничка во Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ)

Синдикатот плаќал, Врховниот суд смета дека не можел да има пари и имот

Во купот документи на кои се повикува ССМ има инвестициона програма од 1948 година, договор за расчистување на просторот, договор за градба со градежното претпријатие „Пелагија“- Велес, документи за плаќања, одобрение за употреба на објектот…

„Сите документи се на име на ССМ како единствен инвеститор на Работничкиот дом. Нашите родители со свои пари го граделе. Кога почина татко ми, во неговата архива имаше членска книшка од синдикатот, со платена членарина. Какво е ова право? Неправо? Како тргнале, ако го земат нашиот дом, утре и станот можат да ви го земат. Ваквата одлука создава правна несигурност кај граѓаните“, вели Михајловска.

Според документите, ССМ (или Единствени синдикати на Македонија како што порано се нарекувале) уште во 1948 година обезбедиле 10 отсто од парите за изградба на Работничкиот дом. Во следните 10 години ги обезбедиле сите потребни средства за изградба.

Државата, според Сојузот на синдикати, нема ни еден доказ дека инвестирала еден тогашен динар во изградбата.

Но, Врховниот суд смета спротивно – дека во периодот кога била градена зградата, правниот претходник на ССМ бил општествено политичка организација, која не обавувала стопанска дејност. Затоа, според судиите, немала и не можела да има сопствени приходи за стекне имот.

„Тужениот како општествено правно лице, а не како граѓанско правно лице
имал право на користење на општествените средства, а право на
располагање само под одредени услови предвидени со законот“, пишува во пресудата.

Врховниот суд се повикува на член 82 од Законот за здруженија на граѓани и фондации, донесен во 1998 година, „според која имотот и средствата доделени на општествените организации и здруженија на граѓани, добиени на користење од страна на поранешните општествено-политички заедници и самоуправни интересни заедници, се државна сопственост“.

Исто така, според врховните судии, пониските судови погрешно го применувале правото кога тужбеното барање на државата досега го одбивале како неосновано.

Сојуз на синдикати на Македонија, 9 април 2024 година

Сојуз на синдикати на Македонија, 9 април 2024 година

Радио Слободна Европа праша во Државното правобранителство, зошто смета дека зградата на ССМ е добро од општ интерес за државата. Од правобранителството одговорија дека тие само постапувале, а за одговор на прашањето посочија на владата.

Кога ССМ ја објави пресудата на Врховниот суд, за став беше прашан Димитар Ковачевски, кој тогаш беше премиер. Тој се огради дека не коментира судски одлуки, но застана на страна на ССМ.

„Јас сум член на Синдикатот од 1999 година и сум стопроцентно на страната на ССМ, на страната на работниците. Да живее Синдикатот, да живеат работниците и работниот народ на Република Северна Македонија“, изјави Ковачевски на 24 јануари.

Кој прв почна?

Првата одлука да се одземе Работничкиот дом од ССМ е од 9 јули 1992 година, од владата на тогашниот премиер Никола Кљусев. Одлуката ја укинал Уставниот суд, неколку месеци подоцна.

Сопственоста на ССМ ја оспорил и поранешен ПИОМ, кој едно време бил потстанар во зградата. Почнале управни постапки во тогашниот Катастар, кој, според Михајловска, во 1996 година го запишал Сојузот на синдикати на Македонија како сопственик на зградата.

Од 1996 до 2004 година постапки покренувало Државното правобранителство. Од ССМ велат дека имаат и пресуда од Врховниот суд од 2004 година, која „потврдува дека зградата е во сопственост на ССМ“.

Дел од документите за сопственоста на зградата на ССМ, со кои располага Сојузот на синдикати на Македонија

Дел од документите за сопственоста на зградата на ССМ, со кои располага Сојузот на синдикати на Македонија

Правобранителството не се откажало, па по 2005 година имало уште судски постапки. Последна алка во спорот бил Врховниот суд.

„Пресудата на Врховниот суд не е донесена едногласно, нашите информации се дека две судијки имале издвоено мислење“, вели Трендафилов.

За предметот одлучувале врховните судии Шпенд Деваја – претседател на советот, Јелица Крстевска, Наке Георгиев, Анита Бошковска и Исамедин Лимани.

Мотиви и следни чекори

Претседателот на ССМ нема информации дека некој сака да ја „присвои“ зградата. Според него, ако објектот стане државен, „ќе пропаѓа како и многу други згради за кои државата воопшто не се грижи“.

„Главната цел е да се уништи симболот на работничкото движење, да се обезглават синдикатите, да нѐ скршат и олигархијата да прави што сака. Тоа нема да го дозволиме. Сите протести и штрајкови се почнати од тука,и за протестот на 1 мај од пред Работничкиот дом ќе тргнеме“, вели Трендафилов.

Иако Врховниот суд е последна судска инстанца, синдикалците не се откажуваат и ја продолжија битката преку вонредни правни лекови.

ССМ поднел предлог да се повтори судската постапка. Според нивни информации, 18 април треба да се одржи рочиште во Основниот граѓански суд кој треба само да го препрати предметот во Врховниот суд. Потоа, Врховниот суд треба да одлучува по барањето да се повтори постапката со истиот судечки совет кој ја донесе првичната одлука.

Синдикалците очекуваат најдоцна до 1 мај врховните судии да ја укинат пресудата и сопственоста на зградата да ја вратат на синдикатот – или во најмала рака, предметот да го вратат на повторно судење.

Во меѓувреме, ССМ поднесе барање и до Уставниот суд, за заштита на правата и слободите. Очекуваат уставните судии да се заинтересираат за предметот затоа што и самиот Уставен суд има одлука од 1992 година според која работничкиот дом е на ССМ.

Ако тоа не се случи, ССМ ќе почне постапка пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

За разлика од порано, сега во зградата на ССМ нема други организации како потстанари. Целиот објект се користи потребите на 20 гранкови синдикати, членки на ССМ, со околу 70.000 членови.

Извор: Радио Слободна Европа

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Шумските пожари лани уништиле над 500.000 хектари земјиште во ЕУ

Следно

Митровски во СТУДИО 10: Сакам да се обнови Универзална сала каде што го минав животот

Latest from Blog

Холандските обвинители работат на блокирање на извозот на делови за авионите Ф-35 во Израел

ХАГ (АА) – Главниот обвинител на холандскиот Врховен суд побара одобрување на одлуката на Апелациониот суд за стопирање на извозот на делови за борбените авиони Ф-35 во Израел, се вели во официјалното

Во тешка сообраќајка загина Живко Пејковски, поранешен пратеник

Во сообраќајна незгода денеска загина Живко Пејковски, поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на затворот „Идризово“. Веста за неговата смрт ја потврди и неговиот син преку објава на социјалните

Фетаи: Неселективна и примерна правда за кривични дела говор на омраза и нетрпеливост

Потпретседателот на Владата на Македонија, одговорен за политиките на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска го осуди палењето на македонското и албанското знаме, опишувајќи ги како кукавички чинови, кои сведочат за опасниот раст

Скаловски: Институтот за родови студии е во алармантна состојба поради недостаток на кадар

Семејното насилство, фемицидите и дискриминациите, во отворена или камуфлирана форма, и натаму опстојуваат за жал, и тоа е и светски тренд. Но тоа не смее да биде оправдување за да се откажеме

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година

Собраниската Комисија за финансирање и буџет вечерва го заврши претресот на амандманите по Предлог-буџетот за 2025 година. По амандманската расправа, како Дополнет предлог-буџет документот се враќа во Владата на финално одобрување по
Go toTop