Супервештачењето за „Ласкарци“ за обвинителот занемарило важни докази, за оштетените е пропаднат обид да одговара само возачот

February 2, 2023
4 mins read

Машинските инженери, потписници на супервештачењето, во судница ќе бидат присутни и наредното рочиште кога ќе одговараат на нови прашања на обвинителот Јакимовски, но и на дел од адвокатите на обвинетите

Дека автобусот на „Дурмо турс“ од несреќата на 13 февруари 2019 г. бил во континуирана неисправност, а поради пропустите одговорноста не е единствено на возачот, како и дека авторите на супервештачењето занемариле односно имале селективност во анализата на доказите, се дел од поентите кои денеска обвинителот Дарко Јакимовски ги истакнуваше преку неговите прашања на судско рочиште за трагедијата кај скопско Ласкарци во која загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.

Исто како и на претходното рочиште, и денеска обвинителот неколку часа поставуваше прашање кон вештаците кои по нарачка на судот го изработија супервештачењето откако имаше спротивставености во претходните две – едно вештачење од обвинителството и едно од одбраната.

Поважните прашања на Јакимовски денеска одеа во насока на тоа дека супервештаците не анализирале и не ценеле дел од важните списи во предметот за да дојдат до заклучокот што го напишале односно дека во автобусот не бил активиран системот за сопирање.

Едно од нив се однесуваше на тахографската лента на која имало манипулација со брзините – односно се покажувала помала брзина на возење од реалната.

„Кога ќе настанат вакви катастрофи, тахографската лента е основен показател на тоа што се случило, така ли е“, праша обвинителот.

Тоа се само претпоставки, ние може да одговараме само за наодот. Не можам да одговорам бидејќи не го анализиравме тоа“, рече вештакот Зеќирија Зеќири.

На ова обвинителот возврати со уште едно прашање-констатација дека основниот и најрелевантен показател вештаците не го ценеле, но биле во состојба да утврдат дека не е активиран системот за сопирање.

„Тахографите се друго“, кратко му одговори вештакот.

Серија прашања кон вештаците обвинителот Јакимовски имаше и во однос на техничките прегледи односно констатираните неисправности во ефикасноста на системот за кочење, но и на регуларноста на самиот технички преглед.

На автобусот кој излета од автопатот на 13 февруари 2019 година, регистрацијата му истекла на 18 декември 2018. Тогаш, тој поминал технички преглед, а регистрацијата била направена на 3 јануари 2019. Во тој период, констатираше обвинителот, возилото сообраќало нерегистрирано. Меѓутоа, нерегуларен е и техничкиот преглед.

До оваа констатација дојде откако тој потенцираше дека и супервештаците ја анализирале видеоснимката од техничкиот преглед во која се гледа како во рок од 11 секунди биле испитани сопирачките на првата, погонската и пратечката оска.

Која е целта на анализата на видеоснимката, што сакате со тоа да ни објасните, праша Јакимовски, на што еден од вештаците, Дамјан Мирчевски, одговори:

„Целта на анализата на видеата и сите останати елементи е да дојдеме до заклучокот до кој сме дошле. Тоа е дека извршениот технички преглед на 18 декември не е извршен согласно одредбите од правилникот односно не се извршени пропишаните проверки ниту пак од овој технички преглед постојат записи за извршени мерења за системот за сопирање на автобусот. За толку краток период, 11 секунди, не можело да се изврши мерење“.

Денешното рочиште за новинарите на моменти беше тешко за известување, со оглед дека често имаше ситуации кога повеќе присутни зборуваа во исто време, не се користеа микрофони, па дискусијата и одговорите не можеа да се слушнат целосно и јасно во делот каде што седи присутната јавност во најголемата судница во Основниот кривичен суд Скопје.

Во судница покрај споменатите Зеќирија Зеќири и Дамјан Мирчевски, присутна беше и вештакот Јованка Савовска. Четвртиот член на тимот, Иван Ѓоковски, поради неодложни обврски, а со согласност на сите странки, не беше присутен на рочиштето.

Како и претходното, и денешното рочиште почна со бројни приговори, но и реакции на дел од родителите и семејствата на настраданите во сообрќајаката, па по неколкуте дофрлања, реагираше и судијката Дијана Груевска-Илиевска која е на чело на судечкиот совет.

„Нема да дозволам нарушувања како минатиот пат, секое нарушување на редот во судницата ќе го казнувам. Ова не е единствен случај каде сме одлучувале за сообраќајки со смртни последици, и во други предмети родители имале некој загубен и нивната болка не била сигурно помала од вашата, па немале ваков третман. Нема да дозволам секој да му кажува на судечкиот совет што да прави. Ако имате забелешки, имате полномошници и институции реагирајте, и така секој втор ден давам одговори, цело време имате претставки за овој предмет како не сум го водела стручно или не знам што“,

рече судијката.

Роднини, пак, во изјава пред медиумите повторно изразија незадоволство од водењето на судскиот процес, а супервештачењето и сведочењата на неговите автори го нарекоа фарса. Извештајот велат е нарачка.

Благојче Трпески, татко на еден од настраданите патници / Фото: МИА

„Доктор на науки на најосновни прашања на обвинителот, еве ќе посочам и едно од нив кога на претходното рочиште обвинителот го праша супервештакот каков систем на кочење имал дотичниот автобус. Може да замислите супервештачење е, дотичното вешто лице да не знае каков систем на кочење има автобусот, дали имал хидрауличен, автоматски или воздушен. Значи, на секое прашање на обвинителот ги листа страните од тоа супервештачење, тоа се 50-60 страници, повеќе се слики и заклучокот се сведува на неколку страни. Тоа покажува дека ова е нарачано супервештачење од страна на судот, а посебно на одбраната … Гледате и судијката што го води овој процес дозволува буквално сè што ќе побара одбраната, односно бранителите на обвинетите со приговори, не дозволуваат обвинителот да постави едно прашање на одговор. Сведоци сме уште еднаш дека ова прераснува во Монти пајтон циркус. Судијата дозволува судењето да оди во погрешна насока“,

изјави татко на еден од загинатите патници, Благојче Трпески.

Адвокатот на дел од оштетените, Владимир Николовски, пак, пред медиумите излезе со оценка дека пропаднал обидот со ова супервештачење вината да се префрли само на возачот.

Владимир Николовски, адвокат на дел од оштетените семејства / Фото: МИА

„Јас имам увид и во машинското вештачење и во ова супервештачење. Сметам дека само наодот е ист, а заклучоците се различни. Жалам зошто се соочуваме кога претставник на тимот кој го изготвил супервештачењето кој е со највисок ранг на титула доктор на науки скоро на секое прашање поставено од обвинителот одговара со ’не знам‘, ’не се сеќавам‘, ’не можам да го утврдам‘, ’не го разбирам прашањето‘ и поради тоа сметам дека пропадна обидот на овие супервештаци целата вина да се пренесе само на шестообвинетиот – на возачот, а сите други кумулативни пропусти на другите обвинети да се занемарат. На прости прашања што се однесуваа на тие машински вештачења досега немаше конкретен одговор на ниедно прашање“,

рече Николовски.

Машинските инженери, потписници на супервештачењето во судница ќе бидат присутни и наредното рочиште кога ќе одговараат на нови прашања на обвинителот Јакимовски, но и на дел од адвокатите на обвинетите.

По нив, искази на следните рочишта ќе даваат и сообраќајни инженери кои го изготвија сообраќајното супервештачење.

Автобуската несреќа со 16 жртви и 37 повредени се случи на 13 февруари 2019 година кога автобус на „Дурмо турс“, кој возеше на редовна линија Скопје-Гостивар, излета од автопатот во близина на селото Ласкарци. Обвинети во овој судски процес се шест лица. Покрај возачот, на обвинителна клупа седат сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, како и тројца вработени во станицата за технички преглед. Првите тројца се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите за соучество во истото дело.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

Костадиновска – Стојчевска и Агелер во Хераклеја: Имаме уникатно богатство на чија заштита посветено работиме

Следно

Штрајк на вработените во компанијата „Кока-Кола“ во Германија

Latest from Blog

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор

Независниот синдикат на одбраната информира дека денес Министерството за одбрана исполни уште една своја обврска од колективниот договор, исплатени се средствата кои беа заостанати од потпишувањето на КД заклучно со јуни. Исплатата

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

Ова е старт, прв чекор во градењето на инфраструктура за електричната мобилност, што е клучно за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето од страна на транспортниот сектор, проблем што е

ОБСЕ: Насилството врз жените е голема бариера за создавање целосна еднаквост во општеството

Истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените кое денеска беше презентирано на јавната расправа насловена како „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, покажа загрижувачки резултати. „Половина

Роб Бауер: Сојузниците на НАТО ќе треба да инвестираат близу три отсто од својот БДП во одбраната

Сојузниците на НАТО во иднина ќе треба да одвојуваат средства за своите армии во висина од близу три проценти од бруто домашниот производ (БДП), за да ги спроведат новите одбранбени планови на

Осуден поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако, претходно прогласен за непожелен за САД

Албанскиот специјален суд против организиран криминал и корупција, попладнево му изрече казна затвор во траење од 2 години и 8 месеци на поранешниот градоначалник на Драч, Ванѓуш Дако. Под обвинение за „злоупотреба
Go toTop