Кандидатите кои претендираат на највисоката функција во државата, мислам дека не претеруваат, нема поизразени негативни политики. Очекувано е да ја изразуваат својата опција и повеќе или помалку сега тоа е веќе јасно кои се нивните ставови кон каде треба да се движи државата. Кога ги гледам членовите на Уставот кои се однесуваат на претседателот на државата, размислувам кој од овие кандидати ги исполнува перформансите да биде претседател. Не одам навивачки, но Пендаровски и Османи имаат искуство во надворешната политика, исто како и во однос на безбедноста оти претседателот е командант на оружените сили. Во однос на кандидатката Давкова Силјановска не спорам дека е интелектуалка и истакната професорка, но во однос на нејзиниот настап имам резерви колку е таа способна да ја врши функцијата претседател. Да конкурираше за некоја од највисоките функции во правосудството јас ќе ка поддржев оти ќе дадеше голем придонес. Кандидатката Ванковска е интересна личност. И таа е интелектуалка, но ако со таа интелектуалност скршнуваш во погрешна идеологија можеш да се удавиш во својата интелектуалност. И имаме тројца градоначалници кои се кадидираат за претседател. Тие можеби се покажале успешни во компетенциите како градоначалници, но едно знам – да не претеруваат кандидатите дека ќе одат во втор круг. Јас гледам двајца кандидати кои ќе влезат во вториот круг, а тоа се Пендаровски и Силјановска Давкова. Од страна гледано е пореално, вели политичкиот советник Исмет Рамадани во СТУДИО 10 на ТВ 24.
Почетокот на кампањата претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова го започна на огромен сенароден митинг на кој беа присутни околу 50 илјади луѓе, додека кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски кампањата ја започна со митинг во Прилеп на кој беа присутни околу илјада луѓе. Тоа може и да не е индикатор, но е факт. Има добра атмосфера, секаде присуствува и лидерот на партијата Христијан Мицкоски за да објасни дека е можна промена и дека ќе се спроведе. Со сто отдто сигурност велам дека во втор круг прва ќе биде Силјановска Давкова со разлика од над 100 илјади гласови пред Пендаровски. Ова не се мои очекувања, тоа е резултат на анкети кои сме ги спровеле во две изборни единици. Сите ги знаеме коментарите на народот за СДСМ и Пендаровски какви се, вели Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ, во СТУДИО 10 на ТВ 24.
– Мицкоски е во кампањата но не говори за парламентарни избори туку за кандидатката за претседател Силјановска Давкова. Мицкоски е најдобар кандидат, најпозитивен и најпосакуван политичар. Пендаровски постапува паметно кога вели – Јас не сум крадел, оти другите од СДСМ ги доживуваат какко негативци, вели Пандов.
Рамадани, пак, коментира дека Мицкоски е поинтересен на настапите оти професорката Давкова Силјановска има професорски манир на настапување што не може да создаде атмосфера, па тоа го надоместува Мицкоски.
– Од другата страна имаме актуелен претседател за втор мандат. И сега секој што е до него не може да биде над него. Пендаровски има еден „Кенеди“ стил на појавување и обично не се бави со лични навреди. Вториот круг ќе биде многу интересен. Тука веќе партиските определби ќе значат повеќе отколку какви се личности кандидати за следен претседател, вели Рамадани.
Рамадани не очекува јавни условувања на гласачите, а победата на двајцата кандидати ќе зависи од тоа како ќе одлучат да гласаат Албанците.
– Ако се повтори „Трајковски“ ефект од 1999, тогаш може да се случи голема разлика во гласовите а тоа зависи како ќе се однесува Давкова Силјановска кон Албанците. Но, ако таа заедно со Мицскоски не направи да остави простор да гласа албанската опозиција ќе има проблем. Тие треба да имаат јасна евроатлантска позиција и за односите регулирани со меѓународните договори. Ако ова не е јасно за Албанците, ниеден од лидерите на ВРЕДИ нема да има смелост да ги повика гласачите опозиционери да гласаат за Давкова Силјановска ако таа има резерви кон членството во ЕУ, вели Рамадани.
Тој додава дека ако по секоја цена од ВРЕДИ повикаат да се гласа за Давкова Силјановска, без гаранции за забрзан процес за влегување во ЕУ, тогаш ќе загубат многу на парламентарните избори.
– Ако во 1990-тите баравме образование, позиција во уставот и слично, тоа беше оквалификувано како националистичко барање. По 2001 година се покажува како национализам ако Албанците сакаат високи државни функционери Албанци. Треба да се ослободиме од тоа. Ние рамноправно креираме заеднички државни политики, вели Рамадани за барањето претседател да се бира во Собрание, но смета дека тоа нема да биде услов без кој не се може – условот без кој не се може за коалицирање ќе бидат уставните измени во однос на внесување на Бугарите во Уставот.
Пандов вели дека во Македонија постои јасна поделеност – сите граѓани, без разлика на националност сакаат СДСМ и ДУИ да ги видат во опозиција.
– За да дојде до тоа, треба масовно да излезе на гласање и да се гласа против СДСМ и ДУИ. Ако се согласивме дека во вториот круг ќе влезат Стево и Гордана, оние кои не гласале за нив е логично да гласаат за Силјановска Давкова, особено албанските опозициски гласачи. Ние немаме потреба да се докажуваме дека нашиот пат е кон ЕУ. И на најголемиот македонски националист сонот му е ЕУ оти само така ќе ја види Македонија обединета во сите три дела, а истото го чувствуваат и Албанците во регионот. Но, потребни се мали измени на тој бугарски или француски предлог и кога би се случило тоа до крајот на годината би продолжиле преговорите. Оти тој договор е направен за ние никогаш да не станеме членка на ЕУ, освен ако не прифатиме дека Македонија е творба на Тито, дека нема историја и јазик и слично, вели Пандов.
Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ со овие барања ќе биде поддржана од сестринските партии во ЕУ кои имаат разбирање, а освен тоа нема никаков сомнеж дека ќе се отвори борба против корупцијата за што впрочем говореше и амбасадорката на САД Анџела Агелер.
Рамадани, пак, е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ не е проруска партија, но со комплицирање на овие договори може да дојде и до комплицирање па и сериозно одолговлекување на процесот на приклучување кон ЕУ. Тој предупредува дека треба да бидеме пологични, додека Пандов вели дека тоа што го бара ВМРО-ДПМНЕ се само гаранции.
– Подобри времиња чекавме и за името, па дојдовме и до полошата варијанта за име ерга омнес. Затоа треба да се искористи моментот, оти подобар тешко дека ќе има, вели Рамадани и нагласува дека ова го кажува со најдобри намери кон македонскиот народ.
Извор: 24vesti.mk